Во име на хуманистичките науки

03.02.2025 12:21
Во име на хуманистичките науки

 

По повод предлог-концепцијата за реформи на гимназиското образование на Министерството за образование и култура

Најновата предлог-концепција за реформи во гимназиското образование на Министерството за образование и култура предизвика бурни реакции и револт во јавноста. Разбирливо меѓу оние кои ги искажаа своите ставови најгласни и најбројни се претставниците на наставниот кадар на универзитетите и на средните училишта кои предаваат општествени науки, а особено на филозофијата.

Текстовите што јас ги прочитав ги содржеа водечките аргументи зошто какво било „засенување“ на овие предмети во редовната настава во средното образование би било со крајно негативни последици.

Она на што првин се сетив кога ја слушнав веста е есејот на американската писателка и професор по англиска книжевност Мерилин Робинсон. Во есејот „Што правиме тука?“ чиј наслов е и на изданието со збирка есеи, Робинсон дава темелен преглед на интелектуалната траекторија која довела до денешното гледање на образованието кое не може да ја види „ползата“ од хуманистичките науки. Се работи пред сѐ за финансиски трансакциски модели при што сѐ она што не води до профит би требало да се отстрани од наставната програма и да им се остави на финансиските и на интелектуалните елити.

Робинсон во ова гледа класично „сечење на гранката на која се седи“. Во прилог кон јавната дискусија во врска со ова прашање и во поддршка на задржувањето на клучните хуманистички научни гранки како филозофијата направив сумаризација на есејот на Робинсон. Во него се надевам ќе се открие доволно од нејзиниот луциден и учен аргумент, но уште повеќе ќе поттикне интерес да се прочита целиот есеј, па и целата збирка на Робинсон.

Сумаризација на есејот „Што правиме тука“ на Мерилин Робинсон

(Marilynne Robinson, What Are We Doing Here? Essays McClelland & Stewart, 2019)

Заводливата моќ на книгите и на учењето

Робинсон ја опишува силната фасцинација на раните хуманисти со манускриптите кои им биле на располагање. Често тие го опишувале тоа како да се заведени или обземени од книгите. Таа го става ова во контраст со современата ера каде што речиси неограничениот пристап кон книги и знаење довело до тоа тие да се земат здраво за готово. По овие воведни забелешки Робинсон дава дефиниција за хуманизмот. Според неа, се работи за интелектуално движење од времето на ренесансата со нагласок на класичните текстови, човечкото достоинство и потенцијалот на човечкиот разум.

Во есејот Робинсон зборува за историската битка за слободно изразување зашто ваквиот наплив на интелектуално љубопитство набрзо довел до воведување цензура со што се потиснувалe дотогаш непознати книжевни и филозофски придонеси. Но, феноменот на хуманизмот влијаел и врз она што не било негова првенствена цел. Имено, појавата на дела на „обичен“ народен јазик кој се смета за инфериорен во споредба со класичните латински и грчки. Следејќи ја историската траекторија на развојот и влијанието на хуманизмот, Робинсон во денешницата гледа тежнеење книжевноста да се проучува во идентитетски рамки. Таа има предвид дека со тоа се проширува презентацијата на автори, но предупредува и на опасноста на овој начин авторите да се сведат на социолошки примероци за изучување, а не на нивните дела да им се пријде како на универзални книжевни достигнувања.

Главниот аргумент во есејот е поврзан со горенаведеното, но според Робинсон далеку ги надминува. Нејзината цел е да зборува за „сврхата“ на хуманистичките науки. Ова е од пресудна важност зашто го претпоставува истражувањето на она што значи да се биде човечко битие во контекст на минатото, на сегашноста и на иднината. Овој нејзин фокус се должи затоа што таа забележува култура на ставање под знак прашалник дали воопшто хуманистичките науки придонесуваат кон благосостојбата на современиот свет. Сѐ подефинираниот негативен одговор води кон едностраното свртување кон образованието засновано врз утилитаризам и економија. Ваквото „трансакциско“ размислување за практичната, економска и примената „вредност“ на една научна гранка научните дисциплини како книжевноста, филозофијата, историјата и уметноста ги исклучува од „редовното“ образование и ги остава на малцинството интелектуални елити.

Современото кривоколчење на историјата на човечата природа

Современиот цинизам предлага дека луѓето пред сѐ се водат од личен интерес. Робинсон смета дека историјата тоа го порекнува. Во прилог на својот аргумент таа посочува на Хамлет и на неговото размислување за апсурдноста на војната со што покажува дека човечкото однесување е често ирационално и оди спротивно на економските и личните придобивки.

Улогата на универзитетите и на знаењето во општеството

Универзитетите биле историски развивани врз основа на хуманистичките науки. Денес под економски притисок тие се присилени да се свртат кон вештини кои ги диктира пазарот. Станува сѐ популарно образовниот процес да се сведе на обука и тренинг. Тоа само по себе е застранување од интелектуално љубопитство и истражување.

Опасноста од економски и политички натпревар

Робинсон ја критикува опседнатоста со националното и економското натпреварување. Тоа најчесто претпочита ефикасност наспроти човековата благосостојба. Во есејот се прави споредба на економските битки и на воените конфликти при што граѓаните се претвораат во „пешадија“ за националните интереси.

Илузијата за културното пропаѓање

Стравовите дека Британија, САД и големите европски земји „ќе престанат да бидат свои“, според Робинсон се втемелени во носталгија, а не во историска реалност. Наместо да сме водени од страв, Робинсон нѐ потсетува дека општествата отсекогаш еволуирале, најчесто кон подобро, наместо да искусат непосреден културен колапс. Оваа констатација е особено поврзана со таканаречените „домородни“ (нативистички) идеологии кои тврдат дека имаат културолошка чистота. Да биде апсурдот поголем, многу од овие домородни културни групи се потомци на имигрантски заедници кои самите биле маргинализирани.

Кризата на јавното високо образование

Имајќи ги предвид горенаведените општествени феномени станува појасно зошто јавните високообразовни установи се финансиски занемарени од властите. Најчесто причината за тоа е политичко кокетирање со електоратот за придобивање гласови на избори. Ова води до повисоки школарини и кон студентски долгови. Ако се гледа само од економска перспектива хуманистичките научни гранки се доведуваат под прашалник.

Сечење на гранката на која седиме

Ваквата поделба меѓу „профитабилни“ и „непрофитабилни“ академски дисциплини му наметнуваат на општеството еднодимензионална слика во која имагинацијата, елоквентноста и длабокоумноста се сметаат за споредно одвлекување од она што е во суштина важно. Она што често е превидено е дека критичкото размислување и креативноста поттикнати од хуманистичките науки тешко може да се монетизираат, но се витални за благосостојбата на општеството.

Заклучок

Робинсон дава силни аргументи во одбрана на хуманистичките науки. Во нив општеството треба повторно да ги препознае придобивките за процутот на едно општество. Таа тврди дека економскиот рационализам и политичките притисоци даваат искривоколчена слика за високото образование. Ова води до губење почит кон интелектуалните и уметничките потфати. Робинсон не губи надеж зашто е уверена дека хуманистичкиот дух во човештвото е нескршлив. Во поддршка на овој подвиг таа предлага повторно присвојување на јазикот и на доблестите кои ги величаат интелектуалната и уметничката извонредност.

Во обид да се сумира есејот на Робинсон во една реченица ќе земам еден цитат од самиот есеј, „За што се добри хуманистичките науки? Зошто се центарот на нашето образование? (Прашањето)—од она што ни го кажува историјата, може да се одговори преку оваа визија за ефектите на учењето. Учење кое предничело и цутело преку изучувањето на древните поезија, филозофија, јазици, Светото Писмо, теологијата и историјата ... долго пред природните науки и технологијата воопшто да им бидат дораснати.

Какво било исклучување или релативизирање на филозофијата и нејзините гранки како логиката и етиката од образованието на учениците во нивните формативни години пред да влезат во зрелиот свет на возрасните би било на штета на самите ученици, на штета на сите нас, а најмногу на идните генерации.

Слики: Gertrude Abercrombie