Доцна и премалку: Вучевиќ заминува, протестите остануваат

29.01.2025 13:37
Доцна и премалку: Вучевиќ заминува, протестите остануваат

 

Преземено од Дојче веле

Седум часа откако водечките луѓе во државата и на Српската напредна странка повикаа на дијалог, во Нови Сад „работеа“ палките.

Според пишувањата на медиумите, приврзаниците на СНС истрчале од партиските простории, ги бркале и тепале студентите кои сакале таму да залепат налепници со повици за нов протест. Една девојка завршила во болница со изместена вилица.

Едвај шеснаесет часа по тој повик за дијалог, премиерот Милош Вучевиќ поднесе „неотповиклива“ оставка.

Во своето обраќање до јавноста, тој опширно зборуваше за тоа дека протестите во Србија се оркестрирани од странство, дека падот на натстрешницата во Нови Сад е политички злоупотребен, а ја сподели и вината за синоќешните претепувања на тепачите и оние кои биле натепани.

Неговата оставка и на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, ја покажуваат нивната одговорност „за да не се прелее ова на улица, во расправии меѓу граѓаните и поделби во општеството“, рече Вучевиќ.

 

„Замачкување на очите на јавноста“

Сепак, првите реакции покажуваат дека овој потег - всушност падот на целата влада - нема да ги задоволи студентите и останатите граѓани кои протестираат, ниту ќе го намали бунтот.

„Оставката доцни речиси три месеци. Нивото на напнатост и насилство ќе беше помало да имаа морал навреме. Сега изгледа само ја намалуваат видливата политичка штета на рејтингот на СНС“, изјави за ДВ Павле Грбовиќ, првиот човек на Движењето на слободни граѓани.

Целата опозиција во вторникот одби да оди на собранискиот колегиум што го закажа претседателката на српскиот парламентот, Ана Брнабиќ. Целосно е откажана и седницата за в среда - на која требаше да се постави прашањето за доверба на владата, за што сега нема потреба.

За Грбовиќ оставката на Вучевиќ е само „мачкање очи на јавноста за да не се исполнат јасните барања на студентите“.

Како што оценува, на претседателот Александар Вучиќ не му помагаат наводните испитувања на јавното мислење, според кои тој уште добро е позициониран. „Бројките се прикажуваат на улиците на градовите кои не се спротивставија ниту против Турците, а сега се спротивставуваат на теророт на СНС“.

Сè уште не е целосно јасно дали Вучиќ ќе се обиде да распише инстант избори во вжештена атмосфера, кои опозицијата несомнено би ги бојкотирала или, што се чини поверојатно, владејачкото мнозинство на нов мандатар ќе му да довери задачата за формирање влада.

 

Протестите продолжуваат

Дека нема да има смирување на студентскиот бунт говори и тоа што се закажани нови протести и што воспоставените петнаесетминутни блокади на раскрсниците продолжија и во вторникот.

Во првите реакции, дел од експертите предупредија дека меѓу десетиците илјади објавени страници документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад повторно недостасуваат клучни документи.

На списокот „насилници“ кои треба да се гонат – што е и студентско барање – се додадоа нови, оние кои нападнаа студенти во Нови Сад.

„СНС цели 13 години, а не само во претходните три месеци, создаваше атмосфера на семоќност во која на партиската структура и беше испратен сигнал дека е недопирлива и може да прави што сака“, вели политикологот Дејан Бурсаќ.

„И тогаш тие се изненадени кога локалните активисти претепуваат студенти, неколку часа по она што СНС го најавува како обид за смирување на тензиите“, рече тој за ДВ.

Политикологот смета дека во вторникот наутро било многу непријатно во владејачката партија и дека е донесена одлука премиерот Вучевиќ и градоначалникот Ѓуриќ да бидат политички жртви. Иако вели дека е рано за проценки, Бурсаќ е поблиску до ставот дека заминал возот за „дијалог“. „Работата можеше да се смири пред два месеци, но сега никој не му верува на Вучиќ“.

 

Кога и како ќе заврши ова

Нема крај на политичката и социјалната криза во која бунтот на студентите и граѓаните се води против координираната машинерија на власта.

Но, не само тоа - засега не постои начин да се канализира незадоволството во класичен политички процес . И за време на 24-часовната блокада на Автокоманда, која заврши во вторникот претпладне, студентите инсистираа да се оградат од политичките партии на опозицијата.

Опозицијата, пак, како што велат извори на ДВ, сега нема друг избор освен да следи што прават студентите, да го бојкотира парламентот и да внимава да не остави впечаток дека сака да ги „преземе“ протестите.

„Чудна е ситуација во која владејачката партија го губи целиот легитимитет, а немате опозиција која ги презема и мобилизира гласачите“, коментира Бурсаќ. Тој додава дека таквата состојба може да трае неколку месеци, па и години.
На крајот на краиштата, тој маратон се случува со неверојатно темпо. Настаните се одвиваат со голема брзина и не е сигурно дека оставката на премиерот и на Владата ќе биде вест на денот. Секогаш може да се случи нешто ново.

Карикатури: Душан Петричиќ

ОкоБоли главаВицФото