1010 hPa
49 %

20 °C
Скопје - Пон, 21.04.2025 19:59
Бомбастичниот настап на Доналд Трамп засега успева да го одврати вниманието на мејнстрим медиумите од „старите“ прашања за светскиот поредок и да го насочи кон нови, на дневна основа. Да, Трамп со своите уцени не остава време за нереагирање – од идејата за етничко чистење на Појасот Газа, преку припојувањето на Гренланд и Канада, до најавата за уште поголем ѕид кон Мексико. И, најмногу, со „трговските војни“. Најавувајќи низа протекционистички мерки, даноци на увезената стока, тој како да ја сече и онаа мала гранка на која седи економијата на САД.
Политиката на дисконтинуитет и „сосема нови ситуации“, врз која наводно се темели владеењето на Трамп, од дискусијата брише многу мерки на континуитетот во кои и самото е сместено. Како што пишува колумнистот на „Гардијан“, Кенан Малик, „меѓународниот либерален поредок“ (МЛП), и покрај неговото залагање за „слободен свет поврзан со слободниот проток на луѓе, стоки, идеи и капитал“, во таа своја „чистота“ никогаш не постоел. Зашто, неолибералната глобализација, која на светот му беше наметната уште од времето на Реган и Тачер, е нешто друго. Тоа не е свет на „крајот на историјата“, како што се рекламираше, туку свет на нови судири, често и воени. И тука Трамп само ја продолжува таа мрачна традиција.
САД не престанаа да бидат неолиберална држава. Токму спротивното, неолиберализмот „само“ повеќе се заострува, разградувајќи ги и последните остатоци на таканаречената социјална држава. Сите теми што левицата ги турка со децении, а сега паднаа во втор план – од флексибилизацијата на работните односи, преку „новиот феудализам“, до пропаѓањето на образовниот и здравствениот систем – сè уште се присутни. На глобално ниво, Трамп презема чекори што би можеле да се наречат ексцепционализам, барајќи за Америка нешто што не го нуди како рецепт за целиот свет. Не, тој не им нуди на сите моќни држави да го следат неговиот пример и да ги зголемат царинските бариери и слично. Иако некои од нив тоа одбранбено го најавуваат. За светот сè уште важи неолибералната глобализација, а САД едноставно не можат да се повлечат и изолираат од тој свет, бидејќи се повеќекратно поврзани со него, на пример, преку политиката на извоз и увоз на стоки. Тие не можат едноставно да се откажат од своите надворешни пазари и да изградат некаква аркадија на „затворена трговска држава“. Тоа се повеќе димни бомби на Трамп отколку снимка на вистинската состојба. Протерувањето на шефицата на кинескиот дигитален гигант Хуавеи не решава ништо. Бидејќи присуството на Кина на дигиталниот пазар, па дури и во САД, не може да се спречи.
Трамп залудно грми дека „Америка е на прво место“ и дека се повлекува од меѓународните организации и договори, бидејќи тоа го прави само на своја штета, додека глобалните организации нема да пропаднат. Треба ли да се грижиме дека она што американските либерали го нарекуваат „либерален интернационализам“ може да пропадне? За жал, не. Бидејќи тој либерализам, и покрај залагањето за вредностите на „слободниот свет“, ни досега не се придржуваше до нив.
Она што е релативно ново во настапот на Трамп – на пример, ќе влеземе со војска на Гренланд и во Панамскиот канал – е само отвореноста со која се застапуваат американските интереси, онака како што ги разбира тој. Таков настап во неговиот втор мандат не треба да нè изненадува. Бидејќи либералниот светски поредок, ако некогаш воопшто постоел, не пропадна вчера. Во последниов половина век сите американски претседатели водеа војни.
