1034 hPa
65 %

4 °C
Скопје - Пет, 07.02.2025 00:59
Поради младешка ултраистичка
грешка
стана креолски, портењо,*
на кичот и татковината верен,
сентиментален поет.
Со сведоштвата за туѓото бесчестие
во едно списание за госпоѓи,
стана класик
(генијален и бесмртен).
ГИ наполни својата куќа,
својот живот,
со играчки:
го измисли викингот и
нороикот,
им додаде зачин на Шопенхауер
и Стивенсон,
на апориите на Зенон
и Илјада и една
ноќ
со успорувањата, повторувањата,
парадоксите и карамболите
на изминатото, настапувачкото и
замрзнатото време.
Неговата соба со играчки
секогаш била некаков
bric-a-brac:**
тигрови, огледала, сабји,
лавиринти,
гиздавци, сништа, двојници,
господа и
асексуални сеништа.
Премногу остроумен
за да пишува романи,
се умножуваше
низ необичните приказни,
совршени, умни
и студени како кругови.
Бескрајна лектира,
фантазијата и софизмите играа криенка
а бавната желка
секогаш ја добиваше трката
против леконогиот Ахилеј.
Од грубиот
шпански
полн со бучава и бес
направи збиен, прецизен,
пуритански,
луциден јазик
на доброто образование.
Ја измисли прозата
во која имаше колку зборови
толку идеи.
Живееше читајќи и читаше живеејќи
- што не е исто -
оти сè
во вистинскиот живот
го плашеше,
најмногу
сексот и
перонизмот.
Беше малку анархичен
аристократ,
без пари,
конзервативен,
агностик,
опседнат со верата,
интелектуалец-ерудит,
софист,
вражуле.
Кога сè ќе се собере
и одземе:
најистенчениот и најотмениот
човек на своето време.
И,
веројатно,
глеј реткост:
добар човек.
Фиренца, 4 јуни 2014.
* Porteño, на шпански буквално „жител на пристаниште“; прекар за жителите на Буенос Аирес. (заб. прев.)
** Bric-a-brac (француски: Bric-à-brac) - изразот се појавил во викторијанската ера, околу 1840 година, и се однесува на помали уметнички предмети што формираат необични збирки. Францускиот израз потекнува од 16 век, со значење: „случајно, на старински начин“. (заб. прев.)
Превод: П. В.