Гренланд и Данска - скандали ги оптоваруваат односите

04.02.2025 01:38
Гренланд и Данска - скандали ги оптоваруваат односите

Пренесено од: Дојче Веле

Пред речиси три години, мрачното поглавје во гренландско-данската историја излезе на виделина преку подкаст на данското радио: таканаречениот скандал со контрацептивна спирала. Се покажа дека илјадници жени во Гренланд, често малолетни, биле принудени да користат спирала за да спречат бременост во 1960-тите и 1970-тите - по налог на Данска.

Гренланд, кој е претежно населен со домородните Инуити, од 1953 година повеќе официјално не е данска колонија. Но, не стана ни независен, туку данска провинција. Гренланд доби свој парламент и влада дури во 1979 година. И иако оттогаш има одреден степен на автономија и доби право на самоуправа во 2009 година, Гренланд останува дел од Данска до ден-денес.

„Никогаш не сме имале ништо со момчиња“

Со присилна контрацепција, целта на Данска во тоа време била да го намали забележливиот висок процент на деца родени вонбрачно во Гренланд и во целина да го ограничи растот на населението. Во интервју за ДВ, Хенриет Бертелсен се сеќава како нејзините соученички и таа биле испратени кај лекар без знаење на нивните родители

„Неколку девојки плачеа уште во чекалната. Сè уште бевме толку млади и никогаш претходно немавме ништо со момчиња. Спиралите што ни беа ставени беа големи и всушност беа наменети за возрасни жени. Се сеќавам на страшните болки".

Бертелсен и другите жртви минатата година ја тужеа данската држава, барајќи компензација и официјално извинување. За многу жени, принудната контрацепција резултирала со здравствени проблеми и траума. „Не добиваме никаква психолошка поддршка од државата, ако користиме помош, дел од неа треба сами да платиме“, се жали Бертелсен.

Скандал со контрацептивните спирали што се случил пред многу децении сè уште е без разрешница - и тој претставува дополнителен товар во и онака тензичните односи меѓу Гренланд и Данска.

Данска порано ги принудувала гренландските жени да користат контрацепција

 

Друг скандал што стана познат на крајот на 1990-тите е експериментот со 22 гренландски деца од 1951 година.Шест- до осумгодишници од семејства со проблематични односи биле донесени во згрижувачки семејства во Данска за таму да го научат данскиот јазик и култура, а подоцна во Гренланд да промовираат „модернизација“.

Социјалниот експеримент не успеал. Децата подоцна не се вратиле кај своите родители, туку завршиле во сиропиталишта во Гренланд, шест останале во Данска и таму биле посвоени. Многумина развиле ментални нарушувања, а половина умреле на млада возраст

„Арогантен однос кон гренландската култура“

И таканаречените „експериментални деца“ и скандалот со спиралите го илустрираат контроверзниот третман на Данска кон народот на Гренланд и, според Ебе Волквардсен, културен историчар од Универзитетот во Гренланд, се вклопуваат во сликата на данската политика во тоа време, „која имаше за цел Инуитите да се асимилираат што е можно повеќе во данскиот начин на живот“. Фактот дека Гренланд и Данска припаѓаат заедно историски и културно и дека сакаат да ги подобрат условите за живот на Гренланѓаните беа централните аргументи на Копенхаген да го оправда вклучувањето на Гренланд во Кралството Данска пред Обединетите нации.

„Од данска страна, луѓето всушност долго време ги потенцираа своите најдобри намери, дека мораат да им помогнат на Гренланѓаните. Овој арогантен однос кон грендландската култура се провлекува низ историјата“, објаснува Волквардсен.

До денес, однесувањето на Данска и силната економска зависност од малата европска земја многу Гренланѓани ги доживуваат како продолжение на колонијалните структури и не малку од околу 57.000 Гренланѓани бараат вистинска државна независност.

Аспирациите на САД како можност?

Засек што Доналд Трамп се обидува да го продлабочи. Новиот претседател на САД веќе со месеци има претензии кон најголемиот остров во светот, кој е богат со суровини и има геополитички важна локација на Арктикот. Наводно, тоа е во интерес на безбедноста на САД и на целиот свет. Тој првпат предложи купување на островот од Данска во 2019 година, за време на неговото прво претседателство.

Доналд Трамп Јуниор, син на американскиот претседател, беше во демонстративна посета на Гренланд пред татко му да ја преземе функцијата

 

Значи, подобро дел од САД отколку дел од Данска? Не баш. На уверувањето на Трамп дека Гренланд може доброволно да се приклучи на САД стигна противречење од гренландскиот премиер Муте Б. Егеде. Тие се подготвени да ја продлабочат соработката, но: „Не сакаме да бидеме Данци. Не сакаме да бидеме ниту Американци. Ние сакаме да бидеме Гренланѓани“.

Како и да е, според експертот за Гренланд, Волквардсен, аспирациите на САД одат во корист на Гренланд, бидејќи Данска е сè повеќе принудена да размисли како се однесува со приближно 57.000 Гренландци. Не е случај дека Данска дури сега почнува да ги преиспитува своите постколонијални односи со Гренланд. Дискусиите за ова се засилени во последниве години, а важна улога во тоа одигра и соочувањето со настаните како што се експериментот со деца и скандалот со спирали.

Ебе Волквардсен сепак верува дека „амбивалентната и прилично загрижувачка ситуација“ во која неодамна се најдоа Гренланѓаните, а која дури и ја натера Данска да го зголеми своето воено присуство во регионот, „исто така може да отвори прозорец во кој Гренланд конечно „може да ги спроведе долго бараните промени“.