1011 hPa
66 %

10 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 08:51
Марко Трпески: „Метафора (жито, какол и парчиња стакло)“, самиздат со поддршка на Студентски сервис, Скопје 2024
1. Муви и идеи
Мајка ми мразеше муви. Брзо и бучно ќе ги спуштеше зелените макара-завеси на прозорците, ќе ги навлечеше мрежите на вратите кон терасата и ќе се развртеше да провери дали ù е прирака пластичната тепалка. Но и покрај сите тие рутини и подготовки, се случуваше некоја мува да се осмели да влезе и таа нагло замавнуваше со десната дланка со малку свиткани прсти и ја фаќаше во лет. Како да немаше време да ја земе тепалката и да ја плесне мувата со неа. Ништо не беше побрзо и поефикасно од десната дланка на мајка ми! Оваа глетка ми беше и одбивна и фасцинантна во исто време. Никогаш немав видено никој друг така да фаќа муви.
На ова не бев помислила со години. Не ни знаев дека се сеќавам, сè додека во „Антолог“ не видов многу нови изданија на романите што ги сакав. „Тишини“, „Круг“, „Остров“ и „Тврдина“ од Меша Селимовиќ. Секоја корица одделно ја доживеав како некој со десната рака со малку свиткани прсти да ја фатил идејата во лет. Со само еден прецизен замав. Како што мајка ми фаќаше муви. Прочитав: Марко Трпески. Се потсетив дека и опашката-кист што од поодамна ми се допаѓаше на корицата на романот „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ ја беше направило истото име и презиме. За кориците на „Америка“, „Замок“ и „Процес“ од Кафка веќе ја препознавав таа дизајнерска дланка со свиткани прсти, тоа фаќање на идејата во лет. Потоа ми влезе в очи белата „Метафора“ (првата), па раскошните монтажи/колажирања на книгите на Владимир Јанковски, на неговите романи, но и на разговорите со Влада Урошевиќ, па го запознав Марко Трпески, па дојдоа чудесните колажи со ликот на Влада Урошевиќ во галеријата на МАНУ на нивната заедничка изложба „Барокна подморница“, па црната „Метафора (жито, какол и парчиња стакло)“...
Ја ценам целокупната работа на Марко Трпески, но најмногу сакам кога ќе ја видам дланката со згрчени прсти како ја фаќа идејата во лет, како што мајка ми фаќаше муви.
2. Како што не би требало...
Но, целта на овој текст не е дизајнерот Марко Трпески туку неговата нова книга, самостојното издание на авторот со поддршка на печатницата Студентски сервис: „Метафора (жито, какол и парчиња стакло)“ или како што разговорно ја викаме црната „Метафора“, зашто има и бела „Метафора“ – „Метафора (поглед зад огледалата)“ објавена во 2022 година. Сакам да ја претставам новата книга на Трпески на начин на каков што не би требало да се чита/гледа – одделно:
• само како поетска збирка, исклучувајќи ги дигиталните графики, што суштински e речиси невозможно;
• само како збирка дигитални графики без ниту еден единствен збор, што исто така суштински е речиси невозможно.
А дури потоа, на крајот, да ја претставам како целина, онака како што, всушност, би требало да се чита/гледа, бидејќи само на тој начин црната „Метафора“ е комплетна и носи максимална возбуда, остварувајќи го своето вистинско значење.
2.1. Поетска збирка
И белата и црната „Метафора“ се книги со текстуални минијатури и дигитални графики. Тоа е општа и најпрецизна одредница, подвлечена од сите, од рецензентите, од авторите на поговорите и критичките текстови. Текстуалните минијатури во случајот на црната „Метафора“ слободно можеме да ги именуваме како песни, стихови, поезија, па оттаму и црната „Метафора“ (и) како поетска збирка. Постојат повеќе причини поради кои е возможно текстуалните минијатури да ги именуваме како песни. Прво и основно, тие внатрешно се врзани со одлични рими. Индексот на римите е мошне свеж: извисив-измислив, сочинив-потчинив, опколен-доволен, трнот-црно, сништа-ништат, неми-вземи, кожа-полжав, сцената-надената, мерливо-недоверливо, патерица-материја, кимам-имав, досада-посатка... Врзувањето, пак, на минијатурите со рими им дава и специфична ритмика којашто дозволува да ги доживееме и именуваме како песна.
Какви се песните во црната „Метафора“?
