1010 hPa
45 %

18 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:59
можеби не сум златно теле но имам лажица златна,
кои сте вие да ме обвинувате што размислувам со мевот,
и клечам пред топовите што татнат,
што со грбот го вагам гревот,
што не ја исправам кичмата и беспоговорно кимам
и главата изгледа си ја изгубив
не се сеќавам ни дали воопшто ја имав?
Со уметничко-поетичното дело на Марко Трпески Метафора: Жито, какол и парчиња стакло, авторот нѐ воведува во светот на мечтата каде што сонувањето е плодно дејство кое создава свет исполнет со чудесни нешта. Овие мечтателни визии се од една страна најдалеку од светот на јаве и истовремено се цврство втемелени во физичката и во социјалната стварност на постоењето. На ова дело може да се гледа како метафизичко или онострано и како на физичко или овострано, како на надреално и како на најреално.
Пристапот на Марко Трпески има заеднички карактеристики со библиската книжевност. Во Стариот завет во книгата на судиите во деветта глава се наоѓа една од најпознатите басни во Библијата. Се работи за желбата на растенијата да имаат цар. По ред ги прашуваат првин маслинката, па смоквата, па лозата. Сите три одбиваат зашто не сакаат да се откажат од своите благородни плодови. Кога трнот е повикан да биде цар тој веднаш прифаќа, за себеси зборува во суперлативи и дава хиперболични закани. Ставена во контекст на политички превирања, измами, убиства и автократска тиранија, басната со алегориски елементи цели кон политичко и морално наравоучение. Користејќи се со персонификација, иронија и сатира, басната ги критикува лошото владеење и заедницата која го овозможува тоа.
На еден значаен, но не и исцрпен начин, Марко Трпески за основа на своите уметнички дела и поетски вињетки ја зема басната. Секој колаж е определена персонификација на живи суштества и на неживи предмети, додека човечките тела најчесто се прикажани со „глави“ на разна флора, фауна и на објекти. Оттаму, иако мноштвото во колажите и во текстовите е надреалистичко, Трпески не се откажува од „свесното“ и од „социјалното“ во својот уметничко-словесен израз. Затоа сметам дека во некои клучни елементи уметничко-поетичното дело Трпески Метафора: Жито, какол и парчиња стакло е „пророчка“ порака во библиски стил.
Веројатно најочевидниот пример е колажот и песната посветена на златното теле. Библискиот мотив на „златно теле“ е толку распространет така што дури и оние што немаат речиси никакво библиско познавање би го препознале како општо прифатена културолошка илустрација. Во случајов, Марко ја користи илустрацијата да се стави во контраст со архетипското значење на златното теле. Тој не е златно теле, но има златна лажица. Тој самиот не е „идол“ или „божествен сурогат“, туку обичен „граѓанин“ кој се обидува да си ја „нареди во животот“. Затоа „мисли со мевот“, „клечи пред топовите“, „гревот му е врз грб“ „не исправа кичма“ и „кима со главата која можеби и ја нема“.
Дислокацијата на логиката и на рационалноста, слободната игра со симболите, преовладување на ирационалното и на автоматизмот и сликите како „сонска логика“, поткрепени со колажот на безглаво теле со златна лажица како кантар врз грбот, упатуваат на надреалистичкото во делото на Трпески. Но тој, непоколебливо свој во изразот, без нималку двоумење отстапува од надреалистичките „правила“ и во песните воведува свест за социјалната стварност и за логичка кохерентност. Трпески е фасциниран и вдахновен од надреализмот, но не „обземен“ од него во целост. Пророчкото наравоучение е нишка што се проткајува низ целата збирка.
Трпески го користи надреализмот како медиум да се нурне потсвесното, но со цел да се предизвика свесното. Тоа не значи дека текстовите и колажите се догматски искази. Тие се пред сѐ „огледала“ во кои треба да се погледнеме и да согледаме како изгледаме во однос на „зададената“ тема. Темата може да биде „Сомнеж“, „Љубопитност“, дури и „Онтолошка бркотница“. Авторот нема одговор за публиката, а во некои случаи навестува дека и самиот не е сигурен за заклучоците врз за она што размислува.
