1034 hPa
65 %

4 °C
Скопје - Пет, 07.02.2025 00:59
Отворен е периодот за номинација на дела за регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек#4“!
Ве покануваме да номинирате книги кои сметате дека се соодветни за наградата пополнувајќи го следниов формулар.
„Штефица Цвек“ е регионален книжевен избор кој се одржува четврта година по ред, со цел афирмација на бунтовни писателски и читателски практики, вклучувајќи феминистички, квир, деколонијални, класни и еколошки перспективи. Целта на овој избор е да се слави колективното влијание на делата кои ги предизвикуваат конвенциите, поттикнуваат критичка мисла и нудат нов поглед на актуелните прашања на нашето време.
Името е инспирирано од Штефица Цвек, антихероина од романот Во челустите на животот на Дубравка Угрешиќ – лик што ги исмева сите клишеа за тоа како жените треба да изгледаат, да се однесуваат или да живеат. Урешиќ е првата жена која ја освоила престижната НИН-ова награда, а нејзиниот роман класик ја деконструира патријархалната книжевност, поради што - Штефица Цвек е совршен симбол за овој избор. Ова е место каде што жените и квир автор(к)ите, истиснати од канонот (а и настроени против него!), ќе бидат заеднички сместени, не само за да бидат пофалени, туку и активно читани и критикувани. Ова е простор за секоја една книга што се осмелува да биде бунтовна, што го предизвикува постојаното и создава нови наративи – не само еманципаторни, туку и смешни, сурови, бизарни и неверојатно човечки.
Селекцијата собира книги од целиот регион – Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора – и тоа преку широки препораки од културни работници/чки и читател(к)и и други автор(к)и.
Испраќајќи ви го овој Прашалник посебен акцент ставаме на делата објавени на македонски јазик, за што ни треба твојата помош. Ако знаеш за книга што ги руши старите правила, номинирај ја!
„Штефица Цвек“ не е само книжевен избор – тоа е и културен протест, историја паралелна на доминантната.
КРИТЕРИУМИ
-Дела објавени во периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година;
-Дела објавени на БЦХС или на македонски јазик;
-Дела кои по својата содржина се истакнуваат како наративи кои содржат силна феминистичка, квир, деколонијална, неомарксистичка или еколошка димензија;
-Романи, збирки раскази, стихозбирки, драмски текстови, книжевни дела за деца и млади, и други интержанровски дела;
-Дела издадени преку издавачка куќа или самостојно/самоиздато објавени дела.
Своите предлози можете да ги испратите до 30 јануари, до 23:59 часот, а секој предлагач може да поднесе најмногу 6 предлог трудови.
Своите номинации можете да ги испратите пополнувајќи го формуларот за номинации достапен на следниот линк.
За дополнителни прашања, слободно контактирајте нè.
Ви благодариме за поддршката сите изминати години и за вниманието.
Слика: Thomas Allen