1011 hPa
66 %

10 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 08:56
Интервју со Володимир Ишченко, истакнато име на украинската левица, социолог и истражувач во Институтот за источноевропски студии при Слободниот универзитет во Берлин. Се занимава со општествени движења, револуции, радикалната десница и левицата во Украина. Минатата година, издавачката куќа Verso ја објави неговата книга „Towards the Abyss: Ukraine from Maidan to War“ („Кон бездната: Украина од Мајдан до војна“).
Разговорот го води Јерко Бакотин.
Какви се ставовите на граѓаните на Украина во однос на преговорите меѓу САД и Русија и можниот мировен договор?
Нема истражувања за расположението на Украинците во однос на најновите настани, а без податоци не би нагаѓал. Во претходните истражувања беше очигледен порастот на поддршката за преговори. Едно есенско истражување покажа дека повеќето граѓани поддржуваат компромис околу териториите, доколку Украина добие цврсти безбедносни гаранции – членство во НАТО или еквивалент на тоа.
Но Трамп не нуди заштита ниту од НАТО ниту од САД. Европските лидери разговараат за можност за испраќање мировни сили, што исто така не изгледа како гаранција. Може да претпоставиме дека многу Украинци не сакаат да ја продолжат војната, но прашање е што се подготвени да прифатат. Предлогот на Трамп за преземање на украинските рудни ресурси изгледа како експлицитен колонијален аранжман. Малку граѓани би го поддржале, но можеби би било поинаку доколку тоа вклучува продолжување на поддршката за Украина.
Непосредно пред почетокот на инвазијата, напишавте дека Украина не треба да се доведе во ситуација каде за неа би одлучувале големите сили, но се случува токму тоа?
Тврдам дека Украина треба да води поавтономна и независна политика и да бара решенија за суштинските елементи на конфликтот. Мислам на договорите од Минск, кои не претставуваа само мировен договор за војната во Донбас туку и инструмент за обезбедување на украинската неутралност. Исто така, тие можеа да создадат услови за инклузивен, плуралистички проект на градење нација кој го вклучува и наследството од советска Украина.
Како што реков, во спротивно Украина би можела да ја загуби „можноста да учествува во одлучувањето за својата иднина, додека одлуките за неа ќе ги носат странските сили“. По почетокот на инвазијата и пропаѓањето на почетниот руски план, овој аргумент можеше да изгледа наивен или дури погрешен. Но сега се покажува како пророчки. Изгледа дека во Саудиска Арабија се случува токму тоа – за нашата судбина одлучуваат големите сили.
По почетокот на агресијата тврдевте дека Украинците се обединети во отпорот против Русија, но дека не ги обединува никаков позитивен проект?
Единството беше емоционално и многу привремено и не се засноваше на никаков позитивен проект освен очекувањето за брза победа. Тоа единство не беше создадено толку од самата инвазија, колку од фактот дека брзо стана јасно дека оригиналниот руски план пропадна. Ако Русија успееше да ја смени власта во Киев, Украинците ќе беа многу поделен народ. Откако очекувањата за брза победа над Русија се покажаа како залудни, особено по пропаста на украинската контраофанзива во 2023-та година, се појавија многу знаци на социјална и политичка фрагментација меѓу Украинците.
Спроведуваме длабински интервјуа со граѓани од различни класи. Сите се сметаат себеси за Украинци, но имаат многу различни очекувања. Многумина се крајно песимистични и отуѓени. Ако можат, би ја напуштиле земјата зашто не веруваат во нејзината иднина. Дури ни алтруистите, волонтерите кои дистрибуираат хуманитарна помош, не ѝ веруваат на државата. Некои не ја гледаат како своја држава, а многумина ни војната не ја доживуваат како своја. Тоа е резултат на политиките водени по инвазијата, но и пред неа. Тоа е резултат на фундаменталната криза на легитимноста на украинската држава и елитите – криза што Украина ја споделува со повеќето други постсоветски држави и што не се промени ни во услови на егзистенцијална закана. Распространети се песимизмот и критичноста, на пример, перцепцијата за корупцијата е многу полоша отколку пред војната.
Зеленски во тешка ситуација
Во анализа за Ал Џезира истакнувате дека неуспесите на фронтот се последица на социоекономските тензии. Многу граѓани сметаат дека со државата управуваат предаторски елити кои се заинтересирани првенствено за профит, додека населението не добива ништо. Затоа многумина се спротивставуваат на мобилизацијата или дезертираат. Според едно истражување, 52 проценти од Украинците ја одбиваат мобилизацијата, додека отворено ја поддржуваат само 32 проценти?
Товарот на војната главно паѓа врз посиромашното рурално население и работниците. Нив полесно ги мобилизираат, бидејќи им е потешко да се скријат и се подостапни за властите. Тие исто така имаат помалку можности да ја избегнат регрутацијата преку поткуп. Нивните ставови се помалку застапени во јавноста. Јавната поддршка за војната е најсилна меѓу професионалната средна класа и таканареченото граѓанско општество. Тие уживаат различни привилегии – на пример, од регрутација се ослободени вработените во 133 невладини организации финансирани од Западот. Државите во војна вообичаено го зајакнуваат својот апарат, ги национализираат ресурсите и ги зголемуваат даноците.
Украина го направи спротивното. Даноците беа зголемени многу доцна и умерено. Парадоксално е што многу граѓани се подготвени да донираат пари на приватни иницијативи што набавуваат опрема за војската, но не сакаат да плаќаат повисоки даноци, зашто не ѝ веруваат на државата. Една манифестација на таквата клима на недоверба и отуѓеност е и избегнувањето на мобилизацијата. Граѓаните не сакаат да го жртвуваат својот живот за држава што во текот на трите децении постсоветска криза се повлекуваше од нивните животи, кршејќи ги сите ветувања за просперитет, безбедност и основно преживување. Исто така, засилената државна принуда во спроведувањето на регрутацијата уште повеќе ја поткопува нејзината легитимност.
Според законот, избори не можат да се одржат за време на војна, но сега не само Русија, туку и САД вршат притисок по тоа прашање. Што би значело враќањето во политиката за Украина, како и за претседателот Володимир Зеленски?
Тоа суштински зависи од исходот на преговорите. Ако Трамп и Путин успеат да склучат и наметнат договор, тоа ќе бидат лоши вести за Зеленски. Ако не успеат, тој би можел да продолжи да ја игра улогата на воен лидер, иако тоа значи и продолжување на разорувањето. Можно е спогодбата да вклучува и одржување избори. Зеленски штотуку воведе санкции и ја замрзна имотната состојба на еден од своите противници, поранешниот претседател Петро Порошенко, кого голем број Украинци го гледаат како лидер на опозицијата, иако веројатно не би го победил Зеленски. Се шпекулира за можна кандидатура на поранешниот командант на војската, Валериј Залужни. Тој не зборува јавно за политичките амбиции, но според истражувањата е најпопуларната личност и веројатно би имал значителни шанси.
Зеленски не успеа да изгради силен персонализиран режим. Дури ни пратениците од неговата сопствена партија во Врховната Рада не гласаат секогаш според неговите желби. Постојат и прашања за легитимноста. Очекувано, инвазијата ги обедини граѓаните околу лидерството, па во првата година од војната поддршката за него изнесуваше над 80 проценти. Сега довербата е намалена на 40–50 проценти, а според есенските анкети само 16 проценти од граѓаните би гласале за него, што не изгледа добро за лидер на држава во војна. Зеленски е во многу тешка ситуација. Многу нешта ќе се решат во наредните месеци. Ако преговорите бидат успешни, можно е да биде реизбран. Некои му советуваат да не се кандидира повторно, туку да се повлече од политиката и да остане запаметен како воен лидер.
Што би променила евентуалната победа на Залужни или Порошенко?
Залужни сѐ уште не зазема јасен став. Веројатно би бил популарен лидер со добри врски во војската, што би му дало одредена институционална моќ. Во минатото флертуваше со националистите, на пример, фотографирајќи се со портрет на Степан Бандера (лидер на колаборационистичкото екстремно-националистичко движење од Втората светска војна). Но тоа е сосема нормализирано, па тешко е да се заклучи нешто од тоа. Порошенко е тотален опортунист кој често ги менуваше своите ставови.
Ако Зеленски прифати мировен договор, Порошенко веројатно ќе го напаѓа тврдејќи дека договорот е лош. Ако војната продолжи, Порошенко ќе настапува како кандидат за мир. Можно е да се појави популистички лидер, но во моментов нема никој што би понудил нешто значително поразлично. Дел од политичкиот спектар е погоден од репресија и забрани или пак е позициониран на страната на Русија, како Виктор Медведчук. Некои од влијателните јавни личности ја напуштија земјата.
На Запад војната се перципира како судир меѓу украинската демократија и руската автократија, но во Украина се забранети низа партии што се означени како „проруски“, додека цензурата врз медиумите е распространета. До кој степен се присутни авторитарните тенденции?
Идејата дека војната ќе демократизира некоја земја е интересна. Во тие интерпретации често се нагласуваат живото граѓанско општество, отпорот и ентузијазмот. Но тоа исчезна по првата година од војната. Останаа, и ескалираа, цензурата и репресијата. Бројот на казнени случаи поради „политички“ законски членови – колаборација, предавство на државата, „оправдување на агресијата“ – или пак оние поврзани со декомунизацијата е многу висок, поголем од бројот на случаи на политички прогон во Русија, ако го земеме предвид помалиот број на жители во Украина.
Се случуваше Службата за безбедност да прогонува луѓе дури и за ставови изнесени во приватни разговори, преку телефон или со роднини. Некои сметаат дека државата во војна има право да ги гони оние што се против неа. Големиот број вакви случаи покажува дека отфрлањето на државата не е доминантен став, но е присутен и тоа не во безначаен обем. Зеленски го санкционираше лидерот на опозицијата, што не смее да се случува во демократиите. Не е јасно каква врска имаат санкциите против Порошенко, лидер на националистичкиот дел од опозицијата, со безбедноста на државата.
Залужни беше сменет од позицијата командант на војската и испратен во Велика Британија како амбасадор, иако не зборува добро англиски. Се шпекулира дека Зеленски го направил тоа поради неговата популарност. Тоа нема врска со демократијата или потребите на војската, туку со елиминација на политичките ривали. Многу лидери на најголемата забранета партија, Опозициската платформа за живот, станаа многу лојални на Зеленски бидејќи беа уценети дека ќе останат без место во парламентот и ќе бидат кривично гонети како проруски предавници.
Бандеризацијата на Украина
Моќниот олигарх Игор Коломојски беше уапсен во 2023-тата година. Каква е денес улогата на олигарсите и како влијаеше војната на класните односи?
Зеленски неодамна воведе санкции за уште неколку олигарси. Се шпекулира дека тоа би можело да биде дел од преземањето на контролата врз ресурсите, кои потоа би му ги понудил на Трамп во рамки на договорот со САД. Олигарсите ослабнаа за време на војната. Често истакнувам дека војната всушност се води околу интересите на политичките капиталисти кои ги претставува Русија, додека на другата страна е професионалната средна класа, организирана во прозападното граѓанско општество и во сојуз со транснационалниот капитал. Овој блок очигледно зајакна и тоа поради зависноста на Украина од странското оружје, парите и многу други нешта.
Често се истакнува влијанието на украинската екстремна десница во општеството и државата. Како го проценувате тоа?
Екстремната десница е толку нормализирана што реакциите против неа главно доаѓаат или од проруски кругови или од круговите на западната левица. Радикално-националистичкиот поздрав во војската е институционализиран. Поранешниот директор на Украинскиот институт за национална меморија, Владимир Вјатрович, одигра клучна улога во декомунизацијата и глорификацијата на бандеровците, а неодамна изјави дека е задоволен од бандеризацијата на Украина. Легитимноста и моќта на екстремната воена формација Азов пораснаа – таа започна како баталјон, прерасна во две бригади, а сега ќе има три корпуси.
Зборуваме за десетици илјади војници под команда на екстремни десничари како Андриј Билецки. Нивните ветерани би можеле да станат јадро на значајна политичка партија. Азов е поврзан со екстремната десница во западна и источна Европа. Не соработуваат со „Алтернатива за Германија“ бидејќи таа е наклонета кон Русија, но имаат врски со „III Weg“, организација многу поекстремна од АфД, како и со италијанската „Каса Паунд“. Овој потенцијален меѓународен проблем е уште една мрачна последица на војната.
Постои ли некаква лева организација?
Левицата е многу слаба и во политичка смисла не постои. Најголемата лева организација, Комунистичката партија, ја поддржа Русија, а беше најсилна на денешните окупирани територии. На подрачјето под контрола на украинската влада, нејзините членови немаат никаква можност за јавно дејствување, а притоа најчесто станува збор за постари луѓе. Малите групи од новата левица ја поддржаа Украина и се приклучија на војската, но не организираа сопствена единица.
Станува збор за можеби неколку стотини луѓе во целата земја, кои немаат значително влијание. Исто така, постојат и нелегални групи активисти кои ги поддржуваат оние што бегаат од регрутација и агитираат против мобилизацијата. Некои од нив имаат одредена публика на интернет. Дел од нив беа уапсени од Безбедносната служба. Постојат и разни иницијативи во странство. Во Германија постои Сојуз на постсоветската левица, кој исто така ги поддржува бегалците, а обединува руска и украинска антивоена левица, како и левица од други постсоветски земји.
Во воведот на книгата со наслов „Погрешен Украинец“ наведувате дека ниту пред војната не се вклопувавте во доминантниот интелектуален светоглед и тоа затоа што не го отфрлавте личното и општественото советско наследство, ниту пак ги поддржувавте националистичките либерали според кои приклучувањето кон Западот значи доаѓање на „вистинскиот капитализам“ и приклучување кон „цивилизираниот свет“. Колку денес во Украина постои простор за поинакви гледишта?
Просторот е многу ограничен, дури и надвор од Украина. По објавувањето на статијата „Украински гласови?“, во која критички пишував за таканаречената деколонизација на Украина и националистичката политика на идентитетот, добив многу поддршка, но и бројни напади. Ако се спротивставувате на националистичкиот прозападен дискурс, не ве сметаат толку за „национален предавник“, колку за класен предавник – предавник на сопствената класа. Историчарката Марта Хавришко, која пишува за екстремната десница, добива многу сериозни закани од украински и руски екстремисти. Наместо да ја бранат, нејзините колеги ја напаѓаат како предавник. Затоа, многу критички интелектуалци се плашат да зборуваат јавно.
Советското и руското наследство
Украина пред војната беше плуралистичка земја, каде половина од населението зборуваше и руски или само руски. Иако повеќето застанаа на страната на Украина, денес употребата на рускиот јазик е многу ограничена. Забрането е објавување книги и јавно изведување песни на руски, а некои универзитети забранија зборување руски дури и во приватни разговори. Како изгледа перспективата на русофоното население на територијата под контрола на владата?
Во Украина сè уште траат дебати дали земјата треба барем делумно да биде отворена за советското и руското наследство. Постојат критики за законите за декомунизација, ограничувањето на јавната употреба на рускиот и отстранувањето на симболите на руската култура. Денес во Украина нема ниту едно училиште каде што се изучуваат рускиот јазик и литературата, дури ни во градовите каде што на повеќето деца мајчин јазик им е рускиот. Тоа е тешко да се оправда со грижата за безбедноста на земјата, но се вклопува во идеите за етничка асимилација.
