1010 hPa
94 %

12 °C
Скопје - Пет, 25.04.2025 02:59
Одбрана на заедничката земја
Една ноќ во 1830-тата година, во селата во областа Отмур во јужна Англија, група фармери се собрале и со секири и лопати почнале да ги рушат оградите на нивите кои некогаш биле заеднички. Таа земја, која била неопходна за преживување, им овозможувала да ги изведат животните на пасење, да собираат дрва за огрев и да одгледуваат храна. Овие ресурси не биле само извор на материјалниот живот, туку и столб на колективната економија која ги гледала природните ресурси како заедничко добро.
Меѓутоа, таа рамнотежа била нарушена со поставувањето огради на нивите. Приватизацијата на овие простори не само што ја уништила селската економија, туку ја дестабилизирала и кршливата еколошка рамнотежа која ги одржувала нивните животи. Оградите ги промениле природните шаблони на одводнувањето и предизвикале поплави кои им го отежнале животот на заедниците. Затоа, фармерите срушиле километри огради: намерно и колективно, во обид да го вратат она што го сметале за свое. Не само земјата, туку и стилот на живот во кој околината била заедничко и есенцијално добро на заедницата.
Далеку од тоа дека оваа епизода е деструктивна. Напротив, ја симболизира подлабоката борба за одржување на врската помеѓу заедницата и природата. Бунтовниците од Отмур, како што се нарекувале, бранеле многу повеќе од непосредните потреби: тие се бореле за зачувување на економскиот и еколошкиот поредок кој го сметале за праведен и неопходен.
Моралната економија и бунтовите за егзистенција
Овие борби не настанале во вакуум. Тие имаат корени во претходните форми на протестирање, како што се бунтовите против гладта во 18-тиот век. Кога ќе се зголемела цената на лебот, заедниците се организирале за да конфискуваат жито и храна, прилагодувајќи ги цените на тоа што го сметале за „праведно", а било во согласност со заедничката морална економија. Во текот на 18-тиот век најчести народни протести не биле штрајковите или големите урбани демонстрации, туку бунтовите заради гладта и бунтовите за регулирање на цените. Овие акции се случувале кога населението ќе согледало дека се кршат правилата за „праведни цени“. Тоа се случувало кога властите не биле во можност да им гарантираат на селаните преживување и/или кога цените на храната се зголемувале поради шпекулации и трупање храна.
Протестите не биле спонтанни, ниту движењата кои ги воделе биле ирационални. Тие го рефлектирале длабокото разбирање на социјалната правда, формирајќи простор во кој производството и распределбата на ресурсите се темелат на обврските на заедницата. Според англискиот историчар Едвард Палмер Томпсон, моментите на отпор претставувале колективни искуства на учење. Борбите создавале свест за заедницата, поставувајќи темел за идни сојузи. Преку искуствата со лишување од поседи, организација и спротивставување на властите, започнало да се формира она што подоцна ќе биде познато како класна свест. Моралната економија се развивала во структури како што се синдикализмот, задругите и другите институции на работничкиот отпор, постепено интегрирајќи се со идеите на Марксовата „економска политика на работничката класа“.
Формирање на класата (работничката) и заштита на животната средина на сиромашните
Томпсон нè учи дека работничката класа не се појавила автоматски од економските структури, туку се формирала низ историските процеси. Отпорот за оградување на полињата ја надминувал едноставната економска проблематика и претставувал директен отпор против капитализмот во настанување, систем кој ги лишувал луѓето од нивните ресурси додека природата ја претворал во стока и ја деградирал еколошката средина.
Овие борби покажуваат дека работничката класа се градела на крстопатот помеѓу економијата, културата и колективното дејствување. Мажите и жените развиле чувство на заедништво и заедничка судбина, соочени со истите сили кои ја претвориле земјата во стока, замислувајќи и обликувајќи свет во кој земјата, трудот и околината се управуваат како заеднички добра.
Борбите од 18-тиот и 19-тиот век имале значајна еколошка димензија. Тие не биле ограничени само на одбрана на работничките и социјалните права, туку исто така ги бранеле општите добра и одржливите животни системи кои биле загрозени од индустрискиот капитализам. Следејќи го тоа што го објаснува Жоан Мартинез Алиер кога зборува за заштитата на животната средина на сиромашните, тврдам дека овие бунтови, иако не се изразувале во современите термини на екологијата, имаат длабок еколошки карактер. Работниците и селаните се бореле за зачувување на рамноправниот пристап до природните ресурси и за ограничување на интензивното искористување на земјата и околината.
