Mорињата се загреваат четири пати побрзо отколку во осумдесеттите години

05.02.2025 16:29
Mорињата се загреваат четири пати побрзо отколку во осумдесеттите години

„Ако ги замислиме океаните како када со вода, тогаш во осумдесеттите години на минатиот век славината со топла вода течела бавно, загревајќи ја водата само за дел од степен секоја деценија. Меѓутоа, сега славината со топла вода тече многу побрзо и загревањето е забрзано.“

Вака Кристофер Мерчант од Универзитетот во Рединг ги претстави резултатите од новата студија за нивото на загревање на океаните во последните 40 години, која беше објавена во списанието Environmental Research Letters.

Мерчант и неговите колеги користеле сателитски податоци, почнувајќи од 1985-тата година, за да ја пресметаат промената во стапката на загревање на површината на морињата.

Тие откриле дека океаните во осумдесеттите години на минатиот век се загревале за околу 0,06 степени целзиусови за една деценија. Денес, тоа е зголемено повеќе од четири пати, на 0,27 степени целзиусови по деценија.

Ова алармантно забрзување на овој тренд ги објаснува невидените температури на морето во последните две години, но и екстремните бури на кои бевме сведоци низ целиот свет.

Во периодот од 2023-тата до 2024-тата година, температурата на светските океани беше на рекордни нивоа дури 450 последователни дена, што послужи како гориво за жестоките разорни урагани.

Иако дел од вишокот на топлина е предизвикан од неодамнешниот Ел Нињо, природен феномен кој ги загрева тропските води на Пацификот, истражувачите пресметале дека 44 проценти од тоа се последица на фактот што океаните се загреваат многу побрзо од очекуваното.

Растечките температури на морето влијаат на сè, од коралните гребени како чувствителни екосистеми до економските гранки како риболовот. Долгорочните влијанија се уште повеќе загрижувачки, вклучувајќи посурови бури, пораст на нивото на морињата и почести, потешки пожари.

Ако не се преземат значајни чекори за намалување на емисиите и намалување на потрошувачката на фосилни горива, во следните 20 години океаните би можеле да се загреваат уште побрзо отколку сега.

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото