1034 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Пет, 07.02.2025 02:59
Животни
Заборави ли какви бевме тогаш
кога уште бевме првокласни
а денот дебел минуваше со јаболко во устата
нема потреба да се грижиш за Времето
ама стварно имавме понекој кец во ракавот
и направивме неколку остри вртења
целото пасиште изгледаше како наш оброк
не ни требаа брзинометри
можевме да правиме коктели и од мраз и вода
Не би сакал да бидам побрз
или позелен од сега само кога ти би бил крај мене О ти
беше најдобриот од сите мои денови
Хомосексуалност
Ги симнуваме маските, зарем не, и ги затвораме
устите? Како да сме прободени со поглед!
Песната на стара крава не содржи повеќе осуда
од пареите што избиваат од душата на болниот;
затоа ги влечам сенките околу себе како облак
и ги напрегам очите како да е најсовршениот момент
на долга опера, и тогаш тргнуваме!
Без прекор и без надеж дека нашите нежни стапала
пак ќе ја допрат земјата, а камоли „наскоро“.
Тоа е законот на сопствениот глас што ќе го истражам.
Започнувам како мраз, со прстот на уво, увото
на срцето, тоа гордо џукелче меѓу кантите за ѓубре
на дожд. Убаво е да си се восхитуваш себеси
сосема искрено, собирајќи ги заслугите на секој
клозет. 14. улица е пијана и лековерна,
53. се обидува да трепери но е исто преморена. Добрите
го сакаат паркот, а смотаните железничката станица,
а има и чудесни акаат
низ сè подолгата сенка на абисинската глава
во прашина, влечејќи ги долгите елегантни потпетици врел воздух
викајќи за да ги збунат храбрите „Летен ден е,
и сакам да бидам сакан повеќе од сè друго на светот“.
На чекор од нив
Време за ручек е, па одам
на прошетка пробивајќи се низ врескаво
обоените таксија. Прво низ тротоарот
каде работниците ги хранат своите валкани
сјајни торза со сендвичи
и кока-кола, под жолтите шлемови
што ги штитат од паѓање
цигли, претпоставувам. Потоа по авенијата
каде здолништата треперат
над потпетиците и танцуваат над
канализациските решетки. Сонцето е жешко,
но таксите го виорат воздухот.
Гледам рачни часовници на попуст
додека во струготината
се тркалаат мачки.
На Тајмс сквер се крева чад од реклама
над мојата глава, а сосема горе тече
водопад. Еден црнец стои на врата
со чепкалка за заби, и мрзливо мерка
руса хористка која го возвраќа погледот: тој
се насмевнува и си ја трие брадата.
Наеднаш отсекаде продираат сирени:
четврток е, 12:40.
Неон на дневна светлина
е големо задоволство, би напишал Едвин Денби,
баш како светилките што горат денски.
Застанувам на чизбургер во JULIET’S
CORNER. Џулиета Масина, сопругата
на Федерико Фелини, è bell' attrice.
И чоколадата се топи. Дамата со
лисица во ваков ден внесува
пудлица во такси.
Денес има неколку Порториканци на авенијата,
сликата е убава и топла. Прво
умре Бани, па Џон Латуш, па Џексон Полок.
Полна ли е црната земја со нив
како што животот беше полн?
После јадење некој човек шета
крај разголените списанија
и плакатите за BULLFIGHT и крај
Manhattan Storage Warehouse,
кој наскоро ќе го срушат.
Мислев дека Armory Show
таму го ставиле.
Чаша сок од папаја
и назад на работа. Со срцето
во џеб: Песните на Пјер Реверди.
Белешка за поетот
Френк О’Хара (Frank O'Hara, 1926-1966) е можеби најизразит пример за спојот меѓу „софистицираната ерудиција и примитивниот, делумно непоетски“ израз. Работејќи како кустос во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк, остварил значајно присуство на њујоршката уметничка сцена. Тој е еден од водечките поети на Њујоршката школа – група писатели, сликари и музичари кои својата поетика ја засновале на џезот, надреализмот, апстрактниот експресионизам и неоавангардата. „На њујоршките поети – освен, можеби, на далтонистите меѓу нив – најмногу од сè влијаат поплавите од бои во чиишто моќни бранови сите ние се наквасуваме“, рекол во 1960 г. еден припадник на групата чиј член бил О’Хара.
Освен сликарството, О’Хара го сакал и филмот. „Всушност, од американските поети, само Витман, Крејн и Вилиамс се подобри од киното“, изјавил тој.
За време на краткиот живот ги објавил следните збирки песни: A City Winter and Other Poems (1951), Oranges: 12 pastorals (1953), Meditations in an Emergency (1957), Second Avenue (1960), Odes (1960), Lunch Poems (1964), Love Poems (Tentative Title) (1965).
Загинал млад, во собраќајна несреќа.
Белешка за фотографот
Сол Лејтер (Saul Leiter, 1923-2013) - американски фотограф и сликар чии рани дела во 1940-тите и 1950-тите биле важен придонес во она што станало познато и признато како Њујоршка школа за фотографија.
Фотографии: Saul Leiter
Избор и превод: Љупка Евроска