1011 hPa
66 %

10 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:12
Проценките за глобалните последици од враќањето на Доналд Трамп на чело на САД се движат од тези дека неговиот втор мандат ќе го преобликува меѓународниот поредок и светот воопшто, до поретки тврдења дека нема да се случи ништо што и онака не би се случило, како кога лидерството, на пример, би го презела Камала Харис. Сепак, Вашингтон уште е воено седиште на речиси неприкосновената суперсила која во 2023-та година на оружје потроши повеќе од следните девет земји од ранг листата заедно, со историски неспоредлива мрежа на сојузници и воени бази распоредени низ целиот свет, со околу четвртина од светскиот БДП и со немерлива „мека“ моќ.
Тешко е да се каже дека не е важно кој стои на врвот на оваа во историјата уникатна сила. Особено кога станува збор за политичар чиешто разбирање на меѓународните односи значително отстапува од американската ортодоксија од 1945-та наваму. Заговарачите на втората теза можат да ги наведат повеќекратните политички континуитети меѓу првиот мандат на Трамп и оној на Џо Бајден, од политиката кон Кина до санкциите против Иран. Исто така, поддржувачите и противниците на Трамп често подеднакво драматично ги преувеличуваат и неговите намери и можностите за спроведување одредени политики.
Вистината веројатно лежи некаде – но не и драстично – поблиску до тврдењата за важноста на улогата на Трамп. Летото 2021-та година пишувавме за најважните тези од студијата на Германскиот институт за надворешна политика (СВП) со наслов State of the Union, кои вреди да се повторат. Постојат седум долгорочни трендови што ја обликуваат внатрешната и надворешната политика на САД. Тоа се политичката поларизација, зголемувањето на социоекономските нееднаквости (најбогатиот 1 процент од Американците во 1980-та година заработувале 11 проценти од националниот доход, а во 2018-та веќе 18,7 проценти, додека уделот на најсиромашните 50 проценти паднал од над 20 на околу 13 проценти од вкупниот национален доход), трансформацијата на медиумскиот систем и фрагментацијата на јавноста, зголемувањето на трошоците за климатските промени, структурната промена на американската економија, вклучувајќи ја и деиндустријализацијата, заострувањето на ривалството со Кина, како и сè поголемите предизвици за американскиот сојузнички систем.
Новиот-стар претседател на САД не е никаков причинител на наведените трендови; напротив, тој е нивен симптом. Дури и да не беше Трамп тој што ја посака улогата на лидер на најмоќната држава во светот, веројатно порано или подоцна ќе дојдеше политичар со сличен профил. Трамп не е аномалија, туку логична последица на состојбата во американското општество и на токсичниот коктел на политиката, бизнисот и медиумскиот спектакл. Сепак, студијата на СВП истакнува дека Трамп значително продлабочил некои од овие трендови: тој истовремено е и последица и мотор кој ја турка земјата понатаму по веќе зацртаниот пат.
Ако остане на функцијата до крајот на овој мандат, ерата на Трамп ќе трае исто толку долго колку онаа на Рузвелт или Реган и извесно е дека ќе остави длабока трага. Инаку, за време на последните претседателски избори, само 4 проценти од американските гласачи ја наведоа надворешната политика како фактор што влијаел врз нивната одлука, што е спротивно на опсесиите на креаторите на јавното мислење, но тоа исто така сведочи и за перверзноста на светот во кој релативно мал дел од популацијата не само што натпропорционално, туку и незаинтересирано, во голема мера одлучува за иднината на планетата.
Настојувајќи да ги идентификува идеолошките оски на Трамп, угледниот економист Бранко Милановиќ ги издвојува меркантилизмот, односно учењето дека нацијата мора да продава повеќе отколку што купува, како и противењето на новите миграции. Но, неговата идеологија најмногу ја дефинира како „антиимперијалистички национализам“, односно убедување дека „улогата на САД не е да ја исправуваат секоја неправда во светот (во оптимистичката или самооправдувачката визија на оваа доктрина), ниту да трошат пари на народи и каузи кои немаат никаква врска со нивните интереси (во реалистичкото сфаќање на истата доктрина)“.