Новите стравови се последица на тоа што „меѓународниот либерален поредок“ е заспан ѕвер. Тие вредности се вадат само кога е убаво времето, а кога е лошо можат слободно да се погазуваат. Истовремено, МЛП постојано го менува својот облик, па прашање е за која негова форма од минатото ќе се фатиме. Така, Блинкен, политичар во заминување, жали за периодот по Втората светска војна, кога беа воспоставени институции и договори како НАТО, па сè до Светската банка. Но, тогаш никој не зборуваше за „либерален интернационализам“. Тие институции и договори беа создадени за да ја зајакнат американската моќ. Требаше да се ограничи ширењето на влијанието на СССР и да се преуреди светот со конкурентски империи во „единствен“ систем на суверени држави, но под американска хегемонија. И тоа функционираше извесно време. Сега, кога американската хегемонија слабее, се соголуваат и институциите што ја штитеа.
Ако е вистина дека неолибералната глобализација сè уште не е начната, можеме да кажеме дека она што се промени е претворањето на поранешната американска хегемонија во обична доминација. Разликата помеѓу хегемонијата и доминацијата е во тоа што првата содржи некаква идеолошка волја за доброволно служење, додека доминацијата сè повеќе се потпира на гола сила. Првата траума за американската хегемонија беше уште Виетнамската војна. И колку и да се обидуваа нејзините неолиберални наследници да го претворат тој пораз во победа, лузната остана.
Триумфализмот на МЛП по колапсот на СССР не траеше долго, а „крајот на историјата“ брзо се покажа како само уште еден „почеток“. Наместо ера на нова стабилност, дојде само момент. А по 11-ти септември, повеќето западни лидери ја прифатија одбраната на „западните вредности“ и „либералниот“ поредок со нелиберални мерки како мачења, одмазди, убиства и инвазии. По една деценија и финансискиот колапс во 2008-та година, со подемот на Кина повторно започнаа предупредувањата за „крајот на либералниот поредок кој никогаш не постоел“. Западните лидери проповедаат либерализам, демократија и владеење на правото, но свесно ги кршат сите три.
Стана најважно светот да биде безбеден за глобалната слободна трговија, но не преку некој laissez-faire принцип, туку преку изградба на институции во кои демократијата нема да го попречува ширењето на еден тип капитализам. Новите наднационални тела оперираа далеку од каква било изборна легитимација. Неолиберализмот, кој потекнува уште од 1930-тите, во делата на економистите како Фридрих Хајек и Лудвиг фон Мизес, конечно можеше да процвета – и тоа преку институциите и механизмите на меѓународниот либерален поредок.
Последиците беа зголемување на нееднаквоста, ерозија на граѓанското општество и оставање на поголемиот дел од населението без глас. Трамп, како и сличните нему, се качи на бран наводен отпор против „либералната елита“. Неговите димни бомби против глобализмот заведоа многу коментатори да прогласат „крај на неолиберализмот“. Но, Трамп си обезбеди поддршка од крупниот капитал, особено од ликови како Илон Маск. Триумфалниот глобализам можеби веќе не постои, но најголемиот дел од компонентите на неолиберализмот сè уште се во игра. Тој се прикрива со нов „национализам“, но зад сето тоа стојат само нови патишта на неолибералната глобализација.
Геополитичките аспекти на МЛП се целосно контрадикторни. Западните лидери проповедаат либерализам, демократија и владеење на правото, но од Чиле, Конго, Индонезија до Саудиска Арабија ќе направат сè за да ја уништат својата света тројка и да воведат нелиберализам и авторитаризам кога тоа им одговара. Така, тие воведуваат „мир“, кој веќе не значи отсуство на војна, туку превенција од ескалација на конфликти меѓу најголемите сили. На пример, САД од 1776-тата до 2019-тата година извршија 400 воени интервенции, најмногу по Втората светска војна и по 1989-тата година. Многу пред бомбастичниот Трамп, САД воведоа таканаречена кинетичка дипломатија, што значи „дипломатија со вооружена сила“. Тоа го прават и во 21-от век, и тоа либерални интернационалисти какви што беа Барак Обама и Џо Бајден.
Како што заклучува Кенан Малик, имаме причина да се грижиме за американската политика во идниот период. Но, тоа не значи дека треба да го романтизираме периодот пред Трамп. Либерална идила немало никогаш. Треба повторно да се преиспита што ќе значи интернационализмот во иднина, спротивставен на секаде присутниот агресивен национализам.
Карикатури: Ramses
Извор: https://www.portalnovosti.com/