1011 hPa
71 %

8 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 07:59
Дали и вам ви се расипа интернетот? Не мислам на останување без конекција, туку дека со текот на времето стана без врска? Прашувам зашто сè повеќе корисници пријавуваат дефекти: „теоријата за мртвиот интернет“ е во оптек веќе неколку години, а вели дека наместо луѓето мрежата ја презеле ботовите, додека други пак зборуваат за „зомби интернет“ на кој лутаме заедно со ботовите и вештачката интелигенција, при што разликата веќе никому не му е јасна. Канадско-британскиот писател Кори Доктороу во 2022-та го смисли поимот enshittification – можеби може да се преведе како посерување, но можеме едноставно да кажеме дека ситуацијата се гомноса – за да опише нешто слично. „Еве како умираат платформите “, вели Доктороу.
„Прво се добри кон своите корисници. Потоа ги искористуваат во корист на своите деловни клиенти. На крајот, ги искористуваат деловните клиенти за да ја соберат сета вредност за себе.“ Матко Владановиќ во неодамнешниот текст „Скапувањето на дигиталниот капитализам“ на порталот Културпункт го сумираше сето ова: „Интернетот навистина сè повеќе почнува да личи на автоматизиран трговски центар каде секој агол е осмислен така што ќе извлече што повеќе вредност од корисниците.“ Значи, започнавме со идејата за дигитална демократска агора, размена на информации и ставови, љубопитно истражување, а завршивме во ера на doomscrolling, семоќни алгоритми, прикриено рекламирање, вештачки генерирани видеа и терор на нотификации. Очекувавме интелектуални авантури или барем добра забава, а сè почесто сме само тапи, бесни или анксиозни.
Дека нешто навистина се променило во онлајн искуството потврдува и неодамнешниот избор на Оксфордскиот речник за најважен поим на годината: веќе знаете дека тоа е „brain rot“, па можеби попрецизно би било да се каже дека промената на онлајн искуството се потврдила со тоа што изборот одекна надалеку. Интернет археолозите ни открија дека „затапувањето на мозокот“ првично била автоиронична кованица на „дигиталните домородци“, оние генерации деца кои се родени во онлајн опкружување па научиле да скролуваат пред да читаат, но тоа што кованицата се прошири толку брзо ни покажува дека таа не се однесува само на дигиталните домородци туку и на нас, старомодните дигитални наивци.
Додуша, ако како мене имате извитоперен фетиш за изборите на збор на годината, можеби можевте нешто да насетите барем две сезони порано, откако сите англоамерикански избори се поврзани со интернет поими. Така Колинс во 2023-тата го избра поимот „вештачка интелигенција”, а Cambridge Dictionary нејзината сабласна навика да „халуцинира“ или да инсистира на погрешни или целосно измислени информации. Истата година Merriam-Webster се одлучи за „автентично“, поим кој - иронично - стана важен во паралелниот универзум на социјалните мрежи и интернет селебрити личностите, за главен поим во следната 2024 година да го прогласи зборот „поларизација“ – што секако немаше да се случи без Твитер, Тик Ток и Фејсбук. Посерувањето на нашиот пријател Доктороу го избра American Dialect Society во 2023-тата, а веќе следната година победи повторно и според гласовите на публиката и според гласовите на жирито, на страниците на австралискиот Macquarie Dictionary.
И така натаму и така натаму, сè подалеку од реалниот свет: да бидам сосема искрен – автентичен, како што велат – долго време ме збунуваше опседнатоста на американските, австралиските и англиските речници со онлајн културата. Светот сериозно се ниша, меѓународниот поредок се руши, екстремната десница маршира, гледаме геноцид во Газа и воени конфликти на пет континенти, се води трка помеѓу еколошка катастрофа и нуклеарна катастрофа, а овие земале смартфони, лаптопи и таблети па халуцинираат ли халуцинираат. Реков, тоа ме збунуваше долго време. А потоа сè си дојде на своето место.
Зашто во понеделникот на 20-ти јануари, пред Светскиот економски форум во Давос, Оксфам – меѓународна мрежа на здруженија кои се посветени на борбата против сиромаштијата – традиционално го објави својот извештај за глобалната економска нееднаквост. Така дознаваме дека вкупното богатство на милијардерите – малку повеќе од 2 700, колку што ги има на светот – минатата година пораснало за околу два билиони долари, што значи тројно побрзо отколку претходната година. Од таквото забрзување на богатењето на најбогатите меѓу незамисливо богатите следува прогнозата: за неколку години ќе го добиеме првиот билионер во историјата, а во наредната декада ќе имаме дури петмина.
