Зошто сме природно леви?

18.02.2025 01:45
Зошто сме природно леви

Астероидот Бену

 

Можеби не знаевте или сте заборавиле дека сиот живот на Земјата е создаден користејќи аминокиселини. Тие се градежните елементи за производство на протеини, а протеините се работните машини што го овозможуваат животот. Кога ќе ја погледнете структурата на некоја аминокиселина, можете да забележите дека нејзиниот огледален лик не може еднозначно да се преклопи со неа, исто како што не можете да ја преклопите вашата лева рака со десната.

Тоа се нарекува недостаток на ротациска симетрија. Значи, имаме две верзии на истата аминокиселина – една лева и една десна, исто како што е случајот со нашите раце. Кога хемичарите синтетизираат аминокиселини, добиваат мешавина со еднаква количина на леви и десни молекули. За да се добијат чисти леви и десни молекули од таа мешавина, потребни се специјални хемиски процеси за раздвојување.

Но, зачудувачки е што кога природата на Земјата го синтетизира животот, тогаш користи исклучиво леви аминокиселини. Денес знаеме дека постојат 20 есенцијални, односно животно важни аминокиселини. Засега немаме одговор зошто преовладала „левоста“. Оваа мистерија дополнително се продлабочи деновиве благодарение на новите податоци од вселената.

Пред 750 до 1 500 милиони години во судир се распаднал огромен астероид, а од неговите остатоци се формирал насобран материјал со дијаметар од околу 565 метри во најширокиот дел. Астероидот е во близина на Земјата. Ја доби ознаката 101955 Бену и стана туристичка дестинација за НАСА мисијата ОЗИРИС-РЕКС. Патувањето кон Бену започна во 2020-тата година. Мисијата беше успешна и во 2023-тата година се врати со сувенир од 120 грама примероци од астероидот. Примероците беа анализирани во неколку лаборатории, а резултатите неодамна беа објавени истовремено во списанијата Nature и Nature Astronomy.

Се покажа дека Бену содржи аминокиселини – 14 од 20-те кои се клучни за животот. И што е уште позначајно, сите тие аминокиселини биле и во левата и во десната форма. Покрај тоа, во примероците се пронајдени фосфати и нуклеински бази потребни за создавање ДНК и РНК – молекули што се клучни за синтезата на протеините во клетките.

Астероидот Ријугу

 

Заедно со фосфатите, пронајдени се и други минерали кои можеле да послужат како основа за синтеза на шеќерите – молекули што заедно со фосфатите и нуклеинските бази ја сочинуваат основата на ДНК молекулите. Астероидот Бену не е никаков исклучок. Во примероците од астероидот 162173 Ријугу, кои на Земјата ги донесе јапонската мисија Хајабуса 2, беа пронајдени 23 различни аминокиселини.

Познато е дека голем број тела во Сончевиот систем содржат вода. При нивните судири со Земјата, освен водата, можеле да се пренесат и сите овие елементи што се пронајдени во примероците од астероидот Бену и од други астероиди. Во историјата на Земјата имало огромен број вакви настани.

Ако животот потекнал од вселената – а има многу индикации за тоа – тогаш Земјата била преплавена со леви и десни аминокиселини.

Тогаш како дошло до тоа да се преферира само една – левата конфигурација? Како што знаеме, одговорот сè уште не го знаеме. Исто како што не знаеме ни зошто, по Големата експлозија (Big Bang), материјата преовладала над антиматеријата, иако требало да настанат во исти пропорции.

Разликата помеѓу овие два случаи сепак е огромна. Кога честичките на материјата ќе се сретнат со честички на антиматеријата, доаѓа до нивно уништување со емисија на електромагнетно зрачење со висока енергија.

Но, кога кога ќе се сретнат левата и десната аминокиселина не се случува ништо драматично. Драматично би било ако живите суштества почнат да се хранат со храна составена од десни аминокиселини. Без разлика колку храна би изеле, последицата би била смрт од глад, бидејќи организмот не би имал механизам да ја претвори храната во енергија.

Одговорот ќе го најдеме еден ден, можеби токму преку новите мисии на други астероиди.

Секојдневно откриваме нови планети во други ѕвездени системи. Можеби на некоја од нив се развил живот многу сличен на нашиот, но заснован на десните аминокиселини.

Колку чудна би била таквата средба.

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото