САД заработуваат, ЕУ чека јети

10.02.2025 01:42
САД заработуваат, ЕУ чека јети

„Во основа, на Европа ѝ е потребно зајакнување на одбраната. А за тоа нашата одбранбено-индустриска база мора да биде зајакната“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по неформалниот состанок на лидерите на државите на Европската унија одржан на почетокот на неделата во Брисел. Нејзината изјава е во согласност со општата клима на пресврт кон милитаризација и вооружување на ЕУ.

Од 27 членки, 23 истовремено се и членки на НАТО. Од нив, минатата година 16 конечно го надминаа одамна договорениот праг – да издвојуваат најмалку два проценти од националниот БДП за одбрана. Земени заедно, 23 европски членки на НАТО издвојуваат 1,9 проценти од БДП, а таа бројка во 2025-тата година ќе се зголеми.

Само последниве три години членките на ЕУ ги зголемија своите воени расходи за вртоглави 30 проценти – односно од 214 на 326 милијарди евра. Но, според моќниците, тоа не е ни приближно доволно. „Во поопасен свет, двата проценти нема да бидат доволни за да ја обезбедиме нашата безбедност. Мораме да инвестираме значително повеќе“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој учествуваше на споменатиот состанок.

Средината на јануари беше уште посликовита: два проценти не се „ни приближно доволни“, па ако тој удел не се зголеми, „почнете да учите руски или преселете се во Нов Зеланд“, им се закани Руте на Европејците. А колку е доволно?

Реално, највлијателен шеф на НАТО отсекогаш бил актуелниот жител на Белата куќа. Доналд Трамп пред неколку месеци изјави дека членките на пактот треба да трошат пет проценти од БДП за одбрана, односно два и пол пати повеќе од сегашната сума. Литванија и Естонија веќе порачаа дека се согласуваат со тоа, додека Полска – која троши 4,1 процент од БДП – се залага за компромисни три проценти.

Дури и ако избегнеме некои суштински прашања и ги прифатиме актуелните интерпретации, според кои заедничката европска безбедносна архитектура – онаа што би ја вклучувала Русија – во наредните децении не е остварлива, и како недвосмислено прифатиме дека Москва ќе претставува трајна закана за европската безбедност, погледот на математиката, односно бројките, отвора некои прашања за вистинските причини зад овие барања.

Напрегнатата руска економија во 2025-тата година планира да вложи околу 140 милијарди евра во војската, или околу 6,2 проценти од својот БДП. Со други зборови, членките на ЕУ уште сега колективно вложуваат повеќе од двојно поголем износ. Доколку соработуваат координирано впечаток е дека и сегашното ниво на вложувања би било повеќе од доволно за одвраќање на реалната или теоретската руска закана. Притоа, споменатиот износ не ги вклучува дополнителните десетици милијарди евра што на војската ги троши блискиот сојузник Велика Британија, ниту значителниот воен буџет на НАТО-членката Турција. А за американскиот буџет од 850 милијарди долари и да не зборуваме.

Вистинските мотиви на барањата на Трамп можеби стануваат појасни ако се погледнат податоците што неодамна ги изнесе поранешниот шеф на Европската централна банка, Марио Драги: од 75 милијарди евра што земјите на ЕУ ги потрошиле на одбрана од мај 2022-та до мај 2023-тата година, дури 63 проценти биле потрошени на американско оружје.

Освен финансискиот аспект, тука е и геополитичкиот. „НАТО е штетен за кој било проект за Европа како сила“, напиша своевремено францускиот филозоф, новинар и владин функционер, Режи Дебре. „Ако Европа ја сака (својата) судбина, ќе мора да тргне по поинаков пат од оној на НАТО, кој ја сведува на статус на доминион (подреденост)“. Колку актуелните елити ја земаат предвид оваа можност, покажуваат следните факти и изјави.

Според медиумските извештаи, во моментов само Франција се залага парите на европските даночни обврзници во поголема мера да се трошат на оружје произведено во Европа. Блиските врски со Вашингтон не ги застапуваат само источноевропските членки, туку и Германија. Нејзиниот министер за одбрана, Борис Писториус, навистина изјави дека издвојувањето пет проценти од БДП за одбрана би претставувало апсурдно висока сума – односно 230 милијарди евра, што би изнесувале дури 42 проценти од германскиот државен буџет – но не негираше дека износот наменет за вооружување мора да се зголеми од сегашните два проценти од БДП.

Марк Руте идејата за европска одбрана без НАТО штотуку ја отфрли како „глупава идеја“ што нема да функционира. Без оглед на сите француски идеи за „стратешка автономија“, без оглед на поранешните најави на Ангела Меркел дека Европа ќе мора сама да се грижи за својата безбедност, шансите за еманципирана безбедносна – а со тоа и надворешна – политика на ЕУ изгледа дека сè уште соодветно ја опишува метафората што во 2021-та година во едно интервју ја изговори тогашниот полски министер за надворешни работи, Витолд Вашчиковски, инаку од тврдо конзервативната партија Право и правда. „Идејата за 'одбранбен идентитет' на Европската унија е како јети. Сите зборуваат за неа, но никој не го видел “.

Карикатури: Koh Chin Tong

Извор: https://www.portalnovosti.com/