1034 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Пет, 07.02.2025 01:59
Историчарот Стивен Шапин ја започнува својата книга Научна револуција со зборовите: „Научна револуција никогаш не се случила. Ова е книга за тоа“. Беше примамливо да се каже истото и за „либералниот меѓународен поредок“ (ЛМП), дека тој всушност „не постои и дека за тоа веќе се напишани стотици книги“. Ним сега им се придружува и оваа колумна.
Но, научната револуција се случи. А од крајот на Втората светска војна постоеше и глобална рамка која придонесуваше за уреденоста на меѓународните односи. Прашањето е дали оваа рамка може да се опише како „либерална“ и дали го олицетворува она што поборниците на ЛМП тврдат дека тој е – „отворен свет поврзан со слободен проток на луѓе, стоки, идеи и капитал“, што, според зборовите на Ентони Блинкен, американски државен секретар во заминување, е „најголемиот придонес на Америка за глобалниот мир и напредокот“.
Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, со политиката „Америка на прво место“ и презирот што го покажува кон меѓународните организации и договори, го оживува стравот за опстанокот на ЛМП. „Првпат по 30-тите години на 20-тиот век“, предупредуваше еден од водечките либерални интернационалисти Г. Џон Ајкенбери во 2018-тата година, по првата година од првиот мандат на Трамп, „САД избраа претседател кој е активно непријателски настроен кон либералниот интернационализам“. Затоа Америка веќе не може да обезбеди „хегемонистичко лидерство“ потребно за „поддршка на соработката и промоција на вредностите на 'слободниот свет'“.
Бомбастичните изјави на Трамп за користење сила за потврдување на суверенитетот на САД над Гренланд и Панамскиот канал, колебањето дали да продолжи со вооружување на Украина, неговото воодушевување со Владимир Путин и омаловажувањето на меѓународните договори ги продлабочуваат овие стравови пред неговиот втор мандат.
Дел од проблемот во обидите да се разбере оваа дебата и поврзаните стравови е тоа што ЛМП е лизгав и нејасно опишан концепт кој се сфаќа на многу различни начини и постојано се менува. За луѓето како Блинкен, кои му пеат славопојки, корените на овој поредок досегнуваат до завршувањето на Втората светска војна и прифаќањето низа мултилатерални договори и институции, од НАТО до Светската банка, кои имаа цел да поврзат разни држави и да спречат нов глобален конфликт.
Но, никој во тоа време не зборуваше за „либерален интернационализам“. Новите институции и договори што беа формирани пред сѐ имаа цел да ја зајакнат моќта на САД на едната страна од поделбата во Студената војна, да ја зауздаат советската експанзија и да го поддржат преминот од свет на империјални сили во свет на суверени држави под туторство на американскиот „хегемон“. Како што забележа историчарот на Студената војна Џон Луис Гадис: „Без некој посебен план... државите во повоената ера имаа среќа да завршат во систем на меѓународни односи кој, бидејќи се засноваше на реалноста на односите на моќта, добро служеше за одржување на редот – ако не и правдата – дури и подобро од што можеше да се очекува“.
Дури во седумдесеттите и осумдесеттите години, со траумата од американскиот пораз во Виетнам, тврди историчарот Самуел Моин, концептот доби поширока поддршка, па „либералниот интернационализам го доби својот денешен облик, со нагласување на правилата и правото“. Потоа дојде распадот на Советскиот Сојуз и состојбата која Франсис Фукујама ја опиша како „крај на историјата“ – привиден триумф на либералната демократија. Идејата за „либералниот меѓународен поредок“ влезе во својата златна епоха.
Но, тоа повеќе беше момент отколку епоха. Триумфализмот траеше кратко и по 11-ти септември 2001-та година, повеќето западни лидери се согласија дека одбраната на либералниот поредок дозволува користење екстремни нелиберални средства, од киднапирање и тортура до атентати и инвазија. За помалку од една деценија, финансискиот колапс од 2008-та година и зголемувањето на кинеското влијание на глобалната сцена донесоа меланхолични предупредувања за „крајот на либералниот поредок кој никогаш не постоел“, како што цинично формулираше политикологот Мајкл Н. Барнет.
Историјата на ЛМП е обележана со испреплетување на економијата и геополитиката. На двата колосеци, желбата за стабилен поредок имаше приоритет во однос на верата во „либерализмот“. Економската цел беше светот да се направи безбедно место за глобалните слободни пазари, не со спроведување на laissez-faire политиките, туку, како што покажува историчарот Квин Слободијан, „со изградба на институции... кои ќе го вакцинираат капитализмот против заканата од демократијата“ и со воспоставување „правила кои ги дефинираат наднационалните тела надвор од дофатот на кој било избирачки орган“. Тоа е проект на неолиберализмот, роден во триесеттите години на минатиот век, преку делата на економистите како Фридрих Хаек и Лудвиг фон Мизес, кој дојде до израз во периодот по Студената војна преку институциите и механизмите на либералниот меѓународен поредок.
Последица на ова е растот на нееднаквоста, пропаѓањето на цивилното општество и растечката огорченост кај делови на гласачкото тело ширум светот, зашто им беше одземен политичкиот глас. Трамп, како и другите популистички лидери, успешно ја искористи реакцијата против „либералните елити“.
Успехот на личностите како Трамп, со нивните антиглобалистички ставови, наведува многумина да го слават „крајот на неолиберализмот“. Сепак, многумина од оние што профитираа од неолибералниот поредок останаа во центарот на Трамповиот проект; не само „технолошките браќа“ како Илон Маск. Можеби веќе го нема триумфалистичкиот глобализам од времето на пост-студената војна, но многу од компонентите на неолиберализмот денес се прекршуваат низ призмата на изразениот национализам.
Геополитичките аспекти на ЛМП се подеднакво контрадикторни. Западните лидери можеби проповедаа либерализам, демократија и владеење на правото, но од Чиле до Конго, од Индонезија до Саудиска Арабија, подготвено ги поткопуваа сите елементи на ова тројство и ги поддржуваа неолиберализмот и авторитаризмот секогаш кога тоа им одговараше на нивните потреби.
Поддржувачите на ЛМП тврдат дека тој беше заштитник на мирот во светот. Но, таквиот „мир“ не значи отсуство на војна, туку само спречување директни судири на големите сили. Според Проектот за истражување на воените интервенции на Универзитетот Тафтс, од речиси 400 американски воени интервенции во странство од 1776-тата до 2019-тата, најголемиот дел се случија по 1945, а дури една четвртина по 1989-тата година.
Далеку пред бомбастичните изјави на Трамп за „Америка на прво место“, американските лидери го следеа она што Моника Дафи Тофт, која го започна Проектот за истражување на воените интервенции, го нарекува „кинетичка дипломатија – дипломатија која користи вооружена сила“; тоа беше „очигледен тренд“ во 21-от век, кој го промовираа не само либералните интернационалисти како Барак Обама и Џо Бајден, туку и многу други.
Се разбира, постојат многу причини за загриженост поради политиките на САД во иднина. Но, за да му се спротивставиме на Трамп, не треба да го идеализираме минатото или да го славиме либералниот поредок каков што никогаш не постоел. Пред сè, треба да размислиме што подразбираме под интернационализам во ова време на изразен национализам.
Карикатури: Keyvan Varesi
Извор: https://www.theguardian.com/