Мотивот за масовно убиство

12.02.2025 14:55
Мотивот за масовно убиство

 

И два дена po атентатот во училиштето за образование за возрасни во шведскиот град Оребро, во кое доминантниот дел ученици се имигранти, полицијата имаше тешкотии да го дефинира постоењето идеолошки мотив за масовното убиство, најголемо во модерната историја на Шведска, во кое загинаа 11 лица, вклучувајќи го и осомничениот сторител.

Полицијата остана при тврдењеto дека не може да се согледа јасен мотив, и покрај тоа што шведскиот национален канал ТВ4 објави снимка направена од ученик заклучен во паничен страв во тоалет, на која се слушаат пукотници и некој што гласно извикува „да ве нема од Европа“.

Два дена по нападот, медиумите останаа без податоци и за националната припадност на убиените, со образложение дека Заводот за судска медицина вложува напори со максимална сигурност да го изврши процесот на идентификација, за што е неопходно време. Во очекување на резултатот медиумите објавија дека според амбасадите на Сирија и Босна, меѓу убиените има лица со потекло од овие земји. Извори од полициската истрага потоа изјавија дека има „повеќе националности“ меѓу застреланите.

Во услови на енормно интересирање, вознемиреност и очекување да се појават информации во најшироката јавност, шведската влада повика на смиреност. Како што рече министерот за правосудство Гунар Стром, граѓаните би требало да бидат крајно внимателни и да се воздржат за да не бидат понесени во погрешна насока од морето шпекулации, нагаѓања и претпоставки што ги преплавија социјалните мрежи. Но, доколку е така, на министерот повеќе медиуми му забележаа зошто се чекаше со објавување податоци што лесно се проверуваат. Меѓу другото, повеќе од пет часа се чекаше да се објави дека осомничениот сторителот имал дозвола за користење ловечко оружје и за полуавтоматска пушка.

Речиси цел ден помина пред да се објави и идентитетот на 35-годишниот осомничен сторител, Рикард Андерсон, кој посетувал настава во истото училиште. Тој беше опишан како осаменик кој последниве години се повлекол од контактите со роднините и со пријателите. Според полицијата, тој најверојатно дејствувал сам, иако не би можело да се исклучи дека и други биле замешани во нападот и дека, според досегашните наоди во истрагата, нема ништо што укажува дека се раководел од некаков идеолошки, политички мотив.

Со свесно создавање информативен вакуум, полицијата всушност ги поттикна шпекулациите за кои владата предупреди дека треба да се избегнуваат, потиснувајќи го набрзина на маргините на истрагата прашањето за мотивот на масовното убиство. Со тоа само се следи вообичаениот модел на размислување и градење ставови во општеството, токму онака како што се посакува тие да бидат „моделирани“. Кога сторителот, како во овој случај, е бел, етнички Швеѓанец, обвинувањата веднаш се насочуваат кон општеството. Се констатира дека веројатно навреме не му била пружена соодветна грижа од надлежните институции, потфрлило училиштето што требало да му помогне, го оставиле осамен без активности во слободното време. Грижата на општеството покажала недостатоци.

Но, колку е веројатно дека сторител со потемна кожа, роден во странство, би добил ист третман? На имигрант што би извршил кривично дело од ваков карактер веднаш би му било „залепено“, без двоумење, дека бил идеолошки поттикнат, од омраза потоната во етнички, верски и политички предрасуди, и дека неговата движечка сила била – чистото зло. „Општеството“ и заштитната мрежа од институции во таков случај не би биле споменувани со недостатоците и пропустите во нивната работа. Кога сторителот има имигрантско потекло казната веднаш станува колективна. Јавната осуда тогаш звучи вака: „Ве пуштивме во оваа земја, а еве што правите“.

Вината за проблемите во шведското општество најпрвин ѝ се закачува на имиграцијата и нејзината неприспособливост, неспособноста на мигрантите да се интегрираат, сите вкупно, без оглед на нивната етничка и културна припадност, и без оглед од кои делови на светот доаѓаат. Таквата стереотипност наоѓа голема поткрепа и свесно се потхранува од страна на шведската екстремна десница, партијата Шведски демократи, без чија поддршка функционирањето на шведската владина коалиција последниве години не би било можно. Антимигрантските струења и превирањата на политичката сцена на сличен начин се одвиваат и во Германија, каде што екстремната десница, АфД, трпеливо чека на своите „пет минути“, да добие можност за пресудно влијание врз владините политики. Крупен исчекор на екстремната десница се забележува на многу места во Европа.

Училишниот атентат во Оребро не е прв крвав терористички напад во Шведска. Пред десетина години загинаа четири лица во училиште со голема имигрантска популација во шведскиот град Тролхатан, вклучувајќи го и сторителот, 21-годишниот нацистички симпатизер Антон Ландин Петерсон. Во тој крвав пир со меч сите нападнати биле со темна кожа. Истрагата потоа покажа дека сторителот гледал видеа за нацистичка Германија, слушал говори на Адолф Хитлер, носел германски воен шлем од Втората светска војна за време на нападот и бил заинтересиран за современите десничарски екстремистички блогери и интернет-профили. Модерен феномен на психички растроен поединец кој верува дека општеството сериозно потфрлило во решавањето на проблемите. Вреди да се потсети дека во 2011 година во Норвешка масовниот убиец Андерс Беринг Брејвик успеа да „ликвидира“ 69 учесници на младинското летно школо на островот Утоја кај Осло, главно лица со имигрантско потекло. Полицијата го најде неговиот „политички манифест“, во кој, меѓу другото, ги образложил своите погледи за „штетната идеја на мултикултурализмот“.

Шведска е една од западните земји што доживува голема поларизација, означена пред сè со повеќе или помалку неконтролирано градење приказна дека клучниот проблем лежи во неконтролираната имиграција во земјата. Се разбира, тешко е да се рече со сигурност во колкава мера најновиот случај на грозоморно масовно убиство, за кое е осомничен Рикард Андерсон, бил под влијание на тоа како луѓето од власта зборуваат за оние кои се доселиле во земјата.

Пред некој ден, на пример, шведскиот премиер и лидер на Конзервативната партија, Улф Кристерсон, тврдеше дека тековниот бран на насилство на улични банди и гангстерските пресметки во Шведска е „значајно поврзан со имиграцијата“. Вселувањето на имигранти, според шведскиот премиер, мора драстично да се редуцира за да може да биде поуспешно справувањето со растечките бранови на насилство. Но, на Кристерсон истовремено му беше забележано дека со ниту еден збор не сакал да признае дека „огромното мнозинство шведски криминалци се израснати во Шведска“, дека живееле во шведски станбени области и посетувале шведски училишта. Но, црно-белата слика „ние“ и „тие“ секогаш подобро поминува и лесно се голта во јавноста.

Многумина во Шведска се уверени, и тоа не само поради терористичкиот атентат кој се случи деновиве во училиштето во Оребро, дека нешто мора драстично да се смени кога е во прашање натамошниот развој во општеството. Во спротивно, со затскривање зад политиката на ној, ќорсокакот во кој запаѓа Шведска сè повеќе ќе се стеснува. И затемнува.

Слики: Ken Currie

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото