1011 hPa
66 %

10 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:12
Кога бев во Гуангжу (Кантон 广州市) пред десетина години, ги посетив старите колонијални населби околу Бисерната река, каде што некогаш живееле британските и португалските аристократски семејства, заедно со своите кинески слуги наречени КОМПРАДОРИ ‒ добавувачи, од латинското „comparare“ ‒ слуги што завршуваат работа, намесници, средувачи, каста на локални посредници, биолошки апарат на империјалниот капитал. Така компрадорите го добиле своето име, на бреговите на Бисерната река, тогашната артерија на колонијалната трговија, денес опкружена со најмодерните облакодери на третиот по големина град во Кина. Тешко е и да се замисли дека овде започнале Опиумските војни и Векот на кинеското понижување, најстрашната цртичка во историјата на модерна Азија.
Војните не се случуваат оти луѓето по природа се зли, ниту зашто веруваат во различни богови, ниту зашто немаат доволно развиена свест (без разлика што мисли Марина Абрамовиќ за тоа). Тие се јавуваат според строгите закони на социоекономската термодинамика. На почетокот на 19 век Британската империја, а всушност и цела Европа, страдале од трговски дефицит: златото и среброто заминувале во Кина, бидејќи Кинезите ги имале добрата што Европејците ги сакале ‒ чај, свила, порцелан ‒ додека Кина не сакала ништо од Европа. Единственото што Британците можеле да м го продадат на Кинезите бил хероинот, поточно опиумот, дрога што ја произведувале во огромни количини во британска Индија. Така опиумот почнал да влегува во Кина, сиромаштијата влегла во домовите во Гуангжу, а профитот на сметките на британските трговци. Среброто што претходно одело во Кина сега се враќало во британските банки. Било прашање на ден кога на кинеските власти ќе им пукне филмот.
Филмот пукнал во 1839 година во Гуангжу, тогашен Кантон, на матните брегови на Бисерната река, каде што Кинезите уништиле тони и тони опиум. Денес тука има шеталишта, врби, продавачи на бамбус, фенери и тао амајлии, туристички кич. Туристите доаѓаат од целиот свет, вклучително и од Британија, која во тоа време ‒ згрозена од дрскоста на Кинезите кои го уништиле скапоцениот опиум ‒ ѝ објавила војна на Кина. Официјално, тоа било војна за слободна трговија и слободен пазар, војна за слобода, но на сите уште тогаш им било јасно дека тоа не била војна за слобода туку за империјалната рента.
Британската круна имала модерна флота парабродови вооружени со топови чиј домет го надминувал оној на кинеските џунки и крајбрежните топови на тврдините. Кинеското царство под власта на Чинг мандарините било заробено во средновековието и немало никакви шанси. Првата опиумска војна (1839–1842) завршила со брз и болен кинески пораз. Кина им го предала Хонг Конг на Британците, се отворила за опиумот, обезбедила пет пристаништа за трговија и им дозволила на британските граѓани екстериторијалност (што значело дека тие не подлежат на кинеските закони). Втората опиумска војна (1856–1860) била уште побрутална – Британците и Французите заедно умарширале во Пекинг, а потоа ја опљачкале и запалиле Летната палата, монументалниот центар на кинеската уметност и култура, папокот на синосферата, точката на пресек на големите традиции на конфучијанизмот, таоизмот и будизмот. Понижувањето не можело да биде полошо.
Во втората половина на 19-иот и првата половина на 20-иот век Кина останала поделена, немоќна да се спротивстави на западниот, рускиот и јапонскиот империјализам, разјадена со внатрешните бунтови (еден покренат од месијанскиот лудак Хонг Сијучуан 洪秀全, Кинез христијанин кој верувал дека е роден брат на Исус Христ), и на крајот распарчена на некакви локални нации кои всушност биле концесиони зони под власта на империјални мешетари и домашни компрадори. (Ако сето ова звучи познато, звучи оти стварно е познато.)
Се сеќавам дека Роза Луксембург зборуваше дека британската владејачка класа собрала повеќе богатство преку колонијалното опустошување и трговијата со дрога отколку што германската граѓанштина успеала да се збогати со стандардниот индустриски капитализам. Британското кралско семејство, во оваа смисла, не е ништо друго туку глобален нарко картел.
Векот на понижување завршил дури во 1949 година со комунистичката револуција. Она што следеше беа брутални превирања, периоди на глад и репресија, а потоа и транзиција кон хибриден економски модел ‒ парадоксален спој на државно планирање и пазарен прагматизам, антикапиталистички капитализам, целосно во согласност со источните структури на мислење кои ја слават контрадикцијата можеби повеќе и од самиот Хегел. Сепак, останува историскиот факт дека под власта на (анти)комунистичката партија 850 милиони луѓе беа извлечени од екстремна сиромаштија и доведени на ниво на каква‒таква средна класа, што е најголемиот социо-економски подвиг во современата историја. Тоа секако не значи дека кинеската технократија не е застрашувачка на свој начин и дека Кина не се претвора во нова империјална сила; само треба да бидеме чесни и да го признаеме подвигот (и потоа да видиме дали можеме нешто да научиме од него).
Шетајќи крај Бисерната река, ги замислував темните дувла на стариот Кантон каде што кинеските наркомани некогаш паѓале во транс привикувајќи го будистичкото будење, крајната празнина на свеста која го зафаќа тоталитетот на закривеното време-простор, крајниот увид во мрежата на Индра ‒ онтичката поврзаност на сите точки кои фрактално, како капки роса, со огледуваат една во друга, во бескрај. Крај мене шетаа тинејџери зјапајќи во своите мобилни телефони, Азијати и Западњаци, мали допамински зависници од виртуелните светови и алгоритамските нирвани, трезни наркомани, невидливи жртви на технологијата на афективната компјутеризација, за која зборував на тамошниот универзитет. Тоа се сега нашите опиумски војни, си помислив. Има ли доволно Бисерни реки за во нив да го уништиме сето она што нè труе?
Сликите на непознат автор се од колекцијата на The Opium War Museum
Превод: Н. Г.