1034 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Пет, 07.02.2025 02:59
Колку што човечката заблуда е поголема, толку е освестувањето потешко и потегобно. Колку што е заблуденоста помасовна и подолготрајна, толку помала е веројатноста генерациите родени во нејзините прегратки да дојдат и на мисла да го симнат превезот од очите. И колку што оваа системска заблуда станува посеопфатна и ги плави сите брегови на општеството, толку таа станува единствената можна стварност за нејзините поклоници (колку и таа да е далеку од стварната стварност), и умствена оптика или светоглед што се сервисира и одржува единствено со алатките и методите на тоталитаризмот.
И, бидејќи заблудата што го чини лажниот светоглед честопати мора да ги негира очигледните факти на стварноста, таа мора во целост да се потпира на човековата потреба од верување отелотворена во неограничениот религиски капацитет на општествата. Исто така, за да се одржува бесконечно заблудата, мора да го форсира ирационалниот и магискиот начин на мислењето, а да ја потиснува и казнува критичката мисла и рациото. Зборувам, всушност, за тоталитаризацијата на Европа и Америка, на колективниот Запад, во чијашто географија и култура историски сме нурнати и ние – граѓаните на Македоња Норд, и за чијшто ректум сме политички закачени како крлеж. Како крлеж што сонува да стане интегрален дел од телото на домаќинот, и тоа во форма на хемороид.
И додека одржувањето на заблудата за „демократскиот свет“ и за илузорните „слободи“ и „вредности“ ми е самата по себе јасна, зашто се работи за вообичаените тоталитарни механизми на перење на мозоците и на длабинска контрола на сите аспекти од животот на поданиците, ми остана мрачна и неспознајна мистеријата на моментот на пресвртот. Зашто, да се разбереме, се работи за вистинска контрареволуција, назаечки салто мортале и превртување за 180 степени на сите познати „вредности“, што се има случено некој мистериозен миг, во самиот историски момент кога ние на истокот на Европа повторно станавме примитивни варвари и дежурни лошковци, а најсуровите масовни убијци во историјата, некогашните европски глобални империи и САД – денес единствената и најстрашна Империја на планетата, станаа преку ноќ моралната вертикала на светот. И почнаа да мавтаат педагошки со прстот показалец и да делат совети за демократијата и човечките права, и со санкции и меѓународен остракизам (а кога треба и со хуманитарно бомбардирање и по некоја педагошка воена инвазија) да ги казнуваат „лошите ученици“ и вообичаените „негативци“ од истокот и југот.
Навистина, во кој тоа магичен миг од хаотичното слоење и меандрирање на простор-времето, славјаните (вековните робови на Европа и Средоземјето) станаа негативци, а починителите на сите геноциди и злостори против човештвото во последните четири века, капиталистичките империи на стариот свет и САД, тие прононсирани империјалисти, колонијалисти, робовладетели, роботргувачи, масовни убијци, експлоататори и ограбувачи на најголемото богатство што е откраднато во целата историја на човештвото – а кое е воедно и темелот на нивната денешна благосостојба – тие вековни злочинители што ги водеа сите војни од праискона до денес и ги причинија сите економски кризи и гладувања на Земјината топка, тие да ти биле званичните позитивци на светот?!
Ова тегобно есејче нема доволно простор ниту бегло да прелета над непрегледниот историски хоризонт на несреќи, колежи, војни, освојувања и поробувања, геноциди, етноциди и културоциди, грабежи и колосални измами, колонијални исцедувања на земји и континенти, убивања, колења и мачења на стотици милиони невини луѓе што земјите на Западна Европа и Америка ги имаат сторено на териториите на двете Америки, Австралија, Африка, Азија и Европа, од подемот на капитализмот и неговиот најголем претприемачки проект – освојувањето, глобализацијата и колонизацијата на целата планета. Речиси сите денешни „позитивци“ од колективниот Запад се некогашни, бивши или сегашни империи: првин тоа беа Португалија и Шпанија, па во освојувањето и колонизацијата се втурнаа Англија, Франција и Холандија, за на крајот во разграбувањето на „нецивилизираниот свет“ да се втурнат и Германија и Италија, Белгија, Шведска, Данска и Норвешка. А сите нив денес ги наткрили САД, претворајќи ги и некогашните империи во нивни вазали и воено-економски колонии.
Прелетот ќе го отпочнеме од завршувањето на Втората светска војна. Во послевоените години, додека ние (во Југославија) го градевме најпросветеното, најправедното и најхуманото општество на светот, општеството во кое дотогаш неостварените идеали од Француската револуција – liberte, egalite, fraternite (слобода, еднаквост, братство), беа реализирани како никаде на друго место на планетава, и додека го развивавме иновативниот и експерименталниот, но воедно и најнапредниот и најхуманиот начин на производство во човечката историја – општествената сопственост над средствата за производство и работничкото самоуправување, а сето тоа во услови на огромни слободи на движењето и мислата, што правеа нашите денешни морални урнеци и вертикали?
Првото што САД и западноевропските земји го направија по ужасот на војната е да ја организираат и изведат веројатно најголемата акција во историјата за спасување, евакуација, бегство и безбедно сместување на неколку стотини илјади нацисти и фашисти, припадници на есес единиците што вршеа геноциди над Словените, Евреите и Ромите, чувари на концлогори на смртта и други вредни логорски џелати, на сите доктори менгели и адолфи ајхмани, потоа на сите домашни наци-соработници и ултранационалистички кољачи, како што беа Павелиќ и неговите усташи, украинските есес единици и другите масовни убијци од сите земји од европскиот фашистички архипелаг. За ова масовно бегство на најголемите злочинци во историјата, употребени се државните институции и буџетските средства практично на сите западноевропски земји и Америка, а добро е да се припомне и дека при влегувањето во САД на кољачите им било речено на имиграционото биро да се пријават со своите вистински имиња, звања и задачи што ги вршеле во војната, па архивата на бирото – од која е тргната ознаката за доверливост пред некоја деценија е полна со безмалку 40.000 пријави на доселеници кои слободно пријавувале дека биле командири на концлогори, чувари, џелати и друг вид специјализирани масовни убијци.
Додека ние го градевме најхуманото општество во историјата на светот и практично најпозитивната појава на меѓународната политичка сцена – движењето на неврзаните, САД ја отпочнуваа глобалната борба против комунизмот, социјализмот, ослободувачките движења и напредните социјалистички демократии, а Британија и Франција биеја битки да ги задржат ден подолго своите колонии и колонијални интереси. Можеби прва жртва на борбата против комунизмот беа грчките партизани, движењето ЕЛАС и стотиците илјади егејски македонски цивили и деца, на кои британската војска употреби и напалм за да ги крене од нивните огништа и да го изврши првото етничко чистење под закрила на „европската демократија“ на Балканот. Франција во следните петнаесетина години одзема неколку милиони животи, борејќи се огорчено да ги задржи своите откраднати колонијални азна, во Индокина, Алжир и во куп други колонии.
Додека ние во шеесетите години ги помагавме сите ослободителни движења на светот, Америка ги подржуваше сите авторитарни десничарски режими, сите диктатори, фашисти, кољачи и човекојадци, војни хунти, одреди на смртта, практично на целата планета: од Сомоза на Никарагва, Трухиљо од Доминиканската Република, Папа и Бејби Док во Хаити, до Чанг Каи-шек од Тајван, иранскиот шах Реза Пахлави, диктаторот Маркос во Филипини, Батиста на Куба, Мобуту во Заир, Сухарто во Индонезија, бразилската воена хунта 1964-85, генералот Пиноче во Чиле, Садам Хусеин од 1982 до 1988, и многу, многу други, што заедно убија и проголтаа милиони невини души. И на крај, последниве 35 години САД и НАТО (со сите европски „хуманитарци“ внатре) ги извршија сите нелегални и брутални инвазии, бомбардирања и уништувања на цели држави и општества на светот: од бомбардирањето на Босна 1995 до бомбардирањето на Југославија и инвазијата на Косово во 1999, па преку окупацијата и уништувањето на Авганистан и Ирак во 2001 и 2003 година, до бомбардирањето и уништувањето на Либија и Сирија во 2011 и 2014 година.
И навистина, кој е тој мистериозен миг, тој неспознаен час во блиската ни историја, во кој на сосем магичен и мистичен начин САД и западноевропските бивши империи – најголемите злосторници во историјата – станаа денешните морални вертикали и борци за хуманоста, човековите права и демократијата? Се однесуваме како да се случил, иако сите факти зборуваат дека тоа не е можно.
Слики: Hilary Balu
Извор за текстот: Слободен печат