Студентските протести како генерациски бунт

07.02.2025 16:29
Студентските протести како генерациски бунт

Припадниците на зумерската генерација кои протестирале додека растеле биле изложени на поголем број информации и содржини отколку децата и адолесцентите во кое било претходно време во човечката историја. Оваа огромна пролиферација на содржини од сите облици оневозможи одржување на авторитативниот наратив и став за кое било светогледно, општествено или политичко прашање (а често и за значителен број фактички прашања). Бидејќи оваа состојба е нивна почетна точка, може да се претпостави дека тие генерално се помалку авторитарни од претходните генерации и затоа се помалку склони да прифатат, како и воопшто помалку да ги разбираат авторитарните модели на однесување, што би ги објаснило нивните главно рамнодушни реакции на типичните закани од режимот, неговите следбеници, како и од едноставно лутите минувачи.

Генерацијата бумери се карактеризира со потпирање на телевизијата и во помала мера на весниците со голем тираж, како извор на вистина. Во нивните формативни години, телевизорот го зазеде местото на прозорец кон светот и тие уште како тинејџери се навикнаа да се информираат за општествените и политичките настани и прашања преку овие официјални и контролирани извори. Извештаите за таквите прашања, пристапите кон нив и нивните решенија за бумерите беа посредувани преку споменатите извори, главно преку телевизијата. Тоа ја објаснува нивната доверба во државниот систем; навикнати се дека некој – шефот на државата или важен државен функционер – ќе се појави на телевизија и ќе го соопшти правилното толкување на општествената реалност и решението на тековниот општествен, политички или економски проблем. (Оттука и нивните тврдења како: „Како знам? Па, кажаа на телевизија/ во ТВ-дневникот/ пишува во весниците.“)

Ова кај нив поттикнуваше пасивен однос кон важните општествени прашања. Тие се навикнати да очекуваат дека одговорот на тие прашања ќе го даде некоја повисока инстанца.

Од друга страна, зумерите преку интернет дознаа дека за сите светогледни и општествени прашања постојат многу различни ставови, за кои, притоа, постои низа аргументи „за“ и „против“, како и многу перспективи од кои може да се гледаат. Освен тоа, телевизорот – традиционално главниот канал за дисеминација на официјалните наративи – веројатно престанале да го гледаат откако тргнале во петто одделение. Поради овие причини, зумерите се помалку подложни на политичка пропаганда отколку нивните родители и бумерите.

Во овие протести станува збор и за судир на два начини на организација: студентите се организирани како мрежа, додека режимот и партиите што го сочинуваат се организирани исклучително хиерархиски.

Мрежите претставуваат закана за хиерархиите. Мрежите се изоморфни – секој дел е идентичен со секој друг дел. Тие на своите членови им даваат еднаква моќ и еднаков пристап до информации. Хиерархиите, пак, се карактеризираат со изразена нееднаквост во овие и други прашања.

Мрежите имаат пократко време на реакција од хиерархиите. Тие побрзо примаат и дистрибуираат информации. Хиерархиите потешко и побавно се прилагодуваат на промените.

На фундаментално ниво, јазикот на сите генерации постари од миленијалската генерација зумерите кои протестираат главно не го разбираат. Ова е она што државните функционери – бумери и иксери – не го сфаќаат. Говорот на министерката за образование, типична бумерка, е темелно неразбирлив за нив. Говорот на авторитарниот администратор, иксер кој до неодамна симулираше функција на премиер, е главно неразбирлив за нив. Не ги разбираат заканите со хрватска, албанска и западна опасност.

Србија е претежно земја на пензионери. Бунтот на студентите е и борба за правата на една малцинска група, имено, генерациите родени по 2000-тата година. Тие се двојно или повеќекратно побројни од генерациите родени во педесеттите, шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите. Според тоа, зумерите кои се на страната на режимот во однос на протестите се предавници на својата генерација.

Од каде кај оваа генерација студенти одлучноста да донесат крупни промени во Србија (во однос на уреденоста и владеењето на правото)? Еден од важните фактори е околноста дека емиграцијата во некоја од побогатите и поуредените земји на ЕУ за нив е помалку привлечна опција отколку што беше за иксерите и миленијалците. Во последните седум-осум години разликата помеѓу економскиот стандард на ЕУ и Србија се намали, а во ЕУ има помалку кариерни можности отколку пред пет или десет години. Важни фактори во тој поглед се и масовната имиграција од некомпатибилни култури и предизвиканиот пораст на насилни кривични дела во богатите земји на ЕУ, како и намалената конкурентност на ЕУ во однос на Кина и САД.

Исто така, српските зумери имаат многу помалку причини за очајување и резигнација поради состојбите во Србија отколку што имаа иксерите кои својата адолесценција и/или младост ја поминаа во услови на немаштија, масовно осиромашување на населението, меѓународни санкции и изолација, не можеа да патуваат и поради сето тоа беа ускратени за многу искуства.

Само навидум парадоксално е што овој бунт се случува во време на највисок економски стандард (стапка на вработеност, просечна плата, опсег и разновидност на достапни производи) во Србија во последните најмалку четириесет години. Отсуството на реална опасност од сиромаштија им даде маневарски простор и одредена доза неоптовареност на студентите и другите граѓани кои ги поддржуваат и учествуваат во блокадите и протестите, неопходна за да се охрабрат на ваков општествен ангажман во отпорот против актуелната власт.

Меѓу другото, тие го започнаа својот бунт зашто не го знаеја она што го „знаеја“ упатените припадници на претходните генерации: дека крупни промени кон подобро во авторитарната, корумпирана и во голема мера немеритократска српска држава се невозможни затоа што населението главно е слабо образовано, заостанато и поданичко.

Слики: Облакодер

Извор: https://pulse.rs/