Кон кризата со храна
Во 2008-та година, дел од капиталот, исплашен од хипотекарната криза, побегна на чикашката берза. Тоа го пренасочи шпекулативниот бран од недвижностите кон храната и генерираше глобален раст на цените на храната, што беше еден од главните двигатели на Арапската пролет. Во 2024-тата година глобалната криза на храна повторно ќе стане материјална реалност.
Гладта во светот ни открива еден парадокс: иако денес се произведува доволно храна за целото население на планетата, милиони луѓе немаат што да јадат. Жан Зиглер, поранешен известувач на ООН за правото на храна, во 2008-та изјави дека со целокупното глобално производство на храна можат да се нахранат 12 милијарди луѓе, притоа нагласувајќи го како проблем фактот што огромна количина произведена храна се фрла и постои забележителна нееднаквост во распределбата на храната. Во годишниот извештај на ФАО се наведува дека 750 милиони луѓе страдаат од глад, додека 2,8 милијарди луѓе не можат да си дозволат здрава исхрана поради високите трошоци на храната. Во 2022-та година индексот на цените на храната достигна историски максимум. Цените на есенцијалните производи, како што се житарките и маслото, се зголемија за 40 проценти во споредба со 2020-тата година.
Гладта не е резултат на недостаток, туку на комбинација на фактори: покрај сиромаштијата, исклученоста и раселувањето, постојат прекини во глобалните синџири на снабдување. Вештачкиот недостиг е резултат на трупањето храна, геополитичките конфликти како што е војната во Украина и сè поразорното влијание на климатската криза.
Оваа глобална динамика влијае на најсиромашните региони на планетата, но и на помалите земјоделски стопанства поблиску до центарот.
Во метрополитенската област на Барселона, 43 проценти од домаќинствата се на раб на егзистенција. Тоа значи дека речиси половина од населението живее од приходи кои тешко ги покриваат основните потреби. Несразмерен дел од семејните приходи оди на фиксни трошоци: во последниот извештај што го спроведе ИДРА (Институт за урбани истражувања од Барселона) се наведува дека едно од три домаќинства (во Мадрид и Барселона) трошат повеќе од 50 проценти од своите приходи за наем, додека уште 12 проценти одат за покривање на основните животни потреби како храна, струја или гас. Тоа значи дека домаќинствата имаат помалку пари кои можат да ги потрошат на храна, додека секое зголемување на цените на храната турка илјадници семејства директно во криза.
Овој контекст ја нагласува кревкоста на глобализираниот систем за храна кој е дизајниран да максимизира добивка преку долги синџири, а особено е таков поради малиот број актери кои се наоѓаат во центарот на синџирот. Ако продолжи да постои овој кревок модел, кој создава нееднаквости и еколошка криза, тоа ќе биде благодарение на регулативите и вбризгувањето пари од јавните фондови. Во случајот на ЕУ, поради ефектите на нејзината Заедничка земјоделска политика.
Нова класа во настанување
Во бунтовите против гладта од 18-тиот век, заедниците го артикулирале поимот на економската правда врз основа на тоа што го сметале за „праведни цени". Денес, во контекст на социјалната фрагментација и еколошката исцрпеност, оваа морална економија треба да вклучува и директен пристап до храната и одржливост на системите за исхрана.
Прв чекор во таа насока би било препознавањето дека гаранцијата за пристап до здрава и одржлива храна е еден од столбовите на прехранбениот суверенитет. Тоа подразбира специфични политики како што се регулирање на основните цени на храната, забрана на финансиски шпекулации со храната, промоција на дистрибуција на храна од малите производители, со поттикнување и силно присуство на јавни и здружени актери. Тоа ќе подразбира и пресврт од 180 степени во Зaедничката земјоделска политика на ЕУ.
Веќе шесдесет години, 50 проценти од буџетот на ЕУ се издвојува за субвенционирање на големите приватни субјекти во прехранбениот систем. Оваа колосална инјекција на јавни пари служи само за акумулација на профити: ситните земјоделци се редуцирани и осиромашени, земјата станува запуштена и неплодна, а храната станува сè поскапа и нездрава. Време е суштински да се промени ситуацијата и намалувањето на ризикот да биде во корист на оние кои произведуваат и дистрибуираат храна и кои се грижат за луѓето и еколошките системи.
Гарантирањето на пристапот до здрава и одржлива исхрана не е само прашање на преживување, туку и политички чин кој ги редефинира заедничките приоритети. Сепак, сојузите против одземањето на поседите не се склопуваат според однапред осмислени идеолошки етикети. Пристапот до храна ќе се врати во центарот на општествената дискусија, но нема да зборува на јазикот на екологизмот, туку на јазикот на преживувањето. Токму преку овој политички и општествен процес може да се формира нова класа со изразена еколошка димензија.
Карикатури: Oguz Gurel
Извор: https://ctxt.es/