Дали лагата е повеќе „на страната на животот" од вистината?

20.01.2025 15:12
Дали лагата е повеќе „на страната на животот" од вистината?

 

Антропологот Мишел Розалдо пишува дека во споровите меѓу филипинските човекојадци на учесниците не им е битно дали се лаже или се зборува вистина. Тие велат дека „вистината“ помалку зависи од она „што се случило“, а повеќе од начините на комуницирање во кои е „најважно кој зборува, што зборува и на каков начин зборува“. Социјалниот контекст на канибалите, се чини, е ист со нашиот, сценско-капиталистички, предаторски, „макијавелистички“. Николо Макијавали, еден од втемелувачите на западната политичка мисла, вели: „Владетелот мора во себе да ги спои особините на лав со особините на лисицата: лавовската сирова снага со лисичјото лукавство, препреденост и дволичност при избегнувањето стапици. Владетелот мора да биде притаен и измамник“.

Да, слободно би можеле да речеме, можеби и на трагата на Дарвин: политиката, вештината да се управува со луѓето, не само што е флагрантно и постојано лажење, туку е и е своевиден канибализам, меѓусебна борба во рамките на истиот вид, за преживување или за подобар статус. Кога го велам ова не сакам да ја омаловажам политиката, таа темелна социјална вештина со помош на која се гради секоја човечка заедница, туку да укажам на измамничката природа на човекот, па и на целокупната природа.

Дека мажите и жените, а богами и боговите, отсекогаш биле измамници, доказ е и втемелувачкиот мит на човештвото. За едвај нешто повеќе од една недела од создавањето на светот, Ева била измамена од лукавата змија, таа самата го довела Адам во искушение, а Господ лично бил фатен во лага. „Само од родот на она дрво среде градината, рече Господ, не јадете и не го допирајте, за да не умрете.“ „А змијата ѝ рече на жената: Вие нема да умрете.“ Ева го вкусила јаболкото и не умрела; не умрел ни Адам.

Окото и увото се лажливи сведоци кај луѓето со варварска душа - гласи славната реченица на Хераклит. Како тогаш да им веруваме на сопствените очи и уши ако душите ни се варварски? И понатаму: како да се снајдеме во лажливиов свет? Како да ги разликуваме работите, да научиме да ја требиме вистината од лагата, да ја согледуваме и другата страна на информациите, со усул да им приоѓаме дури и на наизглед блиските нешта? Како да научиме ем да веруваме (оти тоа сопствените емоции го бараат од нас), ем да ја негуваме здравата недоверба кон работите, дури и кога ни се во сопствениот двор, кога се однесуваат на нашите блиски, роднини, пријатели, колеги, сопартијци?

Особено денес, во ерата на „транспарентноста", во ерата кога масовно и неверојатно вешто се манипулира со чувствата и идеите на луѓето, прашањава стануваат повеќе од важни; стануваат лични, животни, „биополитички", секому потребни за основно снаоѓање во компликуваниот социјален живот.

Еден театарски човек го замислил филозофот Сократ, пред 25 века, со следнава реченица: „Има работи поважни од вистината!“ Пред 4 века Монтењ пишувал дека за која било работа можат да постојат безброј невистини, но само една вистина. Џереми Кемпбел, автор на извонредната книга „Приказната на лажгото" (од која е инспириран текстов), вели: „Особено денес идејата дека вистината е џуџе, глупак и давеж во однос на чудесно блескавата инвентивност на невистината, поминува подобро од кога било.“

Во книгата од 2001 година која зборува за улогата на лажењето и невистината кај животните и луѓето Кемпбел пишува: „Некои научници се прашуваат дали нагонот кон вистина воопшто е еден од основните нагони на живото суштество. Дали невистината е само паразит на вистината? Или можеме да речеме дека таа е нешто поосновно од вистината? Таа секако има буен живот во долгата приказна на еволуцијата. Во многу случаи, измамата е повеќе правило отколку исклучок. Светулките во текот на целиот живот добиваат повеќе лажни отколку вистинити сигнали, а некои видови птици почесто испраќаат лажни отколку стварни сигнали за узбуна. Она што овде се случува е: колку мамењето е почесто толку е поинтензивна природната селекција низ која се зголемува можноста за негово разоткривање, што за возврат ја засилува природната селекција низ која се усовршува способноста за убедливо мамење. Конечно, природната селекција доведува до нов вид измами, до мамење на себе самиот во поглед на измамата која е наменета за некој друг. Кога измамникот својата измама ја крие од себе самиот, таа со самото тоа станува поубедлива во очите на жртвата.“

Кетрин Крег во текстот „Мрежите на измамата“ го дава примерот на фасцинантниот пајак Сребрена аргиопа: „Ингениозна е високо-технолошката вештина за предење кај пајаците, тие мајстори на инженерството и на нежниот лов. Некои од нив креираат сложени и суптилни специјални ефекти, оптички измами кои функционираат како смртоносни стапици за нивните наивни жртви. Лукавата сребрена аргиопа излачува толку тенки нишки пајажина што тие се речиси невидливи и ги плете своите мрежи на сончеви места каде што тие полесно се гледаат. Сите пајаци прават свиленкасти нишки, но овој вложува посебен труд во произведувањето проѕирни конци. Лукава до крајност, аргиопата врз својата пајажина везе нападни цик-цак шари кои снажно ја рефлектираат ултра-виолетовата светлина. Засенетиот инсект-намерник ги помешува тие шари со штрафтите и шарите на цветните латици - кои се негова вистинска дестинација. Дезенот, како некаков код за воена комуникација, се менува секоја ноќ, за збунетоста на пленот да биде уште поголема. Можеби прамените пајажина кои аргиопата ги вткајува во својата мрежа, а од кои се одбива ултра-виолетовата светлина, се и средство инсектите да се наведат да „помислат" дека летаат кон отворен простор, бидејќи таквата светлина природно извира само од небеското пространство.“

Мене ми е прекрасен и примерот на пеперугата (Archaeoprepona) чии крила личат на нејзината глава, за да ги залаже грабежливците кои, програмирани да ја напаѓаат главата, наместо неа одгризуваат дел од крилото. Врз крилата на друга пеперуга, Lycaenidae, има шари налик на змиски очи, кои ги одвраќаат грабежливците.

Но, важно е да се согледаат и други еволуционистички принципи, не толку каузални и логични. Соодветноста на единката спрема средината и на средината спрема единката не мора да биде сосема прецизна за единката да просперира. Потребно е само единката да биде подобро прилагодена од нејзините конкуренти. Како што вели Кемпбел, природната селекција не е чувар на статус кво, некаква кибернетска сила која животинските видови по потреба би ги буткала или влечела, за да им обезбеди стабилност и непроменливост, туку е носител на новости, кој понекогаш создава животни форми со вџашувачка, па и бизарна оригиналност. И Дарвин, впрочем, за да ги поткрепи своите аргументи во прилог на природната селекција, постојано трагал по необичности, отстапувања, несразмерности, по маргиналното и исчашеното.

Фридрих Ниче го сметал светот за суров, противречен, измамнички и бесмислен, од што заклучувал дека нам лагите ни се неопходни за воопшто да можеме да живееме во толку гнасна стварност. Кемпбел прашува: дали тоа значи дека невистината е повеќе „на страната на животот" од вистината? Можеби таа повеќе придонесува за кохерентноста на човечката и на која било друга природна заедница, отколку честопати едностраната вистина која може да биде немилосрдна, опасна и разурнувачка?

Една од парадигмите на современото знаење е теоријата на сложеноста и хаосот. Идејата за едноставноста се распаѓа, вели Иља Пригожин, еден од творците на теоријата на хаосот. Се појавува нов вид дуализам, една изненадувачка дистинкција помеѓу простото и сложеното која подразбира дека едноставноста може да создаде толку запрепастувачка сложеност што е тешко да се поверува дека тие две работи имаат било што заедничко, како и тоа дека сложеноста може да произведе себеси толку несродна и своевидна едноставност што човек може само да се чуди како таков родител можел да има толку ненормален пород. Едноставноста, значи, не е достигнување на дното на работите, свлекување на природата до гола кожа; таа попрво е начин на согледување на светот, кој подазбира големо количество сложеност, но оваа је третира како нешто проѕирно и небитно за непосредните задачи. Тоа дали нешто е просто или сложено зависи од прашањата што ги поставуваме. И тоа никогаш не е едноставна ситуација. Вистината често лежи на местата каде што простото и сложеното се вкрстуваат.

Нешто слично вели и поетесата Адриен Рич: „Не постои 'таа и таа вистина' или 'некоја вистина' - вистината не е ствар, не е дури ни систем. Таа е растечка сложеност. Шарите на тепихот се само неговата површина. Кога ќе го погледнеме одблизу, или кога ќе станеме ткајачи, ги запознаваме безбројните ситни конци, со јазли врз наличјето на тепихот, кои и не се гледаат во шарите на површината".

Писателот и теоретичарот Џорџ Стајнер вели: „На секое ниво, од најгрубата камуфлажа па до поетската визија, јазичната способност за криење, дезинформирање, замаглување на смислата, претпоставување, измислување, неопходна е за рамнотежата на човечката свест и за развојот на човекот како општествено битие.“

(2006)



Колажи: Dani Sanchis

ОкоБоли главаВицФото