Зошто некои Британци не го сакаат Доналд Трамп?

04.02.2025 13:42
Зошто некои Британци не го сакаат Доналд Трамп?

Неколку работи ми паѓаат на памет. Трамп има недостиг од одредени својства кои Британците традиционално ги ценат. На пример, нема ни класа, ни шарм, ни смиреност, ни веродостојност, ни сочувство, ни хумор, ни топлина, ни мудрост, ни суптилност, ни осетливост, ни самосвест, ни понизност, ни чесност, ни милост – сè особини со кои, иронично, неговиот претходник, господинот Обама, беше мошне обдарен. За нас, значи, таа остра спротивност прилично непријатно ги разоткрива недостатоците на Трамп.

Освен тоа, ние сакаме да се смееме. И иако Трамп може да биде смешен, тој никогаш не рекол ништо духовито, умно или барем малку забавно – ниту еднаш, никогаш. Не го велам ова реторички, го мислам дословно: ниту еднаш, никогаш. А тој факт особено ја вознемирува британската осетливост – за нас недостигот на хумор е речиси нечовечен. Со Трамп, тоа е факт. Изгледа дека тој дури ни не разбира што е шега – негова идеја за шега се вулгарниот коментар, неписмената навреда, лежерниот чин на окрутност.

Трамп е трол. И како сите тролови, никогаш не е духовит и никогаш не се смее; само ликува или се руга. И, што е застрашувачки, не само што зборува само низ груби, безумни навреди – тој всушност така и размислува. Неговиот ум е едноставен, како ботовски алгоритам од предрасуди и рефлексна пакост.

Никогаш нема никаков слој на иронија, сложеност, нијанси или длабочина. Сè е површно. Нeкои Американци можеби тоа го гледаат како освежувачка искреност. Ние не. Ние тоа го гледаме како недостиг на внатрешен свет, недостиг на душа. А во Велика Британија традиционално стоиме на страната на Давид, не на Голијат. Сите наши херои се храбри аутсајдери: Робин Худ, Дик Витингтон, Оливер Твист. Трамп не е ни храбар ни аутсајдер. Тој е целосна спротивност на тоа. Не е ни разгален богаташки син, ни алчен капиталист. Повеќе е како бел дебел полжав. Jabba the Hutt привилегија.

Уште полошо, тој е она што е најнеопростиво за Британците: насилник. Освен кога е во друштво на други насилници – тогаш одеднаш се претвора во цвилечки полтрон. Постојат неизговорени правила за вакви работи – правилата на Квинсбери за основна пристојност – а тој ги крши сите. Ударите ги задава кон долу – што господин никогаш не би смеел, ниту би требало да го прави – и секој негов удар е под појасот. Особено ужива да ги удира ранливите или безгласните – и тоа кога се веќе на дното.

Значи, фактот што значајно малцинство – можеби една третина – од Американците го гледаат тоа што го прави, го слушаат што зборува и си мислат: „Да, овој изгледа како вистински човек“, предизвикува збунетост и не баш мало чувство на непријатност меѓу Британците, со оглед дека:

- Американците би требало да бидат пољубезни од нас – и главно се.

- Не е потребна посебна остроумност за да се забележат некои мани на тој човек.

Последнава точка особено ги збунува и обесхрабрува Британците, но и многу други луѓе; неговите мани е проклето тешко да не се забележат. Во крајна линија, невозможно е да се прочита еден негов твит или да се слушне како изговара реченица или две без да почувствуваш дека гледаш длабоко во понор. Тој ја претвори уметноста на безумност во уметничка форма; тој е Пикасо на ситничавоста; Шекспир на срањата. Неговите мани се фрактални: дури и неговите недостатоци имаат свои недостатоци, и така до бескрај.

Господ знае дека отсекогаш постоеле глупи луѓе во светот, како и многу злобни луѓе. Но, ретко глупоста била толку злобна, или злобата толку глупа. Тој прави Никсон да изгледа како човек од доверба, а Џорџ В. паметен. Всушност, Франкенштајн да решил да создаде чудовиште составено исклучиво од човечки мани – би го создал Трамп.

И тогаш покајнички доктор Фракенштајн би ја корнел косата и би врескал во агонија: „Боже мој... што ли... јас... создадов?!“

Бидувањето кретен да беше ТВ емисија, Трамп ќе беше комплетна колекција во кутија.

Карикатури: Омар Ал Абдалат

Избор и превод: П. В.