Милановиќ смета дека, спротивно на интернационалистот Вудроу Вилсон – или државната секретарка на Клинтон, Медлин Олбрајт, која ја истакнуваше Америка како „незаменлива нација“ – Трамп е поблизок до претседателите како Вилијам Тафт, „кој веруваше во економската сила на САД и не гледаше потреба таа сила да се претвори во хегемонистичко политичко владеење со светот“, или до основачите на САД, кои се ужасуваа од мешањето во туѓите работи. Милановиќ не верува дека Трамп ќе се откаже од хегемонијата и ќе го распушти НАТО. Тука го цитира Тукидид, кој пред повеќе од 2400 години за Атина напишал: „Вашата империја сега е како тиранија: можеби беше грешка што ја освоивте; но е крајно опасно да ја напуштите“. Во согласност со меркантилистичките принципи, Трамп ќе ги присили сојузниците да плаќаат повеќе за американската заштита. Не треба да се заборави дека Акрополисот е изграден со злато украдено од атинските сојузници, заклучува економистот.
Досегашниот либерален мултилатерализам ќе ослабне. Стручњакот од СВП, Марко Оверхаус, во неодамнешниот текст „Европа и крајот на Пакс Американа“ истакнува дека Трамп во првиот мандат настојуваше да обезбеди американска супремација без да се грижи за меѓународните институции, додека Бајден не се враќаше кон архитектурата на (наводниците се наши) „слободната“ трговија. Но, ако Трамп сака да ги намали миграциите, ќе биде неопходна некаква форма на соработка со латиноамериканските држави. Освен акцентот на унилатералните потези, неговиот втор мандат веројатно ќе го обележат уште две карактеристики. Првата е трансакцискиот пристап, односно склоноста кон прагматични договори што носат непосредни придобивки и се засноваат на реципроцитет наместо на долгорочни стратешки сојузништва. Втората е непредвидливоста – коментаторите истакнуваат дека е тешко да се предвидат потезите на Трамп, бидејќи веројатно ни самиот не ги знае однапред.
Британскиот историчар Лоренс Фридман наведува дека Трамп во првиот мандат одобри воздушни напади врз режимот на Асад во Сирија, а Обама се колебаше, и нареди убиство на иранскиот генерал Касим Сулејмани. Во други прилики, пак, беше и воздржан: откако ѝ се закани на Северна Кореја со „оган и бес“, се сретна со Ким Јонг-ун во пријателска атмосфера. Иако Бајден ја сноси одговорноста за повлекувањето од Авганистан летото 2021-та година, договорот со талибанците првично го склучи Трамп. Тука се и многупати споменатата склоност кон авторитарни лидери како Владимир Путин и убедувањето дека токму тој е во состојба да договори врвни спогодби.
На првиот посттрамповски состанок со сојузниците Бајден изјави „America is back“ („Америка се врати“), со што требаше да се врати довербата во САД како сигурен партнер. Сега се врати Трамп, а дали неговото „America First“ („Америка на прво место“) ќе ја дефинира ерата, „во голема мера зависи од тоа како ќе ја спои својата изолационистичка реторика со својата инстинктивна желба да биде главен играч на своето време“, истакнува Њујорк Тајмс. Но, улогата на Трамп не треба ни да се пренагласува.
Новиот претседател во изборната кампања повеќепати нагласуваше дека има намера да ги запре „бесконечните војни“ и да ги држи САД подалеку од нив. Изјави и дека војната во Украина ќе ја заврши „за еден ден“. Сепак, изборот на Марко Рубио за државен секретар (министер за надворешни работи) и на Мајк Волц за советник за национална безбедност не навестува добро. Иако нивните ставови се оддалечија од интервенционистичките неоконзервативни „јастреби“ и се доближија до концептот „America First“, Рубио е познат по тврдата линија кон Кина, Венецуела и Иран, како и по жестоко произраелските ставови.