Рефлексивни, по малку заумни, по малку комплицирани и херменевтички, длабоки и понекогаш тешко досегливи, кодирани најчесто со невидливото, неискажаното... Поинаку речено, песните имаат огромен домет: зборувајќи за едно нешто пред нас, истовремено се однесуваат и на којзнае што, досегаат којзнае каде, бескрајно далеку од нас. Римите на версификаторско ниво можеби повлекуваат римување и на просторите и времињата (синхроницитети со универзалното и вечното). Песните на Трпески во црната „Метафора“ реферираат на најразлични нешта, „исцртуваат“ надреалистички слики, отвораат и затвораат суштински прашања за себе и за светот, понекогаш меко, понекогаш и брутално, со тресок... Понекогаш синтаксичките инверзии функционираат како:
• дамнешни согледби, неначнати од протокот на времето (Зборот оклоп и одора е на значења видни),
• творечки сомнежи (Мои ли се мислите или туѓи имам вдомено?),
• вербализација на надреалистичка, магритовска или далиевска слика (Книга на шилести погледи надената),
• автореференцијални и автопоетички „дефиниции“ (Нарамен со гранчињата на плачот и смеата / чекорам во мракот и ја носам идејата)...
Читањето на стиховите без илустрациите е како од преблиску да се гледате со некого очи в очи. Немање претстава за тој спроти вас како целосна појава, како тело, гради, грб, раце, нозе... Читањето на поезијата во црната „Метафора“ изолирано од илустрациите е како жртвување димензии: коцката да се гледа како квадрат, кругот како кружница...
Типографијата и калиграмските решенија во стиховите во книгата ги приближуваат песните до ликовното. Овие симболистички визуелизации кај Трпески одат со градација, од најмали, како палав прашалник испаднат од редот, преку превртени или смалени зборови, избледени, легнати букви во редовите или надвор од нив,.. сè до бескраен Ешеров круг (Трпески го нарекува „Ешеров вител“) наполнет, извртен со стихови. Спомнувањето на Ешер, холандскиот графички уметник Мауриц Корнелис Ешер (1898-1972), препознатлив по интересот за бескрајот во уметничката креација, не е каде било и како било, туку во кружен бескраен калиграм.
Поднасловот на црната „Метафора“ е „жито, какол и парчиња стакло“ и претставува отсечок, нецелосна форма на стилската фигура зеугма, или уште поконкретно – силепса како подвид на зеугмата. Но, она што е особено интересно, оваа стилска фигура ја нема во стиховите. Треба да ја бараме на друго место, за да го „оправдаме“ поднасловот, а тоа е крајно необично...
2.2. Збирка дигитални колажи
Поднасловот „жито, какол и парчиња стакло“ е трочлена именска низа во која третиот елемент нема семантичка припадност со претходните два. Тој е нешто сосем друго, како да е натрапник во низата. Таквите низи кога се во функција на предмети во реченицата коишто се врзуваат за еден прирок се познати како зеугми, или силепси. Значи, имаме зеугматски поднаслов, а стилската фигура зеугма ја нема во ниту една песна во книгата. Но, принципот на изневерените низи, зеугматскиот или силептичниот принцип е многу присутен во дигиталните графики. Тоа е крајно необично, зашто стилските фигури се употребуваат во текст, не во визуелното. Кај Трпески нештата не се какви што е вообичаено да бидат. Во црната „Метафора“ стилската фигура од поднасловот треба да ја бараме и да ја препознаеме во визуелното, во дигиталните графики.
Како е можно визуелното да користи стилска фигура? Звучи необично, но не и неможно. Ако во графиката има тело, раце и нозе на човек и... глава на жирафа – ваквиот спој, ваквата изневерена низа којашто бездруго е надреалистичка, несомнено е и зеугматска. Токму овој принцип е најтипичен, најпрепознатлив во дигиталните графики на Трпески. Еве уште неколку примери за зеугматскиот принцип:
• Љубовна сцена, гушнат пар, женско тело, машко тело; женски раце, машки раце и: глави на жирафи;
• Две тела во разговор, едното голо, другото во костум од 19 век, седат на камен сред море, исправен показалец, држење за вратот со раката... (дотука низата е во ред) и одеднаш, едното тело/суштество има глава на змеј, другото – наместо глава има аквариум, т.е. ѕвоно со риби...
Значи, Трпески со еден стих во црната „Метафора“ може да нацрта слики (Книга на шилести погледи надената), од друга страна, пак, во графиките остварува стилски фигури (ликовни зеугми, ликовни силепси)...
3. Како што би требало...
