1034 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Пет, 07.02.2025 02:59
Пренесено од: Дојче Веле
Триесетина гимназиски професори по философија, логика и етика во Северна Македонија испратија отворено писмо по повод Концепцијата за гимназиското образование која што беше објавена на почетокот на годината и се води расправа во однос на предложените измени. Тие велат дека „радикално и категорично“ ja отфрлаат понудената Концепција за гимназиско образование.
„Многубројни се негативните импликации во однос на учениците, професорите, гимназискиот образовен процес и државата во целост. Оваа концепција, во која се отстранети философијата и општествено-хуманистичките науки нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење“, реагираат професорите.
Аргументите на надлежните се дека Концепцијата за реформи во гимназиското образование е изготвена со цел да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем. Предложениот документ, според нив, нуди модерни пристапи кои се насочени кон стекнување практични вештини, развивање критичко размислување, интеграција на дигитални технологии и усогласување со меѓународните образовни стандарди, како и поголем избор за учениците, со цел тие самите да можат да го моделираат својот образовен пат, според нивните интереси и цели.
„Гимназиското образование во Македонија повеќе од две децении не е предмет на суштински реформи, што го доведе до состојба на недоволна усогласеност со современите потреби и меѓународните стандарди. Истражувањата покажуваат дека и наставниците и учениците ја препознаваат потребата од промени, особено во насока на модернизација на наставните програми, можност за избор на предметите, воведување современи методи на учење и оценување, како и унапредување на вештините релевантни за 21. век“, се вели во документот објавен од Бирото за развој на образованието и ресорното министерство.
Какви измени се предвидуваат?
Со новата Концепција се предлага модернизација на наставните програми. Надлежните сметаат дека брзиот развој на науката, технологијата, и економијата бара образовни содржини кои ќе им овозможат на учениците да се адаптираат и да придонесуваат во глобалната економија и општество.
„Новите наставни програми треба да ги опфатат актуелните теми и трендови, како што се дигиталната трансформација, медиумската писменост, климатските промени, одржливиот развој и другите глобални предизвици. Овие теми ги одразуваат реалностите на современото општество и бараат мултидисциплинарен пристап за нивно решавање. На пример, климатските промени не се само еколошки проблем, туку и економски, социјален и етички предизвик. Вклучувањето на содржини од овие теми во наставните програми од сите релевантни предмети ќе им помогне на учениците да стекнат поширока перспектива и да развијат чувство за глобална одговорност. Истовремено, наставните програми мора да обезбедат не само теоретско знаење, туку и практични вештини за критичко размислување, проблемско учење, и доживотно учење“, се наведува во документот на новата концепција.
Задолжителни и изборни предмети
Наставниот план за гимназиско образование предвидува изучување задолжителни предмети, изборни предмети и организирани воннаставни активности. Наставните предмети: математика, македонски/албански/турски/српски јазик и литература, англиски јазик, втор странски јазик и спорт се изучуваат во сите четири години. Другите предмети што се задолжителни се концентрирани главно во првите две години. Такви се предметите: историја, географија, биологија, хемија, физика и информатика. Ликовна и музичка уметност се задолжителни предмети од 1. до 3. година, а предметите граѓанско образование и психологија се изучуваат задолжително во една година. Дополнително, учениците кои не ја следат наставата на македонски јазик задолжително го учат предметот македонски јазик во текот на сите четири години.
Изборните предмети се концентрирани во 3. и 4. година. Во наставниот план се присутни два вида на вакви предмети: изборни предмети за продлабочено изучување, во кои спаѓаат предметите: напредна математика, биологија, физика, хемија, историја и географија и изборни предмети на почетно изучување, какви што се: латински јазик и класична култура, филозофија, право, економија и бизнис, програмирање, социологија и образование за животната средина. Секој ученик избира по два предмета од двата вида изборни предмети согласно сопствените интереси и потреби и ги изучува континуирано, во двете последни години. Во Филозофија се опфаќаат различни области како логика и етика, додека економија и бизнис вклучува теми од менаџмент, претприемништво и финансиско работење.
Ученикот избира и по два слободни изборни предмети (што се реализираат како проектни активности) во текот на една учебна година (на пр. здравствено и сексуално образование, вештачка интелигенција, ненасилна комуникација и разрешување конфликти, ментално здравје и добросостојба). Секоја учебна година ученикот избира различни слободни изборни предмети.
Секој ученик е обврзан и да учествува во општествено корисни активности со вкупно 36 саати годишно. Овие активности имаат за цел да ја развијат свеста за заедницата, одговорноста кон општеството и емпатијата кај учениците. Секое училиште мора да организира училиштен хор и/или училиштен оркестар/бенд, училиштен театар, училишни спортски клубови, ликовен/мултимедијален клуб.
Зошто се отстранува философијата од македонското образование?
Но, токму новите решенија коишто се нудат од страна на Министерството за образование предизвикаа незадоволство кај професорите во гимназиите. Оние коишто предаваат философија, логика и етика велат дека Концепцијата се засновува на логички и методолошки проблеми - неконзистентност, неаргументираност, противречност.
„Анализите покажуваат дека во сите Европски земји се инсистира на философско образование. Со отстранувањето на философијата во македонското образование, не само што се отсекуваме од основите на Европската цивилизација и мисла туку стануваме периферија која самостојно избрала да се апстрахира и од современите текови, порачуваат професорите во отворено писмо. Според нив, ниту една од целите на Концепцијата не може да се реализира преку системот на предмети кои како задолжителни ги нуди концепцијата, зашто тие цели не се предмет на нивното истражување и суштинска тенденција.
„Единствената која е повикана да ги оствари поставените образовни цели, е токму философијата преку корпусот философски предмети - философија, логика и етика. Највисокиот облик на мислењето е мислењето за самото мислење. Тоа е акт на философијата. Како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката. Како ќе бидат доблесни, ако не ги знаат начелата на етиката. Етиката е единствената наука чиј проблем на изучување се доброто и злото, среќата и несреќата, страдањето и радоста. Ниту математиката и природните науки, ниту општествено – хуманистичките науки, нема да ги научат учениците во што се состои човечката среќа“, укажуваат професорите и апелират: „Да не дозволиме да создадеме генерации кои, Хераклитовски, иако присутни во светов, ќе изгледаат како да се отсутни, кои иако будни ќе изгледа како да спијат“.
Слики: Hollie Chastain