Волц, пак, поддржуваше брзо завршување на војните во Украина и Газа, но со јасна цел: пренасочување на американскиот фокус кон Индо-Пацификот и ослободување капацитети за „зауздување“ на Пекинг. Нема смисла да се поттикнуваат стравовите од нова светска војна, бидејќи таа уште не е на повидок. Администрацијата на Бајден дозволи, па дури и поттикна војни во Европа и на Блискиот Исток, но иако е веројатно дека сме сведоци на глобално американско повлекување, не е оправдано ни да се вложуваат големи надежи во Трамповото миротворство. Воениот буџет постојано растеше и за време на неговата администрација. Како и да е, понепредвидливиот поредок воедно значи и сè понесигурен свет – а светот веќе е многу поопасно место отколку што беше во првиот мандат на Трамп.
Украина и Русија
Американскиот весник Волстрит Журнал објави детали од мировниот план што наводно го разгледува Трамп. За разлика од администрацијата на Бајден, која официјално ја поддржуваше Украина „колку и да е е потребно“ – иако во реалноста тоа изгледаше нијансирано – и тврдеше дека нема да преговара без Киев, според наводниот план, Вашингтон би толерирал руско задржување на окупираните територии (околу 18 проценти од украинската територија) и би понудил замрзнување на украинското членство во НАТО на 20 години. По должината на фронтот би се воспоставила демилитаризирана зона, што би ја обезбедувале војските на европските земји, кои исто така би ги покривале трошоците. Начелната склоност кон преговори е разумна. Иако изминативе месеци Володимир Зеленски тврдеше дека ваквата формула е неприфатлива, прекинот на огнот во Киев, барем неофицијално, не е табу тема. Колку и да е неправеден, компромисот околу териториите е рационален. Стотици илјади руски војници не можат да бидат протерани од Украина без дополнителна огромна цена во животи и многу опасна ескалација. Но, сè останато е голем проблем.
Украина тешко ќе прифати примирје без сериозни безбедносни гаранции како замена за членството во НАТО, што е разбирливо по бруталниот руски напад. Освен тоа, Путин му честиташе на Трамп за изборната победа, што драстично отстапува од односите помеѓу Москва и Вашингтон во времето на Бајден. Сепак, не треба да се очекуваат чуда, барем не веднаш. Трамповиот избор дефинитивно ја влошува позицијата на украинското раководство. Вашингтон навистина би можел да ја прекине целата помош и да ја принуди Украина да прифати наметнат мир. Но, тоа не е едноставно, а како што истакнува аналитичарката Татјана Становаја, предложените услови за примирје не му се прифатливи на Путин.
Она што го бара тој - гарантирано и засекогаш неутрална Украина, а особено руска влада во Киев - тешко дека некој може да го вети. Москва војната ја започна со цел да изнуди нова европска безбедносна архитектура, поради тоа што нејзините оправдани приговори на едностраното ширење на НАТО беа игнорирани – што, секако, не ја оправдува тековната агресија. Идејата војските на европските членки на НАТО трајно да се стационираат во Украина - дури и во друг формат - може само да го ужасне Путин.
Тој бара и предавање на големите градови Запорожје и Херсон кои не ги контролира во моментов. Како што напредува руската војска во моментов, а Украина полека губи, Москва нема мотивација да го запре разорниот поход. Но заземањето на споменатите градови е тешко возможно без нова мобилизација, која настојува да ја избегне. Најпосле, Трамп веројатно навистина сака смирување на конфликтот, но не може да си дозволи да изгледа слаб. Ако целосно попушти пред агресорот, тоа нема да ги загрижи само сојузниците, туку и многу републиканци во Конгресот и трајно ќе ја наруши сликата што сака да ја создаде за себеси. Ако Путин не покаже кооперативност, можно е сценарио во кое конфликтот наместо да се смири, дополнително да ескалира.
