1011 hPa
66 %

10 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:12
Поттикнат од актуелните настани околу предложената „Концепција за гимназиско образование“, по освртот на есејот на Мерилин Робинсон направив осврт на книгата Поништувањето на човекот од К. С. Луис.
Сметам дека оваа книга, достапна на македонски во издание на Издавачката куќа „Метаноја“, дава исклучително важни увиди во оваа проблематика, но ги опфаќа и општествените феномени кои влијаат на ваквите и на сличните одлуки во образованието не само во Македонија туку и во светот.
Општата морална рамка „Тао“ како основа за благосостојбата на човештвото
Луис ја заснова книгата врз пет водечки аргументи предвидувајќи ја траекторијата на образованието во Западниот свет, а со тоа и траекторијата на идеологиите кои ќе го обликуваат, за него идниот, а за нас тековен светоглед. Овие согледувања и предвидувања Луис ги почнува со давањето на општа рамка за објективен морален поредок чиј генерички назив го позајмува од терминот „Тао“. Во него Луис гледа „објективен морален поредок“ чии општи премиси се точни и оттаму општите морални заклучоци не можат да бидат субјективни или производ на каков било општествен договор. Тие се суштински дел на сеопштиот морален поредок на „Тао“ или на „Патот“. Какво било отстапување или отсуство од патот на „Тао“ доведува до влошување на општествената благосостојба. Оттука Луис посочува дека субјективизмот и релативизмот има поткопувачко влијание врз човечката природа.
Поткопувањето на концептот за објективни вредности оневозможува донесување на автентични морални расудувања што според него води до поништување на човекот. Длабокоумната проникливост на Луис доаѓа до израз со неговото предвидување до што може да доведе технолошкиот развој без да се води од сеопшт морален компас и од етички скрупули. Ова е особено нагласено во врска со оние кои би биле на водечки политички, научни и образовни позиции. Во ова предвидување Луис е свесен и за една иронија, а тоа е иронијата на научно-технолошкиот напредок на човештвото. Во времето на активните години на Луис како мислител и како автор од 1920 до смртта во 1963 Луис веќе ги согледува и ги насетува последиците на технолошки развој без морал. Секој обид на човештвото да доминира со природниот свет исклучувајќи ги објективните морални насоки довел и ќе доведе до ќор-сокак. Уште полошо, напуштањето на моралните апсолути, како во Втората светска војна, неизбежно водело до индивидуална и масовна подложност на манипулација. Луис својот аргумент го завршува со тврдењето дека достоинството на човечката природа не може да се одржи и да се „одбрани“ во отсуство на сеопшти морални постулати кои се константни и непроменливи. Враќањето на ваквата морална визија воедно е и услов за зачувување и напредување на човечката цивилизација.
Погоре ги изложив главните аргументи на Луис. Подолу ќе дадам подробен осврт кон секое од трите поглавја во книгата.
Поглавје 1: „Луѓе без граден кош“
• Оценка на современото образование
Својата критика на образованието, особено на основното и на средното, Луис ја почнува со цитати од школски учебник што тој под псевдоним го нарекува „Зелената книга“. Во него двајцата автори цитираат поезија преку што сакаат да покажат дека квалитативните оценки на цитираните поети се само субјективно изразување на емоции без реална можност да се каже нешто објективно за темата која ја обработуваат во поезијата. За Луис ова е опасен начин на размислување. Авторите со овие тврдења на младите ученици ги убедуваат дека убавината, доблеста, вистината и добрината се субјективни категории што претпоставува порекнување на способноста за созерцување на вистината, на доброто и на убавината.
• Метафората на „Луѓе без граден кош“
Изразот „Луѓе без граден кош“ е метафора со која се илустрира темелното онеспособување на генерации на ученици во основното и во средното образование. Метафората призива ментална слика на човечко суштество со глава и со стомак но без граден кош. Разумот што го претставува рационалниот принцип во главата и сетилниот апарат што го претставува стомакот се директно поврзани без посредство на градниот кош поточно на срцето – јадрото на моралниот емотивниот и естетскиот свет на човечката природа. Без усогласеноста на моралот и на емоциите со разумот и со сетилата, човештвото може да стане речиси беспрекорно ефикасно во своите потфати, но ним ќе им недостига смисла и цел – основните двигатели на човечкиот живот.