Фаворитите се одамна познати. Ене ги на Блумберговата листа, која во дневен ритам ја следи паричната вредност на најбогатите луѓе – засега, само на оваа – планета. Убедливо прв е Илон Маск со околу 450 милијарди долари, сериозно заостанува Џеф Безос со скромни 245, него во чекор го следи Марк Цукерберг со околу 220... Разбирате што сакам да кажам: она што, покрај дванаесетцифрените суми на сметката, е заедничко за овие тројца е дека своето богатство, целосно или барем делумно, го стекнале онлајн. Па и четвртиот, Лери Елисон, е коосновач и директор на мултинационалниот компјутерски гигант Oracle; најпосле, меѓу првите десетмина, дури осуммина доаѓаат од ИТ-секторот. Накратко, со светот владее дигиталната економија.
Добро, тоа и не е некаква вест. Ново е дека дигиталната економија од неодамна не владее само со светот, туку и со САД: точно на денот на објавување на извештајот на Окфам, на претседателската инаугурација на Доналд Трамп во прв план ги гледавме, наредени како на Блумберговата листа, Маск, Безос и Цукерберг. Заедничката фотографија на овие тројца веќе е антологиска. За нив пишувавме повеќепати, пишувавме и дека не се сосема исти, но дека ги поврзува политичката моќ на Трамп: и за нивна и за негова корист. За нив моментално пишуваат и многу други. Впрочем, токму за тоа и зборувам: одеднаш и на најуверените умерени и на најумерените уверени медиуми им стана јасно дека нешто сериозно не е во ред кога тројцата најбогати луѓе на светот застануваат до десниот екстремист избран да ја води најмоќната држава. Одеднаш исчезна илузијата за Западот каде либералната демократија спонтано расте од хумусот на слободниот пазар. Одеднаш терминот „олигарси“ не се користи исклучво со придавката „руски“.
Нели е тоа убаво совпаѓање: некако баш во време кога сфативме дека интернетот ни се расипал и гомносал, сфаќаме дека господарите на истиот тој интернет станаа помоќни од кога и да било. Таму ботовите, алгоритмите и ragebait-от, а тука онлајнгархијата. Додуша кој и да сомневаше од почетокот во приказната за слободниот интернет пазар, либералните западни вредности и подеднаквата закана од левите и десните екстремисти, тој денес не се чуди премногу. Уште од деведесеттите години на минатиот век, најдоцна од Законот за телекомуникации на Бил Клинтон од 1996-тата година, интернет мрежата, претходно изградена со јавни средства, му беше препуштена на пазарот, а пазарите – спротивно на митовите на нивните пропагандисти – претежно ги контролира неколку компании. Логиката на олигополот е неумолива. И никогаш не работи во корист на потрошувачите.
Затоа, меѓу другото, американскиот историчар Хауард Зин, уште во 2003-тата година, во проширеното издание на антологиската „Народна историја на САД“, ќе напише дека Клинтоновиот закон овозможил „неколку корпорации“ да „ја зголемат својот моќ“, а со тоа и „контролата на информациите“. Затоа, медиологот Роберт В. Мекчесни во брилијантната „Дигитална исклученост“, ќе напише дека овој закон му зададе „симболичен coup de grâce на јавниот интерес“, жртвувајќи го демократскиот потенцијал на интернетот за профитите на дигиталните гиганти. Затоа, со тек на време, дури и најзагрижените поддржувачи на комерцијализацијата ќе признаат дека мрежата се претворила во игралиште на неколку компании кои го прават тоа што треба да го прават компаниите: извлекуваат максимална заработка за своите инвеститори и сопственици, без разлика на сите останати.
Со други зборови, можеби неодамна забележавме дека ситуацијата се гомносала, но срањето се подготвува одамна. Недостасуваше само последниот чекор: да се обединат господарите на интернетот со господарот на политиката, олигополистите да се претворат во олигарси. А оние кои влегуваат во политиката како императори на корпорации, во политиката ретко се грижат за демократијата. Сакам да кажам: лесно е што ви се расипал интернетот. Зашто изгледа дека ни се расипал светот.
Слики: Andrei Lacatusu
Извор: https://www.portalnovosti.com/