Европската унија и НАТО
Доналд Трамп не е првиот американски лидер кој ја забележал разликата во издвојувањата за одбрана меѓу САД и европските земји. Веројатно е првиот што ја дефинираше улогата на САД како мафијашки рекет: на почетокот на годинава изјави дека ќе ја „охрабри“ Русија да „прави што сака“ со членките на НАТО што не издвојуваат 2 проценти од БДП за одбрана. Ваквите изјави сигурно ја поткопуваат довербата на американските сојузници дека САД ќе ги исполнат своите обврски преземени уште во 1949-тата година. Односно, тие претставуваат суштинско отстапување од темелите на американската политика воспоставена од крајот на Втората светска војна: во дефиницијата што му се припишува на неговиот прв генерален секретар, Лорд Исмеј, НАТО е создаден за да ги „држи Советите надвор, Американците внатре, а Германците подолу“. Споменато е дека Северноатлантскиот пакт нема да биде распуштен преку ноќ. Сепак, Оверхаус наведува дека со новиот пристап најоптоварени ќе бидат „помалите членки на НАТО и оние кои не го поддржуваат Трамп политички“. Инаку, студијата „State of the Union“ истакнува дека наведените негативни трендови сериозно ќе ги ограничат надворешно-политичките капацитети на која било американска влада, а ограничените ресурси сè повеќе ќе бидат насочени кон Пацификот.
Досега покажаните способности на водечките земји на ЕУ и блокот како целина не влеваат преголема доверба. Освен што во војната во Украина, Америка релативно евтино значително ја поткопа руската моќ, ЕУ дозволи целосно да му се потчини на Вашингтон, додека откажувањето од руските енергенси предизвика економска криза, пред сè во Германија. Наспроти тоа, американската воена индустрија значително профитира – само минатата година странските нарачки достигнаа 238 милијарди долари. Актуелната состојба на водечките држави не навестува функционална постамериканска Европа: во Германија и Франција расте нестабилноста, а во Италија на власт е екстремната десница. Ако сакаат самостојно да ја обезбедат својата безбедност, земјите-членки на ЕУ би морале уште повеќе да ги зголемат воените издатоци, иако веќе значително ги зголемија. Во таков случај би се соочиле со два избори: да ги зголемат даноците и да ги намалат социјалните давачки или да постигнат договор со Русија.
Во моментов не е на повидок ни едното ни другото, а оваа дилема дополнително би ја поделила ЕУ. Исто така, Трамп веројатно ќе ја принуди ЕУ поенергично да му се придружи во трговската војна со Кина – со што би претрпела загуби и би станала уште позависна од Вашингтон – или, во спротивно, ќе ѝ наметне трговска војна. Тој неодамна ја нарече ЕУ „мини-Кина“, жалејќи се на фактот дека во САД се продаваат милиони европски автомобили. Ниту безбедносната ниту економската перспектива на ЕУ не се светли – ако се верува на извештајот за конкурентноста на ЕУ под водство на Марио Драги, економската перспектива е дури и алармантна. Во Европа ќе зајакне и екстремната десна интернационала, охрабрена од успехот на ултраконзервативците од Фондацијата „Херитиџ“, која го поддржуваше Трамп, без разлика дали неговото дистанцирање од екстремистичкиот „Проект 2025“ е трајно или не.
Кина и Индо-Пацификот
Реално, најважниот регион е пример за интересната константа во американската надворешна политика, независно од конкретната администрација: „Pivot to Asia“ односно свртување кон Азија, беше прогласена уште за време на Барак Обама. Кина, со 18 проценти удел во светскиот БДП, е единствената земја што навистина може да ги предизвика САД. Америка ја препозна Кина како вистински конкурент, што го објаснува континуитетот од Обама, преку Трамп и Бајден, до (повторно) Трамп. Во случајов, клучни се три прашања. САД, од застапник на слободната трговија – секако, во области каде што тоа ѝ одговараше – почна да се свртува кон протекционизам кога почна да ја губи индустриската битка со Кина. Трамп ја нарече Светската трговска организација „катастрофа“, за време на првиот мандат воведе стотици антикинески мерки од правосудството до економијата, а сега се заканува со дополнителни 60-процентни царини.
