1011 hPa
71 %

8 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 07:59
Прашањето како, дали и кога Газа ќе биде обновена повторно е актуелно по повикот на Доналд Трамп за етничко чистење на Палестинците од Газа со цел оваа територија да се претвори во американска ривиера, што како идеја е подеднакво неостварлива и бесмислена.
По претходните конфликти, и покрај ветувањата за обнова на оваа крајбрежна енклава, реконструкцијата секогаш била делумна и зависна од барањата на Израел. Еден од највпечатливите примери се случи по војната во Газа 2014-тата година, кога беше воспоставен сложен систем за надзор на дистрибуцијата на градежен материјал за обнова на ова подрачје.
По израелските приговори дека Хамас ќе ги пренасочи бетонот, челикот и другите ресурси за изградба на тунели, беше воспоставено надзорно тело на ОН познато како Механизам за реконструкција на Газа. Проектите и изведувачите кои ќе поминеа проверка се пријавуваа во надгледувани складишта. По проверката на документите и идентификациските картички, можеа да ги преземат доделените материјали.
Механизмот за реконструкција на Газа, премногу комплициран, недоволно финансиран и однапред осуден на неуспех, никогаш не функционираше. Затоа брзо процвета нелегалниот пазар за градежен материјал, често веднаш до официјалните складишта за цемент.
Сето тоа ги илустрира огромните проблеми со обновата на Газа. Тие не се само физички, иако и тие се значајни, туку и политички. Искуството од претходните реконструкции на Газа, со правото на вето на Израел врз целиот процес, секогаш беше средство за продолжена доминација на Израел и по завршувањето на конфликтите.
Забраната за увоз на градежен материјал во Газа е карактеристика на израелската блокада од 2007-та година. Стотици материјали, од опрема за дупчење и епоксиди до калапи за бетон, асфалт и кабли, се означени како предмети со двојна, сомнителна намена.
Овој пат, задачата на Палестинците ќе биде неизмерно поголема, како и нивните потреби. Прво, се поставува прашањето за отстранување на урнатините. Според проценките на UN-Habitat и Програмата на ОН за заштита на животната средина (UNEP), во декември во Газа имало 50 милиони тони урнатини и шут, 17 пати повеќе од сите урнатини настанати за време на другите конфликти во оваа област од 2008-та година.
Ако урнатините се соберат на едно место, би покриле пет квадратни километри. UNEP проценува дека нивното отстранување ќе трае до 20 години и ќе чини 909 милиони долари. По претходните конфликти, Палестинците во Газа во голема мера се потпираа на рециклирање на бетонскиот отпад, обработувајќи го на отворени локации, што исто така предизвикуваше проблеми бидејќи Израел тврдеше дека Хамас го користи рециклираниот бетон за воени цели.
Колку долго ќе трае реконструкцијата е второто важно прашање. Некои експерти проценуваат дека ќе бидат потребни повеќе децении, но и тоа зависи од политичката волја. По Втората светска војна, германските градови со помош на Маршаловиот план беа обновени за околу десет години, иако некои работи се одолговлекоа до деведесеттите.
Во Газа е уништена или сериозно оштетена четвртина од сите структури, вклучително и училишта и болници, а 66 проценти од зградите претрпеле некаква штета. Потребна е проценка што може да се спаси и идентификација на речиси еден милион луѓе на кои им е потребна долгорочна помош и сместување.
И без Трамповите повици за трајно раселување на Палестинците од Газа, еден од ризиците на обновата, сличен на обновата на источен Лондон по германското бомбардирање за време на Втората светска војна, е социјалната штета што ѝ се нанесува на заедницата со блиски социјални врски со привременото преселување поради обновата.
Една од успешните иновации на ОН во бегалските кампови во Јордан за време на сириската граѓанска војна беше употребата на мобилни засолништа, кои самите жители ги преместуваа во согласност со потребите за зачувување на нивната заедница и општествена структура.
Но, прашањето за сместувањето можеби нема да биде најтешкиот проблем во Газа. Водоводниот и канализацискиот систем, кој веќе беше на работ на колапс пред војната, целосно пропадна. Проценките се дека се оштетени до 70 проценти од водоводните и санитарните објекти на северот на Газа.
Во градот Газа, штетата на овие објекти е над 90 проценти, вклучувајќи ги и постројките за десалинизација во крајбрежниот појас, каде што жителите зависат од електрични пумпи за снабдување на кровните резервоари, при што и енергетскиот систем претрпе огромна штета.
Освен оштетувањето на физичката инфраструктура, направена е и друга, помалку очигледна штета. Деградирани се повеќе од половина земјоделски површини, а поради гладта уништени се 95 проценти од сточниот фонд, вклучително и речиси половина од вкупниот број овци.
Сето ова укажува дека ќе биде потребен план сличен на Маршаловиот, иако без учество на администрацијата на Трамп, која има сосема поинакви планови, како што е укинувањето на USAID.
Отворени се многу прашања, особено со оглед на присуството на Хамас во Газа. Треба да се пронајде механизам што ќе овозможи обнова во голем размер без мешање на Израел и Трамповата Белата куќа. Само така може да се стави крај на ноќната мора на Палестинците во Газа.
Извор: https://www.theguardian.com/