1034 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Пет, 07.02.2025 02:59
По враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа најголема грижа на кинеските лидери не се најавените високи царини за кинеските производи. Тие знаат дека зголемувањето на царините за Трамп е поважно како политички и симболичен чин, отколку како економско оружје што навистина би можело да ги загрози растот и напредокот во Кина.
Главната дилема пред Кина во моментов е прашањето дали треба да се исклучи од меѓународниот монетарен систем во кој доминира доларот, така што групацијата големи глобални економии позната како БРИКС, која сè уште е во развој, ќе ја трансформира во аранжман сличен на оној од Бретон Вудс. Одговорот на ова прашање не зависи од царините или судбината на ТикТок, туку од тоа дали јастребите во Трамповата администрација ќе успеат да предизвикаат конфронтација која ги надминува царините и влегува на теренот на финансиските санкции.
Царините се преценети како оружје за покорување на Кина, особено во комбинација со ветените даночни олеснувања и радикалната дерегулација. Овие потези веројатно ќе ги зголемат профитите и цените на акциите во САД, на тој начин забрзувајќи го приливот на странски капитал. Дефицитот на федералниот буџет ќе продолжи да расте, а доларот ќе продолжи да зајакнува – што ќе го ублажи негативниот ефект на царините врз кинескиот извоз – сè додека инвеститорите веруваат дека растот на приносите од американските државни обврзници ќе заостанува зад растот на американските берзански индекси. Јазот помеѓу домашното штедење и инвестициите – што е главната причина за трговскиот дефицит на САД во однос на Кина и Европа – само ќе се зголеми.
Пред Трамп е голема трилема: дали истовремено може да обезбеди високи царини, послаб долар и продолжување на глобалната хегемонија на американската валута? Откако внимателно го проучија договорот од Плаза од 1985-тата година, кинеските лидери претпоставуваат дека Трамп ќе се обиде да им го направи она што пред 40 години им го направи Роналд Реган на Јапонците. Со други зборови, Кина може да избира помеѓу два отрови: значително зголемување на вредноста на јуанот и високи царини на кинескиот производ. Тоа нè води до политичката и геостратешката димензија на овој проблем.
Трамп знае дека Кина не е Јапонија, чиј поствоен устав беше напишан од американски претставници и каде сè уште има 55 000 американски војници. Исто така, Кина веќе не е зависна од американскиот пазар како порано, и тоа благодарение на диверзификацијата и фактот што своите производи и снабдувачки ланци, кои во целост се во нејзина сопственост, успеа да ги направи незаменливи во целиот свет.
Шансите Кина да се предаде и да се согласи на зголемување на вредноста на јуанот за да ги избегне царините на Трамп се занемарливо мали. Кинеските лидери добро знаат дека ревалвацијата на јуанот од договорот од Плаза беше клучна за трајното забавување на јапонскиот индустриски и финансиски раст.
Сепак, иако знае дека Кина нема да се согласи на ревалвација за да избегне високи царини, тој секако ќе ги воведе, од политички и симболични причини. Потоа ќе започнат преговори кои ќе доведат до компромис и малку пониски царини.
Како што предвидува Џејмс К. Галбрајт, царините нема да имаат значителен ефект на кинеските производители во овој период на прилагодување на светската трговија на новонастанатата ситуација. САД ќе купуваат повеќе стока од Виетнам и Индија, а кинескиот извоз во Европа и остатокот од светот ќе се зголеми драстично. Економскиот блок кој би можел да претрпи најголеми економски загуби поради царините на Трамп не е Кина, туку Европската унија.
Исто така, дигитално-технолошкиот ѕид што се подигнува помеѓу Кина и САД веќе им оди во прилог на големите компании во двете земји. Орди инженери во Кина напредуваат во производството на напредни микрочипови, технологија што Кина не би ја завладеала да не беше Новата студена војна започната во првиот мандат на Трамп – политика што ја презеде, а дури и ја ескалираше претходниот претседател Џо Бајден.
Од друга страна, американската концентрација на капитал во облак, нејзината предност во дигиталните истражувања и развој и најавените царини на Трамп веќе ги поттикнаа европските компании да ги пренасочат своите инвестиции во САД. Во кратки црти, ако некој има причина да очајува поради царините на Трамп, тоа не е Кина, туку Европа.
Тоа не значи дека Кина нема никакви причини за грижа. Големо прашање е дали американските јастреби ќе се задоволат со високи царини и антикинеска реторика или нивната агресивност ќе излезе од контрола и ќе продолжи да јакне во магичен круг. Поточно, дали ќе го убедат Трамп да премине од царини на финансиски санкции, какви што САД и ЕУ ѝ воведоа на Русија?
Ако се случи тоа, кинеското раководство ќе мора да ја реши својата дилема, можеби и пред сето тоа да биде испланирано. Треба ли да ги предвиди можните финансиски санкции така што БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка и пет нови членки) ќе го трансформира во монетарен систем сличен на оној што беше воспоставен во Бретон Вудс, со јуанот како основна валута и кинескиот трговски суфицит како негова основа? Или е подобро да се остане во пошироките рамки на доларскиот систем и да се чека да се решат внатрешните контрадикции во САД?
Кина досега не брзаше. Иако развива различни системи за плаќање, засега не инсистира на претворање на БРИКС во монетарен систем. На пример, Брикс пеј е фасцинантен експеримент што комбинира блокчејн технологии и прекугранично централизирано планирање за да изгради систем за плаќање што го укинува монополот на Западот во доменот на електронските трансфери. Но, бидејќи плаќањата се деноминирани во различни валути, без основна заедничка валута, Брикс пеј сè уште е далеку од статусот функционален монетарен систем, исто колку што SWIFT-от е далеку од еврозоната.
За БРИКС да стане сериозен предизвикувач на меѓународниот монетарен поредок изграден на доларот, Кина би морала своите вишоци да му ги стави на располагање на БРИКС, така што рупиите што Русија ги добива од извозот на нафта во Индија можат да се заменат по квази-фиксен курс за јуани, кои ќе се користат за купување кинеска стока – функција што ја извршуваа САД во педесеттите и шеесеттите години за да го обезбедат системот од Бретон Вудс.
Тоа би бил огромен чекор за Кина и сериозен предизвик за доминацијата на доларот. Но, дали Кина ќе се осмели да го направи овој потег, ќе одлучуваат геополитиката, а не економијата.
Карикатури: Carlos Amorim
Извор: https://www.project-syndicate.org/