Што се однесува до Тајван, неговата одбрана ја услови со четирикратно зголемување на воените издатоци. „Ние (САД) не сме поразлични од осигурителна компанија. Тајван не ни дава ништо“, оваа неодамнешна изјава можеби најдобро го илустрира неговото сфаќање на геополитиката. Тука се и американските регионални сојузи. Вашингтон во антикинеската оска почна да поврзува релативно неутрални партнери, како Индија, со блиските сојузници како Австралија и Јапонија. Алекса Ѓилас неодамна во интервју за „Вечерњи лист“ забележа дека НАТО „зборува за своите стратешки интереси во Индо-Пацификот како да станува збор за острови во близина на Америка или Европа“. Додуша, истото важи и за Европа – прашање е како ќе се постави Трамп кон овие сојузи како традиционални инструменти на американската империја. Колку повеќе ќе го засилува пристапот „Америка на прво место“, толку повеќе би можел да ги поттикне на осамостојување, што неизбежно би значело и сериозна милитаризација, каква што веќе спроведува Токио.
Блискиот Исток
Новиот владетел на Америка му порача на Бенјамин Нетанјаху дека сака крај на воената кампања во Газа. Меѓутоа, извесно е дека Трамповата администрација нема да се оптоварува со етничкото чистење на северот на Газа или со геноцидот врз Палестинците. Новиот советник за национална безбедност, Волц, неодамна објави текст во коавторство во кој сугерира дека на Израел треба да му се дадат слободни раце. Вашингтон за време на првиот мандат на Трамп ја призна анексијата на Голанската висорамнина, додека предлогот за израелско-палестински мировен договор – „Договорот на векот“ – предвидуваше палестинска држава составена од неповрзани бантустани. Доселеничките групи и останатите израелски екстремисти, вклучувајќи и министри, ја слават победата на Трамп, сметајќи дека таа засекогаш ги поништила шансите за независна Палестина и ги отворила вратите за анексија на Западниот Брег и делови од Газа. Доселеник е и новиот израелски амбасадор во САД. Доколку Трамп успее да издејствува некаква форма на гробен мир на Блискиот Исток, неговата цена повторно би можеле да ја платат Палестинците, што, со оглед на политиката на администрацијата на Бајден, звучи крајно морбидно.
Проблеми би можела да создаде Саудиска Арабија, која инсистира дека без независна Палестина нема нормализација на односите меѓу неа и Израел – однос што требаше да биде крунски дијамант во „Абрахамските договори“ на Трамп. Но, потпирањето врз саудиската принципиелност и хуманост не е мудра опција. Во меѓувреме, Иран и неговиот нов претседател Масуд Пезешкијан се обидуваат да предвидат дали има смисла да се преговара со Трамп за откажување од нуклеарното оружје во замена за олеснување на санкциите. Од кругови блиски на Трамп неодамна беше порачано дека тој не е заинтересиран за „промена на режимот“ во Техеран. Сепак, освен што неговата претходна администрација воспостави политика на „максимален притисок“ и се повлече од претходниот нуклеарен договор (ЈЦПОА), составот на неговиот тим не ветува многу во овој поглед. А во случај на целосно повлекување од Сирија, би можеле да настрадаат и тамошните Курди – уште една група чиј главен недостаток е тоа што е слаба.
Колосалното злосторство во Газа би можело, барем во еден аспект, да го означи крајот на американската хегемонија. Ричард Бек во списанието New Left Review потсетува на тезата на економистот и социолог Џовани Ариги, според која условот некој да биде хегемон е не само да поседува најголема моќ, туку и убедливо да претендира на „интелектуално и морално водство“, односно да тврди дека не ги застапува само своите, туку и интересите на мнозинството. Најчесто тоа е лага, но концептот на Ариги подразбира дека во тие претензии мора да постои барем елемент на вистина. Нападот врз Ирак во 2003-та година ја започна кризата на американската хегемонија и ја претвори во чиста доминација. Поддршката на израелската војна во Газа целосно ја компромитираше идејата за американското водство. „Дефинитивно ја изгубивме битката за глобалниот југ. Заборавете ја приказната за правилата, заборавете го светскиот поредок. Никогаш веќе нема да нè слушаат“, ги коментираше последиците на западното лицемерие еден дипломат. (14.11.24.)
Слики: Adolf Born
Извор за текстот: www.portalnovosti.com