1034 hPa
65 %

4 °C
Скопје - Пет, 07.02.2025 00:59
Демократијата е под закана, но мнозинството од нас не го сфаќаат тоа. Веројатно така би можеле да ги опишеме ставовите и расположенијата присутни во најголем дел од земјите на Западот. Силите што се борат против демократијата се појавуваат насекаде, имаат голема моќ и немаат скрупули. Тие што не го гледаат тоа се наивни.
„Во овој понестабилен и поопасен свет, демократиите мора да преземат акција“, смета заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска. „Со влегувањето во НАТО Шведска мина низ сложено патување, приклучувајќи се на заедницата на вредности, демократија, слобода и владеење на правото“, порача Шекеринска на безбедносната конференција посветена на стратешката визија на НАТО со новото раководство, која деновиве се одржа во шведскиот зимски туристички центар Селен.
Шведска и Финска, две развиени демократии неретко опсипани со високи оценки и пофалби во меѓународните истражувања и вреднувања, влегоа во НАТО семејството, зајакнувајќи го неговиот демократски корпус. Го внесоа и владеењето на правото, како силен гарант на слободата и демократските вредности.
Во повеќе од половина од европските земји, вклучувајќи ги и членките на НАТО, степенот на владеење на правото е намален во текот на изминатата година. Можеби не толку во скандинавските земји, кои и понатаму се на врвот на табелата, според извештајот на „Ворлд Џастис проџект“ за 2024 година, но Турција, втора по големина армија на НАТО, е пласирана на дното меѓу европските земји, заедно со Русија.
Дното на табелата редовно е резервирано и за балканските земји, вклучувајќи ја, се разбира, и НАТО-членката Македонија, многу слабо позната по почитувањето на принципите на правната држава и владеење на правото, и по почитувањето на демократските принципи во функционирањето на институциите. Двата процента доверба во македонското правосудство се дел од поразителниот биланс на перцепцијата доминантна во пошироката јавност.
Прашањето за функционална демократија и владеење на правото, гледано според широчината на НАТО и неговите 32 членки, е, најблаго речено, дискутабилно. Тоа не би можело лесно да се поттурне како малку насобрана прашина под тепихот, за да не се гледа, без оглед во колкава мера во моментов е несоодветно да се зборува за заземање страна и покажување „разбирање“ за заканите кои европските демократии ги доживуваат од страна на Русија и авторитарниот режим на Путин.
Што се однесува до заедницата на демократии, онака како што, на пример, ги гледаме и доживуваме скандинавските земји, во нив, од почетокот на руската војна во Украина, владее речиси хомогена осуда на таквата примена на воена сила за постигнување цели во меѓународните односи. Високите дострели на либералните демократски вредности во западноевропските општества се изложени на притисок. На шведските телевизиски канали веќе не можете да слушнете никакво друго мислење, или барем малку поинаква перспектива при анализирање на војната во Украина и нејзините последици, освен од десетина дежурни репортери и аналитичари, воени експерти и актуелни министри. Никакви „поинакви“ мислења не можат ни случајно да го пробијат или на некаков неконтролиран начин да прелетаат преку цврсто поставениот медиумски ѕид зад кој се пласираат информации до јавноста. Слободата на изразување, правото на информации од повеќе независни извори, медиумските слободи, сето тоа се вбројува во традиционалното сфаќање на придобивките во либералните демократии. Но медиумската слика во Данска или во Шведска е прилично поразлична од онаа во, да речеме, Унгарија или Словачка, кои се исто така членки на НАТО, но не се откажуваат од своето право да размислуваат поинаку.
Требаше ли Доналд Трамп да победи по вторпат на американските претседателски избори за да се зајакнат сознанијата за тоа? Екстремната десница и популистите веќе ги диктираат условите и принципите на владеење во повеќе европски демократии, а забележаа и големи успеси на ЕУ-изборите. Традиционалниот партиско-политички естаблишмент во Франција и Германија, и во други земји, се соочува со големи проблеми во изнаоѓањето решенија за коалициски капацитет. Последица на тоа е опаѓање на симпатиите и довербата меѓу нивните избирачи. Тоа, исто така, не може да се одвои и да се тргне настрана од темата на зголемените закани пред кои е исправена демократијата во глобални рамки. Но и самите либерали тешко се престројуваат за да можат на поефикасен начин да одговараат на предизвиците на промените.
Исплашени луѓе престануваат да размислуваат критички. Шведската демократија, во еден од најзначајните нејзини историски мигови, не се повика на највисокиот механизам, референдум, пред зачленувањето во НАТО. Партиите во парламентот решија сами да ја донесат таа одлука, без да побараат мислење од граѓаните. Аргументот беше дека Шведска морала да се приклучи за да ја осигури сопствената безбедност.
Сега некои политичари и коментатори велат дека заканата против Шведска всушност е зголемена, оти членството во Алијансата ја прави земјата легитимна цел. Како што некои шведски коментатори забележаа, тоа е токму она што „ние презрените и исмеани противници на НАТО“ рековме дека ќе се случи. Дали се очекуваше повторното доаѓање на Трамп за да се засилат недоумиците околу тоа прашање? На безбедносните конференции, како споменатата одржана во шведскиот Селен, како и обично, не се случува спротивставување на различни мислења и гледишта. Поканетите учесници, всушност, само меѓусебно си ги потврдуваат анализите, од кои медиумите потоа извлекуваат бомбастични наслови што внесуваат страв и несигурност меѓу граѓаните.
Западните либерали зборуваат за надвиснатата опасност од ширење на војната и дека сѐ друго мора да се тргне настрана во име на безбедносната политика. Има пари за оружје, но не и за основната благосостојба и за секојдневните потреби на обичните луѓе. Се ограничува слободата на говорот и на медиумите, на демократијата, во НАТО и надвор од него. А тоа е, судејќи по сè, само почеток.
Слики: Vladimir Kazanevsky
Извор за текстот: Слободен печат