Новото лице на протестите

17.02.2025 01:48
Новото лице на протестите

Нешто важно се случува во Кина и тоа би требало да го загрижи политичкото раководство. Помладите Кинези сè повеќе се склони кон пасивна резигнација, што совршено ја опишува новата популарна изрека bai lan („нека скапе“). Родена од економското разочарување и општата фрустрација со културата на пожртвуваност, bai lan ja отфрла машината на секојдневниот живот и повикува на елементарeн економски труд. Личната благосостојба е поважна од напредокот во кариерата.

Истата склоност може да се забележи и во уште една понова изрека: tang ping („преправање дека си мртов“) е жаргонски неологизам што означува предавање пред немилосрдната социјална и професионална конкуренција. Двата изрази зборуваат за отфрлање на притисокот за постигнување високи цели и социјален ангажман, кои се сметаат за залудно губење време.

Минатиот јули, Си Ен Ен објави дека многу кинески работници ги заменуваат стресните канцелариски работи со флексибилна мануелна работа. Како што објасни една 27-годишна жена од Вухан: „Сакам да чистам. Како што се подобрува животниот стандард (низ земјата), расте и побарувачката за услуги за одржување домаќинства… Чувствувам помал ментален притисок. И секој ден сум полна со енергија.“

Ваквите ставови се опишуваат како аполитични, додека младите истовремено го отфрлаат и активниот отпор кон властите и каков било дијалог со нив. Но, дали на отуѓените им преостанува само тоа?

Масовните протести што се во тек во Србија укажуваат на други можности. Демонстрантите не само што признаваат дека во државата Србија има нешто гнило, туку и бараат тоа гниење да престане.

Протестите започнаа минатиот ноември во Нови Сад, по падот на покривната конструкција на неодамна реновираната железничка станица, кога загинаа петнаесет луѓе, а двајца беа тешко повредени. Од тогаш, демонстрациите се проширија во 200 српски градови и населени места, собирајќи стотици илјади луѓе, што ги направи најголемото студентско движење во Европа од 1968-та година.

Очигледно е дека уривањето на покривната конструкција беше само искрата што го запали фитилот на наталоженото незадоволство. Бунтот на демонстрантите опфаќа многу прашања, од неконтролираната корупција и еколошката штета (владата планира ископ на литиум) до општиот презир со кој српскиот претседател Александар Вучиќ се однесува кон граѓаните. Она што владата го претставува како план за влез на глобалните пазари, младите граѓани на Србија го гледаат како измама за прикривање на корупцијата, распродажбата на националните ресурси на странски инвеститори под сомнителни услови и постепеното елиминирање на опозициските медиуми.

Но, што е тоа што овие демонстрации ги прави единствени? Демонстрантите постојано повторуваат: „Немаме политички барања и се држиме на дистанца од опозициските партии. Едноставно бараме институциите на Србија да работат во интерес на граѓаните“. Студентите фокусирано инсистираат на транспарентност на документацијата за реновирањето на новосадската железничка станица, пристап до сите документи за несреќата, отфрлање на тужбите против уапсените за време на првиот антивладин протест во ноември и кривично гонење на оние што ги нападнаа студентите на протестите во Белград.

На тој начин, демонстрантите настојуваат да предизвикаат „краток спој“ во процесот што ѝ овозможи на владејачката партија да ја зароби државата преку контрола на сите институции. Од своја страна, режимот на Вучиќ реагираше насилно, но и со техника позната во боксот како „клинч“ – кога боксерот го обвива противникот со рацете за да го спречи да удира.

Колку Вучиќ е во поголема паника, толку е поочаен во обидите да постигне некаков договор со демонстрантите. Но, тие одбиваат каков било разговор. Ги прецизираа своите барања и инсистираат на нив безусловно.

Традиционално, масовните протести барем имплицитно се потпираат на заканата со насилство, во комбинација со отвореност за преговори. Но, тука го имаме спротивното: демонстрантите во Србија не се закануваат со насилство, а одбиваат дијалог. Оваа комбинација создава конфузија, исто како и отсуството на очигледни водачи на протестите. Во таа строга смисла, овие протести имаат некои сличности со bai lan.

Се разбира, во еден момент во игра ќе мора да влезе организираната политика. Но, засега, „аполитичниот“ став на демонстрантите создава услови за нова политика, наместо уште една верзија на истата стара игра. За да се остварат редот и законот, теренот мора да се расчисти.

Тоа би бил доволен аргумент остатокот од светот безусловно да ги поддржи протестите. Тие докажуваат дека едноставниот, директен повик за ред и закон може да биде посубверзивен од анархичното насилство. Граѓаните на Србија сакаат владеење на правото без непишани правила што овозможуваат корупција и авторитарна власт.

Демонстрантите се далеку од старата анархична левица што доминираше на протестите во 1968-та година во Париз и низ Западот. Откако 24 часа го блокираа мостот на Дунав во Нови Сад, младите демонстранти одлучија да го продолжат собирот за уште три часа за да го исчистат просторот зад себе. Можете ли да ги замислите парижаните како во 1968-та година, по фрлањето камења врз полицијата, чистат зад себе?

На некого оваа политички мотивирана аполитичност на демонстрантите во Србија може да му изгледа лицемерно, но всушност тоа е веродостоен знак за нивниот радикализам. Тие одбиваат да се занимаваат со политика според постојните (главно непишани) правила и бараат фундаментални промени во начинот на работа на основните институции.

Најголемиот лицемер во оваа приказна е Европската унија, која се воздржува од вршење притисок врз Вучиќ од страв дека тој ќе се сврти кон Русија. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги поддржа граѓаните на Грузија во нивната „борба за демократија“, но не го спомена бунтот во Србија, земја која од 2012-тата година е формален кандидат за членство во ЕУ. ЕУ му дозволува на Вучиќ да прави што сака зашто вети стабилност и извоз на литиум, клучен за производството на електрични возила.

Отсуството на критика од ЕУ, дури и кога беше обвинет за изборна измама, во повеќе наврати го остави на цедило граѓанското општество во Србија. Затоа не е изненадување што српските студенти не го носат знамето на ЕУ. Идејата за „обоена револуција“, каква што првпат беше покрената во Украина пред 20 години за „приклучување кон демократскиот Запад“, веќе не е адекватна. ЕУ допре уште едно политичко дно.

Фотографии: Облакодер 

Извор: https://www.project-syndicate.org/