Лет над Балканот: Кон изложбата „Балкански геометрии“ на Милош Милосављевиќ

24.02.2025 02:21
Лет над Балканот: Кон изложбата „Балкански геометрии“ на Милош Милосављевиќ

Мочуриште, масло на лесонит

 

Академскиот сликар Милош Милосављевиќ во својот тековен опус на дела е фокусиран на Балканот, поточно на „Балканската геометрија“, опус на слики изложен во МКЦ, Скопје во февруари 2025. Со изразот „Балкански геометрии“, уметникот испреплетува реална географија на општествени, историски и политички превирања, со метафоричен апстрактен експресионизам.

На оваа самозададена тема авторот ѝ приоѓа повеќе искуствено, а помалку теоретски. Она што го поттикнало да го создаде овој уметнички опус за Балканот е културолошко-општествената стигма на она што Марија Тодорова го нарекува „Балканизам“, стереотип заснован за навидум најнасилниот простор во Европа. На ова секако мора да се надоврзува личната приказна на Милосављевиќ, кој своите млади формативни години ги достигнал насреде крвавите граѓански војни во поранешна Југославија што несомнено оставило длабоки траги врз него. Но, наместо да го потврди балканскиот стереотип, Милосављевиќ ги руши тие стереотипи со своите образовни, професионални и лични избори. Во едно неодамнешно интервју тој ќе каже, „Единствената федерална единица што ја преживеа Југославија е културата и уметноста. Без оглед на сите поделби, од културолошки аспект ние сѐ уште сме единствен пазар, и тоа е нешто на што треба да сме горди“. Милосављевиќ е ангажиран уметник кој прави успешни заложби неговата уметност да поврзува, а не да разделува.

Периферија, масло на лесонит

 

Првиот чекор кон тоа поврзување е да се посочи што е она што разделува.

Овој мој осврт кон опусот на изложбата „Балкански геометрии“ ќе го почнам со избор од неколку слики почнувајќи со сликата „Мочуриште“. Композицијата на фрагментирани триаголници кои се преклопуваат има три нивоа почнувајќи од предниот план во светлосина и општо посветли нијанси на зелено, на жолто и на црвено, преминувајќи кон потемни нијанси на, пред сѐ зелена, за последното ниво, во „заднината“ на сликата да се дефинира со темноцрвена и темновиолетова. Нијансите на жолто се „прелеваат“ низ целото платно што на сликата ѝ дава дополнителен ефект на материја со органско потекло. Зелената го објаснува насловот на сликата. Истовремено, „Балканот“ како поттекст на кубистичкиот и на апстрактно-експресионистичкиот стил на Милосављевиќ е претставен во хаотичната раштрканост на триаголните форми. Дотука авторот како да го засилува стереотипот за Балканот. Покрај „Буре барут“, „Балканизација“, идејата за Балканот како за „Мочуриште на Европа“ е доминантна во описите на западните писатели. Според Роберт Д. Каплан, „Балканот бил изворниот Трет свет, долго пред западните медиуми да го измислат терминот. ... Што и да се случило во Бејрут или на некое друго место првин се случило, многу одамна на Балканот.“

Слетување, масло на платно

 

Но, засилувањето на стереотипот има за цел негово преиспитување. Покрај геометрискиот „хаос“, преку повторувањето на истите форми во разни бои и игривите светло-темно нијанси, Милосављевиќ создава хармоничен ритам и визуелна рамнотежа.

Светот има многу што да научи од Балканот. Дури и кога го смета за периферија. Токму ова е темата на сликата со ист наслов, „Периферија“. Композицијата преклопувањето и светло-темниот контраст се карактеристични за сите слики од овој опус на Милосављевиќ. Она што тука доаѓа до специфичен израз е „емоционалниот набој“ претставен со остро поставени агли и доминацијата на црвената боја. Ова е „рецепт“ за општествена напнатост карактеристична за перифериите на балканските градови кои се симбол за инфраструктурно „разградување“, и социјално „отуѓување“. Со еден збор, сликата дише во ритамот на „маргинализацијата“. Ова е двојна социјална критика на авторот. Како прво, тој ја критикува социополитичката поставеност на нештата што е извор и двигател на општествената маргинализација која пак, резултира со разни девијации; од девастирана животна средина до насилство и криминал. Како второ, преку насловот авторот ги критикува предрасудите на таканаречениот развиен и воено моќен свет кон Балканот. На балканската вековната омраза, исклученоста на другиот, дискриминацијата и насилството се гледа како на феномен отсутен од „цивилизираниот свет“. Оваа слика потсеќа дека тоа не е вистина. Напротив, според некои понови истражувања, историски гледано, Балканот е „помирољубив“ и со помалку крвави конфликти од Европа и општо западниот свет.