Оној кому му недостига „граден кош“ или срце, без разлика на интелектуалните способности и на сетилната реализираност ќе биде во етички дефицит. Воспитувањето и образувањето на личности кои се интелигентни и задоволни, но не и доблесни ќе создаде општество засновано исклучиво врз лични желби, па дури и врз лични страсти. Во таков свет меѓусебните односи ќе бидат „трансакциски“ и водени од манипулативен егоистичен цинизам.
Како одговор на оваа состојба Луис го посочува сеопштиот морален кодекс „Тао“
Поглавје 2: „Тао“
Терминот „Тао“ Луис го позајмува од класичната кинеска мисла за со него да означи збирка на сеопшти, објективни морални стандарди препознаени од сите цивилизации низ историјата. Меѓу водечките карактеристики на овие сеопшти стандарди се храброста, правдата, милосрдноста и чесноста.
• Модерниот субјективизам и порекнувањето на „Тао“
Приврзаниците на светогледот изложен во „Зелената книга“ сметаат дека моралот е конвенционален и релативен. За Луис ваквото гледиште е самопоразително. Какво било порекнување на принципот на „Тао“ се потпира на претпоставката за интелектуална и морална супериорност над наводно инфериорни периоди на човештвото. Овој факт ја покажува противречноста на овој светоглед зашто за да ја порекне објективноста на какво било „вреднување“ кое се сведува само на емотивно гледиште се наметнува сопствено апсолутно вреднување. Аргументот не може да искаже каква било критика врз „Тао“ без да посегне по неговите принципи.
• Заблудата на воспоставување на „нов“ морален поредок.
Луис тврди дека не постои вистинско „создавање“ на нов морал. Според него тоа е невозможно како што би било невозможно да се создадат нови физички закони. Занемарувањето на постоењето на физичките закони чии феномени се истражувани, откривани и потврдувани од човештвото не би можело да произведе нови закони. Нивното порекнување би било со тешки последици за човечкиот род. Исто е и со занемарувањето на „Тао“. Обидот да се создаде каков било нов „Тао“ може само до доведе до негово кривоколчење и лоши последици за човештвото. Тоа според Луис е еднакво на човечки колективен потфат да се самоуништи.
Поглавје 3: „Поништување на човекот“
• Последиците од човечката експлоатирачка контрола врз природата
Луис го испитува двојното влијание на науката и технологијата. Во принцип и двете придонесуваат кон благосостојбата на човештвото поттикнувајќи напредок кој го олеснува животот и го подобрува квалитетот на живеењето. Она на што тој предупредува е дека некритичкиот пристап кон овие сфери ја поткопува човековата слобода. Како што човештвото воспоставува сѐ поголема контрола над природата, така тоа отвора простор за определени поединци да спроведуваат контрола над другите. Под „другите“ најчесто се подразбираат широките маси кои немаат еднаков пристап до придобивките од науката и од технологијата, а со што се воедно „ранливи“ општествени категории.