Сепак, дидактичката компонента не е исклучена. Трпески умешно ја задржува рамнотежата меѓу кршењето на решетките на занданите и задржувањето на прозорските рамки. Едното е неопходно за доаѓање до слобода, а другото е неопходноста на рамката во топлата безбедна соба во која е вграден прозорец. Во спротивно, „слободата“ ќе биде друг начин на робување на природните стихии. Слобода од сѐ би значело робување на сѐ. Тука доаѓа темата на светлината во делото на Трпески. На повеќе места Трпески прави контраст меѓу светлината и темнината, зборува за наклоноста на окото „по трнот“, за гаснењето на огнот како гасење на сетилата и за наметнатото гледање „во розово“. Сето ова ѝ дава поддршка на исклучителната метафора на колажот кој оди со текстот, „Сета моја темнина се претвори во мастило. Пишувајте со него за светлината“. Колажот е црвен октопод со човечки мозок. Ова е маестрално користење на симбол во изворното значење на терминот, поточно на сложенката која на изворниот јазик се состои од предлогот „со“ и од глаголот „става“. Со други зборови симболот има делови на сложувалка преку чие составување се доаѓа до заемно препознавање. Трпески ги зел деловите: човечки мозок, октопод и мастило и со нив ја составил сложувалката која зборува за контрастот меѓу темнината и светлината. Когнитивниот аспект означен со мозокот, суптилно посочувајќи на исклучителната интелигенција на октоподот меѓу животинскиот свет, и неговото природно одбранбено „оружје“ мастилото, создаваат симбол за „борбата“ меѓу темнината и светлината. Конечниот исход е материјалот на темнината, мастилото, да се искористи да се објави светлината. Ова отвора бројни егзистенцијални прашања на кои авторот не дава одговор, освен да посочи на „огледалото“. Но, важен елемент на овие прашања е дека за да го водиме својот одраз во емулзијата на сребрениот нитрат неопходна ни е светлина.
Егзистенцијалните прашања Трпески го загатнува со теми како што се: „Паднавме заедно“, „Претпотопни скици“, „Во лет гласникот“ и „Долу при дното“. Преку нив авторот го отвора хоризонтот пред човековата очуденост од феноменот на постоењето на „нешто“ наместо на „ништо“ и „мачнината“ на свесното постоење.
Збирката завршува со темата за кругот. И текстот и колажот се претставени кружно што дополнително го засилува впечатокот. Вдахновен од уметноста на М. К. Ешер, особено од делото „Сфера, површина и риби“, Трпески кругот го почнува со „Ешеров вител“. Со „Круг“ тој зачнува филозофско-теолошко прашање за суштината на постоењето. Кругот е древен симбол што означува „вечна цикличност“, бесконечно кружење на подеми и падови на созданието, но и на „совршеност“, и на „совршено движење“.
Токму кружната совршеност на движењето е водечка тема на некои од највлијателните ранохристијански мислители. Меѓу водечките на оваа тема се Климент и Ориген од Александрија, Кападокијските отци и Јован Скот Ериугена. Според нивните толкувања, исконското совршено создание е кружно така што секое битие во секој миг, без разлика во која позиција на радиусот се наоѓа има непречен пристап до Бог.
Но, светот е паднат, како што во неколку наврати енигматично посочува Трпески. Оттаму верувам и насловот кој, свесно или несвесно, има силна новозаветна конотација. Една од параболите на Исус во евангелијата е онаа за житото и за каколот. Во ваков сооднос и избор на термин, особено „какол“, паралелата со параболата е неизбежна. Житото и каколот се ботанички поврзани, но во каколот расте отровна габа. Во раните фази на раст невозможно е да се разликува едното од другото, а каколот развива систем на корења кои се испреплетуваат со оние на житото. Само во време на жетва разликата станува очигледна. Тука паралелата завршува зашто метафората кај Трпески има изненадувачко продолжение, а тоа е „парчиња стакло“. Во ботаничката алегорија е вметнат натрапник, кварцно хемиско соединение. Мислам дека „клучот“ за читањето на стаклото во метафората не е хемијата, туку „физиката“. Стаклото е парчосано. Светот и сѐ во него е кревко како стакло. Кршливоста и парчосаноста на постоењето ни се постојан „сопатник“ откако сме се исправиле на две нозе и сме развиле мозок на homo sapiens. Мечтата ни била и ни е прибежиште. Марко Трпески со Метафора – жито, какол и парчиња стакло создал мало катче на такво мечтателно прибежиште каде што може да се сонува за обновата на сите парчосани нешта.