Крах, масло на платно

Ваквото видување на нештата Милосављевиќ го доведува до особен израз со сликата „Слетување“. Во оваа композиција се „крие“ фигура на штрк. Во Македонија една од најпознатите народни приказни е онаа за „Силјан штркот“. Водечки мотив во приказната е дека штрковите се всушност човечки суштества кои еден период од годината се луѓе, а другиот штркови. Според народните верувања, мирно застанатиот штрк врз покривот носи мир во куќата, а растревожениот носи немир. „Грев“ е да се убие штрк. Покрај митолошката симболика на штркот, неговото пристигнување по долг лет од југ ја навестува пролетта. Бројни македонски ора за своја инспирација ја имаат во летот и во танцот на штрковите. Според Никос Чаусидис и Ана Витанова-Рингачева, тоа е особено впечатливо во „Тешкото“ како и во некои други русалски танци.

Милосављевиќ ги вградува овие антропоморфни симболи на штркот во сликата со чиј наслов „Слетување“ ја продолжува уметничката контемплација за балканските геометрии. Во контекст на приказната „Силјан штркот“, авторот посочува на некои од водечките доблести вреднувани на Балканот како што се трудољубивоста, почитта, семејната хармонија и над сѐ љубовта. Со оваа и другите слики од изложбата Милосављевиќ, како што вели во едно интервју, врши визуелна критика на „ѕидовите што ги градиме околу себе, но и потсетник дека уметноста секогаш ќе наоѓа начин да ги надмине тие граници.“

Свети Димитрија Солунски, масло на платно

 

За да се срушат ѕидовите, кои нѐ делат, мора да се разберат разлозите зошто воопшто се изградени на прво место. Од сликата „ Ѕидини“ може да се доловат некои од нив. Наспроти светлите нијанси во периферијата на сликата централниот дел е „обременет“ со тешки темни речиси црни остроаголни триаголници. Тонот е оној на закана, на забрана, на суровост. Наместо да смируваат светлите сини, жолти и портокалови тонови заличуваат на скршени стакла за да го застрашат секој кој би се осмелил да се прекачува. Ова сведочи за определен колективен „Слом“ што е насловот на една од сликите на изложбата. На платното на оваа слика ѕидовите се „срушиле“, но не на исцелителен начин. Ова се рушевини како последица на некоја немилосрдна канонада. Триаголниците на „Слом“ се со најиздолжена форма и личат на остри сабји. Енергичните потези на четката, „заканувачките“ елементи во композицијата се сликовит приказ на психолошка бура која се одвива во мигови на колективно и индивидуално емоционална, ментална и сетилна опресија.

Ѕидини, масло на платно

 

„Спасот“ се појавува во парадоксална форма на воини светители. На две слики насловени како „Св. Димитрија“ и „Свети воини“, Милосављевиќ со стилски израз на кубизам и на апстрактен експресионизам го надоврзува класичното византиско иконосликарство. На друго место коментирајќи ја сликата „Белиот ангел“ посочив дека ваквата композиција упатува на „деконструкција“ на очекувањата во дадениот момент и преку динамичните триаголни форми се случува „реконструкција“ и вовед во категорично новонастаната ситуација. Сметам дека и за гореспоменатите две слики важи истото. Се работи за парадокс во изворната смисла на зборот. Овие воини светители се претставени вооружени зашто најчесто доаѓаат од редовите на римската војска. Но, нивните житија раскажуваат сосема поинаква приказна. Не се работи за нивната „воинственост“, туку за нивната пожртвуваност и за нивната непоколеблива вера во „Принцот на мирот“, Исус Христос. Заради своето сведоштво за Христос тие станале маченици. Наравоучението од примерот на овие „воини“ е дека тие не војуваат против „крв и месо“, туку против духовните структури на корумпирана моќ што во нивните случаи е империјата на Рим. Нивната борба е пред сѐ духовна, а подвигот им е самопожртвуваност во име на благосостојбата на другите. Потезите на извлекување меч, потегнување по копје и состојба на „готовс“ се урамнотежуваат со смирението во погледите на секој од светителите. Ова е повик на најголема борба на балканските народи. Борба за Балкан во кој секоја поделба, предрасуда, отфрлање, отуѓување и страв од и омраза кон другиот ќе биде претворена во заедничарење. За оваа „борба“ Милосављевиќ ќе каже, „Енергијата на младите е најсилна и најчиста. Верувам дека многу од нив влегуваат во борбата за подобро општество со искрена намера. Она што ме плаши е можноста за злоупотреба на таа енергија“. Токму така, секоја борба за подобро општество мора да послуша што вели Исус, „Блажени се миротворците зашто тие ќе се наречат чеда Божји“.

Овој творечки опус на Милош Милосављевиќ е страсно емотивен, созерцателен уметнички потфат кој порачува да се стави крај на секоја „Крвава бајка“ на Балканот и да нѐ поттикне во геометријата на другиот гледајќи низ „Син прозорец“ да видиме „Надградба“ на нашата сопствена геометрија.

Свети воини, масло на платно