Европа во која може да се живее: враќање на надежта на младите

04.02.2025 01:44
Европа во која може да се живее: враќање на надежта на младите

Летна школа Црес, 22-27 септември, 2024 година

Кога се случил Брегзит, Лора била премногу млада за да гласа. По 8 години таа се’ уште се сеќава на утрото кога биле објавени резултатите. Тоа утро отишла на училиште целосно разочарана, а повеќето од нејзините соученици во Обединетото Кралство ги споделувале истите чувства. Според неа гласањето било одлучувачко за цела генерација, а подоцна при аплицирањето на универзитети, младите сфатиле колку можности им биле одземени. Иако повеќето млади луѓе биле против напуштањето на Европската Унија, гласот на постарото население одлучи за Брегзит.

Меѓутоа, додека граѓаните на земјата успеале да ги препознаат бенефитите од членството во Европската Унија откако ја напуштија, граѓаните на земјите кои со години се стремат кон членството во Унијата, стануваат се’ пофрустрирани.

Теса од Приштина тврди дека младата генерација била воспитана со идејата за иднина внатре во ЕУ. Косово е најмладата европска земја, но сега нејзините млади се чуствуваат несигурно во врска со патот кон европската интеграција. Информациските кампањи кои го претставуваат европскиот идентитет на Косово за голем дел од населението звучат неусогласено и целите што ги прикажуваат делуваат далеку од реалноста што владее на теренот. Истовремено, недостатокот на севкупни информации ја убива надежта, а младите се се’ поскептични.

Делувајте пред да биде предоцна!

Ана од Загреб верува дека за луѓето во Хрватска влегувањето во Европската Унија било историско достигнување што се случува само еднаш во животот. Десетина години по настанот општеството се’ уште го чуствува значајниот импакт од членството во ЕУ, особено од финансиски и од инфраструктурен аспект. Сепак, постои впечаток дека интересите на помалите земји не се подеднакво слушнати, а политичарите изгледаат како да се оддалечени од ставовите на луѓето и од нивните секојдневни потреби.

Бројни елементи влијаат врз јавната мисла. Еден од нив е комуникацијата - или недостатокот од неа.. Како да се комуницира пред да биде предоцна? Европските вредности – важноста на демократијата, почитувањето на човековите права и достоинството, владеењето на правото и еднаквоста - се дискутирале стотици пати и се вклучени во договорите. Меѓутоа, нивното спроведување и заштита е сосема друга, многу потешка приказна.

Што е со нашите вредности?

Моменталната политика во Европа е обележана со геополитичка фрагментација, конфронтација и конкуренција. Често слушаме дека Европа треба да прифати попроактивна улога во светот, и точно е дека нашата безбедност не’ загрижува, но, не’ загрижува и заштитата на нашите вредности. Нашата демократија е загрозена, економиите се затвораат, нашите општества стануваат се’ понедоверливи и поларизирани, и, за многу луѓе, нашата заедничка Европска Унија е под притисок и сериозно доведена во прашање.

Покрај тоа, ЕУ често се обвинува за примена на двојни стандарди или за еднострано дејствување кога станува збор за нејзините демократски вредности и човекови права. На тоа се додава и брзорастечкиот проблем на пристојните цени за домување и живеење, социјалните и еколошките неправди, различните можности што се достапни во и помеѓу европските земји, вклучувајќи ги и разликите меѓу урбаните и руралните области, како и чувството дека многу земји-кандидатки, кои го преговараат своето членство во ЕУ, премногу долго се заглавени.

Со сите овие развојни процеси, незадоволството и незаинтересираноста се зголемуваат кај новите генерации граѓани, како во земјите-членки на ЕУ, така и во земјите-кандидати, па дури и надвор од европските граници.

Што сакаат Лора, Теса, Ана и сите ние?

Сакаме еднаквост за сите! Од правила кои важат еднакво за сите земји-членки на ЕУ, до политика која дејствува врз основа на потребите на граѓаните, од највисокото ниво до локалното.

Потребна ни е Европска Унија која ќе дејствува проактивно и која ќе ги одразува различните реалности на своите членки, без геополитички прагматизам и пристрасни интереси како единствени критериуми во процесот на донесување одлуки. ЕУ која ќе може да ги препознае и распределува ресурсите во зависност од потребите на земјите-членки, а истовремено ќе ги заштити локалните бизниси и индустрии. ЕУ, која меѓу другото, ќе има за цел целосно интегрирање на Западниот Балкан во Зелената агенда, осигурувајќи дека климатската акција не е бариера, туку пат до пристапување. Фактот што за земјите-кандидатки е речиси невозможно да ги реализираат европските еколошки регулативи без соодветна финансиска и техничка поддршка, води единствено до продлабочување на разликите и на јазот помеѓу идеалите на ЕУ и реалноста со која се соочени земјите-кандидатки.

Европа во која може да се живее промовира информираност кај граѓаните преку зголемена транспарентност во процесот на реформите и проширувањето и преку обезбедување достапни и детални информации за нејзините мотивираност, преговори и резултати. Во исто време, самите земји-кандидатки треба да бидат одговорни за сопствената трансформација, повеќе од само формалните реформи. ЕУ треба да биде конзистентна и храбра во своите напори, правејќи ја посилна и подобро опремена за да се справи со идните предизвици.

Европа во која може да се живее е обединета Европа. Потребно е да се посвети повеќе внимание на политичката кохезија. Потреба ни е Европска Унија која активно се бори против популизмот и национализмот во земјите-членки и во земјите-кандидатки, истовремено инвестирајќи во образованието и во комуницирањето на своите вредности, не пасивно, туку со преземање конкретни дејства.

Премногу луѓе се чувствуваат оддалечени од европската политика и не се свесни како таа влијае врз нивните секојдневни животи. Тука доаѓа до израз важноста на преносот на знаењето, како во земјите-членки така и во земјите-кандидатки во Европската Унија. Ефикасните протоколи на информираност, вистинските процеси на учество и кампањите кои се специјално прилагодени за различните региони, можат да ги разобличат митовите, да ги објаснат заблудите и да создадат поширока поддршка за ЕУ и за нејзиното проширување.

Нашата Европа во која може да се живее ги зема во предвид уникатните контексти на секоја земја и регион и ја држи отворена вратата за сите кои ги споделуваат европските вредности. Комуникацијата и учеството треба да бидат оддолу-нагоре, со вклучување на уличиштатa и на локалните заедници. Овој пристап ќе им овозможи на локалните влади да ги направат политиките на ЕУ поприлагодени и применливи за обичните граѓани на локално ниво.

Европа која ќе ги исполни своите очекувања е единствената Европа во која може да се живее. И само таква Европа, може да овозможи европски идентитет меѓу младите генерации и да им понуди нова надеж. Таква е онаа Европа што ја посакуваме!

 

Teкстот е изработен во рамки на програмата на „Летната школа Црес“ во Хрватска, која се одржа од 22-ри до 27-ми септември 2024 година.

ОкоБоли главаВицФото