Некои јавни личности, како Алексеј Арестович и градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов, јавно се спротивставуваат на ова. Доколку се создаде попермисивна политичка клима, дел од украинската елита би можел да ги поддржи нивните ставови. Тешко е да се претпостави, но сигурно постои огромен јаз во ставовите на дел од населението, кои ги задржуваат за себе, и гледиштата што доминираат во јавноста. Во интервјуата што ги водевме има многу критички настроени соговорници кои велат дека од страв од остракизам или формална репресија, за политички прашања можат да разговараат само со својот најтесен круг.
Можете ли да ја објасните тезата дека во коренот на оваа војна лежат неспособноста и интересите на владејачката класа политички капиталисти?
Доминантните тези велат дека Путин станал опседнат со историјата или ирационалното спротивставување на НАТО. Но, сериозните објаснувања на војната мора да ги земат предвид материјалните интереси и владејачките структури. Според мене, ова е постсоветски класен судир. По распадот на СССР, доминантна група во владејачката класа станаа политичките капиталисти, кои главно профитираат од државните привилегии и ресурси.
Но, тие не инвестираа доволно во домашната економија и не изградија лојална средна класа. Професионалните средни класи пронајдоа интерес во западните интеграции и во транснационалниот капитал, кој нудеше можности за кариери од невладините организации до корпорациите. Тој дел од општеството се поврза со транснационалната либерална фракција на глобалната владејачка класа, за разлика од протекционистичката, која сега ја претставува и Трамп.
Политичките капиталисти суштински се заинтересирани за задржување на контролата над државата. Не сакаат да им дозволат да бидат истиснати од транснационалниот капитал, како што се случи во источна Европа, каде што не се појавија силни локални играчи, туку овие економии во голема мера ги презедоа западните корпорации.
Западните интеграции и борбата против корупцијата значат пораз на локалната владејачка класа во корист на транснационалниот капитал. Зеленски сега ги зема природните ресурси од Коломојски за да ги испорача на американските компании. Постсоветските олигарси можеа да се "интегрираат" во глобалната владејачка класа само индивидуално и опортунистички – со купување вили или јахти – но никогаш колективно, како блок, организирани во суверена држава на постсоветскиот простор.
Путиновиот план беше Русија преку проектот Евроазиска унија (ЕАУ) да стане суверен центар на капиталистичка акумулација, реинтегрирајќи важни делови од советската економија, пред сè Украина со нејзината енергетска инфраструктура, како и воената и воздухопловната индустрија и така натаму. Без Украина, ЕАУ е многу послаба. А ширењето на западните структури и европските партнерства го поткопуваше остварувањето на тој проект.
Значи, зад ексапанзијата на НАТО и ЕУ всушност стои класен конфликт. Инвазијата на Украина е крајна ескалација – до која дојде преку политички кризи, револуции, неуспешни решенија – основен конфликт кој ја пресекува целата постсоветска област.
Западот не успеа да ја изолира Русија. Им се спротивстави на санкциите и како алтернатива на Западот го гради БРИКС. Путин можеби нема да ги оствари максималистичките цели, но веројатно ќе избори значителни отстапки од Украина и САД. Смешно е да се смета дека сето тоа е резултат на неговите „ирационални“ опсесии.
Путин е бонапартистички лидер, автономен од поединечни фракции на руската владејачка класа на политички капиталисти, но го претставува и следи нивниот долгорочен колективен интерес во зајакнувањето на суверената држава. И покрај тешките меѓународни санкции, војната директно ѝ користеше на руската владејачка класа, зголемувајќи го нејзиното богатство, приходите и концентрирајќи ја сопственоста. Благодарение на воениот кејнсијанизам, просперираа и големи делови од другите класи, како работниците во воено-индустрискиот сектор или семејствата на војниците.
Фотографии: Roman Pilipey, Viacheslav Ratynskyi, Konstantyn & Vlada Liberov, Ilia Larionov
Извор за текстот: https://www.portalnovosti.com/