Микрошуми: помало загадување, побогат биодиверзитет

31.01.2025 15:29
Микрошуми: помало загадување, побогат биодиверзитет

Зелените оази во градовите се повеќекратно корисни, но за да уживаме во сите нивни благодети тие и не мора да бидат површински големи. Ова ни го покажуваат микрошумите кои брзо изникнуваат помеѓу прометните улици, трговските центри и облакодерите низ целиот свет.

Оваа посебна техника на пошумување  ја измисли покојниот јапонски ботаничар Акира Мијаваки во седумдесеттите години на минатиот век. Прво се избираат автохтони дрвја и грмушки од конкретното подрачје, а почвата на одбраната локација се збогатува со органски материјал. Расадите треба да се мешаат и да се садат густо, околу три парчиња на квадратен метар.

Потоа, шумичката – чија површина може да биде само десетина квадратни метри – се остава да се развива сама. Поради густината, расадите брзо напредуваат бидејќи се натпреваруваат меѓусебно за сончева светлина. Се проценува дека микрошумите растат за само две до три децении, што е и до десет пати побрзо во споредба со монокултурните шуми.

Иако мали по големина, микрошумите всушност имаат макро-влијание: го намалуваат загадувањето, апсорбираат јаглерод диоксид, ги ублажуваат проблемите кои доаѓаат со климатските промени, обезбедуваат живеалиште за бројни видови животни...

Микрошумите во загадените урбани населби помагаат во подобрувањето на квалитетот на почвата, водата и воздухот. Како и останатите зелени површини, тие исто така придонесуваат за разладување на градовите, а служат и како сунѓер за обилните дождови кои се сè почести на загреаната планета.

Благодарение на разновидноста на вегетацијата, микрогорите привлекуваат многу повеќе видови пеперутки, полжави, скакулци и пчели. Во нив засолниште наоѓаат и ежовите и некои птици, а според некои податоци, биодиверзитетот е дури 100 пати побогат во споредба со конвенционалните засади.

Најпосле, се забележува и подобрување на благосостојбата на локалните заедници, вклучувајќи намалување на стресот и подобрување на менталното здравје како резултат на интеракцијата со природата.

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото