Ропството во индустријата за памук

11.02.2025 00:25
Ропството во индустријата за памук

Присилната работа на децата, ракувањето со пестициди, здравствените проблеми – се само некои од обележјата на business as usual на индиските фарми за памук, според истражувањето што го објави американската невладина организација Transparentem на почетокот на годинава.

Помеѓу јуни 2022-тата и март 2023-тата година неколку членови на организацијата истражувале 90 фарми за памук во сојузната држава Мадја Прадеш во Индија, земја што е втор најголем производител на оваа суровина во светот. Во тој период направиле околу 200 интервјуа со работници и сопственици на фарми.

Нивните наоди покажуваат дека речиси половина од фармите користат присилна работа (читај: робови), а многу од присилните работници се деца. Истражувачите документираа случаи на деца помлади од 14 години кои работеле на фармите за памук и покрај тоа што индиските закони го забрануваат тоа.

Некои деца работеле заедно со своите родители за да ги отплатат семејните долгови, некои изостанувале од училиште за да работат, а некои биле изложени на здравствени ризици поради ракување со пестициди или поради работата на фармите по прскањето со пестициди. Поради изложеноста на пестициди некои имале респираторни проблеми, гадење и иритации на кожата.

Од организацијата нагласуваат дека економските потешкотии принудуваат многу деца да го напуштат училиштето за да ги издржуваат своите семејства, со што се продолжува циклусот на експлоатација и сиромаштија. Целокупната инфраструктура на работната сила на фармите за памук е поставена крајно експлоататорски – работниците, односно робовите, се платени 200 рупии дневно (околу 2,30 американски долари), па многумина се задолжуваат кај својот газда, кој им нуди заем за да ги покријат основните економски потреби.

Со текот на времето газдите вработуваат цели семејства, вклучувајќи ги и децата, за работниците да ги подмират заемите. Тие не можат да преминат да работат на друга фарма и се оставени на милоста и немилоста на сопственикот на фармата каде првично се „вработиле“.

Извештајот на Transparentem открива и силни врски помеѓу фармите и неколку големи фабрики за памук. Повеќето од овие фабрики се фалат дека се одржливи снабдувачи на памук: Pratibha Syntex (најголемиот снабдувач на органски памук во Индија), Remei Group и Maral Overseas, меѓу другите.

Детално се опишува дека многу големи снабдувачи во Индија се фалат дека нивниот памук е „чист“, додека истовремено постојат докази не само за користење пестициди и други токсични производи, туку и за бројни работнички што присилно го собираат памукот, од кои многумина се деца. Не е доволно памукот да биде органски ако го собираат деца или неплатени работници, тоа е јасно, но во премногу случаи дури ни органскиот памук всушност не е органски.

А, дури и ако е, неговиот процес на производство крие непријатни експлоататорски факти што компаниите сакаат да ги задржат во тајност. Глобално, текстилната индустрија, градежништвото и берењето памук се најлоши кога станува збор за присилната работа. Индија е вториот најголем производител на памук веднаш зад Кина. Во овој сектор ропството опстојува, иако географските локации на фабриките се менуваат, а сопствениците се обидуваат да останат скриени од очите на јавноста. Синџирот на снабдување е затрупан со безброј посредници кои ја искривуваат и занемаруваат реалноста за да ги одржат производните трошоци што е можно пониски.

Transparentem ги поврза испитуваните фарми со синџирите на снабдување на три добавувачи поврзани со 60 светски брендови. За ужасните практики на фармите за памук ги известија сите брендови за кои открија дека соработуваат со тие фабрики и ги повикаа да ја прекинат соработката. Некои, како Inditex или H&M, поради големата репутациска закана, престанаа да соработуваат со тие добавувачи и се приклучија на Асоцијацијата за праведен труд (ФЛА), која започна со следење на работните односи на фармите во Мадја Прадеш.

Сепак, многу компании останаа глуви на нивниот извештај и сè уште немаат преземено ништо. Тие се: Anglo Global Property (Peacock's), Bluestem Brands, Chico's, Cracker Barrel, Gerry Weber, Greenpeace Media, Gulf Marketing Group, Kindred Bravely (Akerson Enterprises), Laura's Shoppe (Laura Canada), Matalan Retail Limited, PACT Apparel Inc., Skechers, TJX Companies, WÖHRL, Yasin Knittex Industries Limited.

Извор: https://www.portalnovosti.com/