Црната „Метафора“ носи максимална возбуда и го остварува своето вистинско значење само како целина, како ретка книга во домашниот издавачки простор, и затоа единствено така и би требало да се претставува/чита/гледа. Целосната и вистинска „Метафора“ има трето лице коешто ги обединува лицето на текстот и лицето на дигиталната графика во нешто поголемо и позначајно, не поништувајќи го (напротив!) нивното одделно и самостојно партиципирање во „заедништвото“. Третото лице функционира како нов аспект, нова суштина, нова душа на креацијата.
Текстуалните минијатури, како што промислено пишува Владимир Јанковски, се клучот за отклучување на ликовното, на илустрациите. Или обратно, илустрациите се клучот за отклучување на текстуалното. На ова само би ја додала клучалката, т.е. нејзиното отсуство од логичката верига. Клучалката речиси никогаш не е прецизно и јасно поставена. И во двата случаја совршен е клучот, совршена е „вратата“, но читателот/гледачот е тој којшто има задача да ја постави клучалката. Неозначувањето на клучалката од страна на авторот е уште една загатка на Трпески, уште една таинственост, мистичност, надреалност, невообичаеност. Клучалката е рецепцијата и неа Марко не ја одредува, не ја инсинуира, не ја преферира. Ни дава совршен клуч, оригинален, не калаус, ни ја покажува и вратата, но од нас зависи каде ќе ја поставиме клучалката... Огледалото-клуч на самиот почеток од книгата е можеби затскриен, суптилен и имплицитен авторов став дека отклучувањето на светот зависи од нас самите, од нашиот одраз во огледалото? Но, овде го користиме зборот клуч како метафора, не како збор ниту како предмет.
Во црната „Метафора“, авторот само двапати го употребува зборот клуч (на стр.12 и на стр. 40), иако, целиот текст функционира како клуч за илустрациите, и сите илустрации функционираат како клуч за текстот. (Еднаш се среќава и зборот клучар, на стр. 41, но тоа е друг можен аспект.)
На стр. 40 го има и зборот клуч во песната и цртежот клуч на илустрацијата и тоа е една исклучителна ситуација за нежен, отворен и видлив допир на едното со другото, на текстуалното со ликовното, на стиховите со графиките.
Клучалка како збор ја нема во книгата, зашто клучалката е рецепцијата, всушност. (На стр. 12 го има зборот брава, но тоа го сметам за трага на нешто сосем друго.) Клучалката како цртеж ја има и таа е поставена на огледалото! Трпески ни покажува каде точно треба да ја поставиме клучалката дури и тогаш кога се чудиме каде да ја отклучиме илустрацијата со клучот на текстот и обратно, каде да го отклучиме текстот со клучот на илустрацијата. Поставувањето на клучалката во огледалото во првата илустрација потсетува на оние книги со активности за деца кога на детето му се задава да подвлече, да поврзе, да заокружи... и притоа, како пример, му се нуди една испрекината линија која води до целта и треба само да се следи.
Кога ќе ги споиме дигиталната графика и стиховите што веќе ги извлековме како пример за автореференцијална „дефиниција“ (стр. 37-38), сè добива вистинска смисла. Едниот дел од стихот чекорам во мракот го поврзуваме со телото кое на копјето има свеќа!; вториот дел од стихот ја носам идејата го поврзуваме со јајцето во гнездото. Но, графиката не завршува кај што завршуваат зборовите. Човекот нарамен со гранчињата на плачот и смеата / што чекори во мракот и ја носи идејата во графиката нема глава, на местото на главата има гнездо, а во него јајце. Главата е гнездо, јајцето е идеја...
Вистинската смисла се добива и кога ќе ги споиме дигиталната графика и стиховите од калиграмскиот Ешеров круг (стр. 69-70). Бескрајниот кружен калиграм е истиот бескрај на вртените скали без почеток и крај на кои се искачуваат трите жени без глави со пеперугини крилја на грбовите.
Песната можеби го претпочита светот, но не го поседува. Светот го поседува цртежот, можеби и без да го претпочита. Обединувањето или барем сопоставувањето на светот на песната и светот на графиката, во овој случај е трет свет, кој и на едниот и на другиот, и на светот на песната и на светот на графиката, им додава нешто што го немаат и коешто, доколку останат разделени, не би ни постоело, не би можело ни да се прочита, ни да се види.
Необичниот свет на Марко Трпески во црната „Метафора“ не е дводомен (на стиховите и на графиките), туку тродомен: на стиховите, на графиките и на книгата на шилести погледи надената, посветена на неговата мајка, затоа што го научила да сонува. Навистина го научила да сонува, и со текст и со илустрации.