• Заблудата за „ослободувањето од сеопштите морални стеги“
Луис проникливо илустрира дека секое „ослободување“ од сето она што на каков било начин ја ограничува личноста нѐ става во уште потешки пранги. Исто како што кога би се рекло дека најголема слобода за окото би била да нема никакви прозорци што ни го ограничуваат погледот. Тогаш сѐ што му стои на погледот како пречка би требало да се отстрани. Ако е така, откако ќе се отстрани секоја пречка освен празен простор окото нема што да види. Исто е и со конвенционалните морални прозорци. Ако се отстрани секоја морална пречка на крај не само што тоа нема да доведе до поголема слобода, туку тоа ќе резултира со нови и уште пострашни форми на угнетување. Да ја сменам метафората. Без рамката на законот на гравитацијата човечките, а и телата на сите живи и неживи објекти би биле „ослободени“ од некои несакани последици на гравитацијата како што е паѓање од висока зграда. Но во тој случај не би имало ништо што би нѐ задржало во рамките на животодавната и животоодржувачка Земјина атмосфера. Токму затоа, надвор од гравитациската сила на Земјата членовите на астронаутските екипажи имаат далеку помалку простор за слободно движење од нас на Земјата. Според ова Луис знае дека ако поединецот е „ослободен“ од моралните ограничувања, тогаш државата или елитната група мора да спроведе друг вид на контрола. Таквата контрола има далеку потешки ограничувања и многу подалекусежни последици. Споредено со примерот на долгиот престој во вселенска станица исто како што на екипажот им атрофира способноста да чекорат, така и при продолжено отсуство од морална „гравитација“ атрофира способноста за морално расудување и поведение.
• Општествениот инженеринг како последица на целосното укинување на етичките стандарди
Луис тврди дека ако човештвото ги загуби сите објективни идеали, генерациите кои надоаѓаат ќе бидат далеку поподложни на влијанието на оние на позиции на моќ. Наместо да трага по етички доблести човештвото ќе се впрегне во колективна потрагата по моќ и на битка на секого со секого.
Крајниот исход од загубата на сеопштите морални постулати за човештвото ќе биде појавата на поединци за кои независната или слободна волја ќе биде непожелна или само обичен „мит.“ Луис ова го пишува пред осумдесетина години. Луцидноста на неговите предвидувања е восхитувачка и вџашувачка. Стремежот на општествените текови во последните четириесет или педесет години во целост ги потврдува предупредувањата на Луис. Наместо од полнолетните личности да се очекува одговорност за сопствените постапки денес се случува своевидна „психологизација“ и „инфантилизација“ така што речиси и да не постои постапка за која не може да се најде оправдување во општествените околности или во менталната состојба. Нема одговорни личности, има само продукти на општествениот инженеринг. Луис предупредува дека ова е врвот на тиранијата. Во оваа тиранија крајните „господари“ нема да бидат поединци, туку дехуманизирани архитекти на општеството. Имајќи го предвид тековниот технолошки напредок и како тоа се манифестира во животот на поединците и во општеството на Луис може да се гледа како на пророк кој ја согледал и ја кажал вистината.
Ќе го завршам овој осврт цитирајќи го последниот пасус од книгата на Луис. Во него тој го нагласува она што јас го спомнав погоре во врска со гледањето низ прозорец.
„Целата идеја да се види низ нешто, е да се види нешто низ него. Добро е прозорецот да биде проѕирен, затоа што улицата или градината зад него се непроѕирни. А што ако можевте да видите низ градината, исто така? Нема никаква полза од обидот да се гледа низ првите принципи. Ако гледате низ сѐ, тогаш сѐ е проѕирно. Но целосно проѕирниот свет е невидлив свет. Да се гледа низ сѐ е исто како да не се гледа ништо.“
Од ова може да се заклучат две важни нешта во денешниот македонски контекст. „Растеретувањето“ на учениците од обврската да изучуваат филозофија и етика, можеби ќе придонесе кон „поисплатливо“ вложување во образованието кое би резултирало со попрофитабилни професии и работни места. Но тоа никако нема да придонесе кон долгорочна благосостојба на човештвото. Напротив, создавајќи целосно „проѕирен свет“ ќе го сведе тој ист свет на целосна „невидливост“. Логичните, критичките и моралните рамки можеби сами по себе не можат да биде монетизирани, но без нив монетизацијата на сите други научни гранки станува бесмислена зашто нема да му служи на човештвото туку на „дехуманизираните архитекти на општеството“. Верувам дека никој во Македонија не би сакал да живее во такво општество.
Слики: Duy Huynh