Кој се плаши од DeepSeek?

13.02.2025 01:24
Кој се плаши од DeepSeek

Не, тоа не беше „спутниковски пресврт“. Минатиот месец беше пуштен во употреба DeepSeek R1, кинеска генеративна вештачка интелигенција или четбот, што предизвика хаос во технолошкиот свет, со пад на акциите и многу разговори за крајот на американската доминација во развојот на технологиите на вештачката интелигенција. Сепак, и покрај сите потреси, аналогијата со Спутник повеќе зборува за американските неврози отколку за DeepSeek.

Оригиналниот „Спутников пресврт“ се случи на 4-ти октомври 1957-та година, кога Советскиот Сојуз го зачуди светот со лансирањето на Спутник 1, првиот сателит што човекот го испратил во орбитата. Тоа беше, да ја позајмам фразата од подоцнежниот и уште поважен пробив, „огромен скок за човештвото“, како што рече Нил Армстронг додека го правеше својот „мал чекор“ на површината на Месечината.

Тоа беше и важен момент во Студената војна. Доверлив извештај на Белата куќа од тоа време открива загриженост за „американскиот престиж“ кој претрпел „сериозен удар“, додека СССР стекнал „јасна предност во Студената војна“. Овој страв го поттикна Вашингтон да ја трансформира својата вселенска програма и да ги започне мисиите Аполо, сè до нивната кулминација на 20-ти јули 1969-тата година, кога Армстронг и Баз Олдрин станаа првите луѓе што чекореле на друго небесно тело.

Несомнено дека DeepSeek, развиен со поддршка на кинески хеџ-фонд, претставува значително достигнување. Сепак, тој технички не е понапреден во однос на големите јазични модели (LLM) кои веќе постојат. Ниту е побрз, ниту „попаметен“ од ChatGPT на OpenAI или Claude на Anthropic, и е подеднакво склон кон „халуцинации“ – тенденција на сите вакви модели да даваат лажни одговори или да измислуваат „факти“ за да ги пополнат празнините во своите податоци. Анализата спроведена од NewsGuard, според системот за оценување веб-страници со вести и информации, покажа дека DeepSeek давал лажни тврдења во 30 проценти од случаите, додека во 53 проценти од прашањата не давал одговори, во споредба со 40 и 22 проценти кај десетте водечки четботови според најновиот рејтинг.

Бројките укажуваат на крајна неверодостојност на сите големи јазични модели. Високата стапка на неодговарање на DeepSeek веројатно е резултат на цензура: кинескиот четбот одбива да одговори на секое прашање што Кина го смета за чувствително или за кое ги ограничува информациите, без разлика дали се работи за Плоштадот Тјенанмен или Тајван.

Вистинското влијание на DeepSeek не е во технологијата, туку во економијата на вештачката интелигенција. Тоа е четбот подеднакво способен и подеднакво несовршен како и другите водечки модели, но е изработен по далеку пониска цена и со инфериорна технологија. Американската забрана за продажба на напредни чипови и опрема за производство во Кина, која администрацијата на Бајден ја воведе во 2022-та година, а потоа неколку пати ја заостри, беше осмислена да му го ограничи пристапот на Пекинг до најновата технологија. Парадоксално, тоа можеби ги поттикна кинеските истражувачи да станат поиновативни.

Исто така, DeepSeek е бесплатен за користење, а неговиот код е отворен. Комбинацијата на ниските трошоци и отвореноста може да помогне во демократизацијата на технологијата на вештачката интелигенција, овозможувајќи им на другите, особено надвор од Америка, да влезат на пазарот. Има извесна иронија во тоа што Кина ја отвора својата технологија, додека американските компании упорно им поставуваат бариери на своите конкуренти.

Можеби тука се крие најголемото влијание на DeepSeek. Тој ја разби мистиката околу вештачката интелигенција. Силиконската долина негуваше претстава за технологиите на вештачката интелигенција како драгоцено и чудесно достигнување, а водечките личности на таа сцена, од Илон Маск до Сем Алтман, ги прикажуваше како пророци што нè водат во нов живот. На Самата технологија ѝ се припишуваше речиси волшебна моќ, вклучувајќи го и ветувањето дека „општата вештачка интелигенција“ или AGI – суперинтелигентни машини што ќе можат да ги надминат човечките капацитети во секоја когнитивна задача – е практично на дофат.

Минатиот април Маск предвиде дека до крајот на 2025-тата година вештачката интелигенција ќе биде „попаметна од секој човек“. Минатиот месец, Алтман, извршниот директор на OpenAI, компанијата што стои зад актуелниот бум на вештачката интелигенција, на сличен начин тврдеше дека „знаеме како да направиме AGI“ и дека „во 2025-тата година можеби веќе ќе гледаме како првите агенти на вештачката интелигенција ѝ се приклучуваат на работната сила’“.

Пред речиси десет години, нобеловецот и компјутерски научник Џеф Хинтон ги повика светските нации да „престанат да обучуваат радиолози“ и слични медицински техничари, бидејќи било „очигледно дека длабокото учење [вештачката интелигенција] ќе ги надмине за пет години“. Дарио Амодеи, извршен директор на корпорацијата Anthropic, основана од поранешни вработени во OpenAI, тврди дека за пет до десет години вештачката интелигенција може двојно да го зголеми човечкиот животен век. Овие фантазии ги разбија критичари како американскиот когнитивен научник Гери Маркус, кој дури го предизвика Маск на облог од милион долари за неговото тврдење дека вештачката интелигенција наскоро ќе биде „попаметна од секој човек“.

И покрај сите погрешни предвидувања, секогаш кога ќе пропадне некое неверојатно тврдење, веднаш се појавува ново. Таквите тврдења не се засноваат на реалните технолошки капацитети, туку на политичките и економските потреби. Наместо развој на вештачката интелигенција преку крупни научни откритија, надвладеа стратегијата на „умножување“ – градење поголеми модели, користење поголеми сетови податоци, примена на огромна компјутерска моќ.

DeepSeek го наруши овој тренд со поинаков пристап, покажувајќи дека и најдобрите генеративни модели на вештачката интелигенција можат да се постигнат со далеку помала компјутерска моќ и помал финансиски товар.

Возбудата околу DeepSeek делумно е рефлексија на општата возбуда околу вештачката интелигенција. Но, таа исто така ги рефлектира и геополитичките тензии. Ако ја создадеа бубалици од некој американски универзитет, веројатно ќе беше славна, но без глобалната паника што ја гледаме. Зад општата паника се крие стравот од кинеското потекло и сопственоста на DeepSeek.

Зад опсесијата со геополитиката на DeepSeek се крие важна лекција. Предностите на поотворениот пристап кон оваа витална технологија се засенети од стравот поради нејзиното кинеско потекло. Оправданата загриженост за загрозената приватност, цензурата и надзорот како во случајот со DeepSeek може да ги замагли фактот дека овие проблеми ја следат секоја технологија на вештачкаta интелигенција, а не само онаа од Кина. Во време на закани со трговски војни и во ера на загрозена демократија, нашата вештина да се движиме помеѓу надежта и стравот станува особено важна.

Слики: Joseba Elorza

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото