1008 hPa
32 %

27 °C
Скопје - Пон, 07.07.2025 21:59
Кога минатиот месец Доналд Трамп ги покани своите поддржувачи на инаугурацијата во Вашингтон, тие тргнаа од целиот свет: претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, италијанската премиерка Џорџа Мелони. На повикот се одзваа ултра-десничарските опозициски политичари како Британецот Најџел Фараж, но и претставниците на десничарско популистичката Алтернатива за Германија (АфД).
Радикалната десница од целиот свет ја искористи инаугурацијата за вмрежување. Еден ден претходно се сретнаа поранешниот главен идеолог на Трамп, Стив Бенон, син на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, една пратеничка од АфД во Бундестагот и многу инфлуенсери заради размена на идеи. Еден десничарски инфлуенсер од Германија се снимал на состанокот и воодушевено зборувал дека добил покана токму од амбасадорот на Салвадор. Движењето е расположено за патувања повеќе од кога било.
Интересен феномен е што самиот Доналд Трамп, со својата агенда „Америка на прво место“, стана магнет за ултра-националистите ширум светот – особено ако се земе предвид фактот дека многумина од нив всушност се антиамерикански идеолози. Но, оваа глобална алијанса на антиглобалисти на прв поглед изгледа парадоксално.
Против имиграцијата и модерното општество
„Она што ги поврзува овие мрежи е одбивањето на миграциите, национализмот, традиционалните семејни модели и антиглобализмот“, укажува професорката по социологија, Катрин Фанген од Универзитетот во Осло. Фанген е реномирана експертка за транснационалните мрежи на радикалната десница.
„Целта на овие мрежи не е само борбата за поголемо политичкио влијание. Нивната крајна цел е пренасочување на глобалниот идеолошки поредок – тие се борат за национализам и социјален конзервативизам, а против либералната демократија.“
Радикалните десничари брзо учат едни од други. „Стратегиите и успесите во една земја брзо ги преземаат движењата во други земји“, вели политикологот Томас Грефен од Слободниот универзитет во Берлин. Тој оценува дека нивото на поврзаност на радикалната десница е историско и без преседан. Во својата книга „Меѓународната мрежа на радикалната десница“ ја опишува нејзината тактика.
„На пример, стратегијата на Бенон „Затрупување на зоната со ѓубре“ е многу успешна меѓународно: политичкиот противник се опсипува со постојани провокации, лаги, нови идеи и напади, додека притисокот на целната личност не стане премногу голем“, објаснува Грефен. „Оваа комуникациска стратегија сега се користи насекаде меѓу активистите на радикалната десница.“
Нивниот однос кон демократијата е таков што ја користат како алатка: потребна им е за да дојдат на власт. „Фокусот е на тоа да се каже: 'Кој е избран, треба да може да владее без ограничувања'“, тврди Томас Грефен. Тоа го нарекува „хипер-мнозинска демократија“, односно демократија насочена исклучиво на наводните мнозинства.
„На пример, Виктор Орбан изјавува: „Избран сум со јасен мандат да ја спречам миграцијата во Унгарија и не сакам во владеењето да ме спречуваат европските институции, судовите, граѓанскиот отпор или медиумите финансирани од странство“. Тие ги презираат противењето и компромисите“, вели политикологот од Берлин.
На протагонистите на радикалната десница им пречи тоа што поради растечката правна регулатива, бирократизацијата и наднационалните институции, наводно постојат премногу пречки за остварување на волјата на мнозинството. А во „хипер-мнозинската“ или нелибералната демократија, треба да преовладува токму волјата на мнозинството.
Радикалната десница порадо посегнува кон омразените државни пари
За својата идеолошка борба радикалната десница има на располагање многу пари. Најпознатите донатори од САД се Илон Маск и браќата Кох – милијардери кои ја поддржуваат идеолошката борба. Технолошкиот милијардер Маск не учествува само финансиски во политичката игра. Тој е и активен припадник на радикалната десница. На својата платформа Икс изразува симпатии за АфД во Германија, ја поддржува радикалната десница во Велика Британија и ги напаѓа либералните партии.
Но, радикалната десница не ја поддржуваат само приватни донатори. Русија и Кина исто така често се на мета на критики за финансирање на популистичките мрежи со цел да се дестабилизираат либералните општества.
Значајни средства доаѓаат и од заколнатите непријатели на десницата, како што е Европската унија, но и други претставници на либералните демократии. На пример, во Германија најважниот финансиски извор за АфД е омразената либерална држава. Во 2021-та година, околу 45 проценти од приходите на партијата, повеќе од десет милиони евра, дојдоа од државниот буџет.
Во демократскиот систем партиите добиваат државна поддршка, а со политичкиот успех расте и финансирањето. „Ова им овозможува на радикално десните партии да го шират својот досег на влијание. Освен тоа, Европскиот парламент им обезбедува речиси автоматска платформа за меѓународна соработка, вклучувајќи и дополнителни ресурси кои им ги обезбедуваат нивните мрежи“, нагласува Катрин Фанген од Универзитетот во Осло.
Дали нивниот успех е незапирлив?
Сега, на почетокот на 2025-тата година, изгледа дека стратегијата на радикално десните мрежи има голем успех: Доналд Трамп повторно е избран за претседател на САД, а во земјите како Германија, Франција, Велика Британија и Австрија, десничарско-популистичките партии се сè помоќни.
Дали нивниот успех е незапирлив? Политикологот Томас Грефен не мисли така. Многу радикални десничари профитираат од фактот дека никогаш не морале самите да владеат и дека им било полесно да собираат политички поени како политичка опозиција.
„Притоа, нивниот успех прикрива многу пукнатини во често само површно обединетите движења“, смета германскиот политиколог.
Грефен е убеден: „Ако на терен во политичката база се појави дискусија околу содржината со истовремено незадоволство кај поширокото избирачко тело, успехот на десничарите може да доживее пресврт.“ Но, за тоа, како што заклучува, постои еден предуслов, а тоа е дека демократските институции функционираат.
Карикатури: Tjeerd Royaards
Извор: https://vreme.com/