1013 hPa
52 %

18 °C
Скопје - Пет, 18.04.2025 01:59
ChatGPT денес е една од најпопуларните дестинации на интернет. Според проценките од крајот на 2024-тата година, chatgpt.com, со речиси 5 милијарди посети месечно, е меѓу десетте најпосетувани веб-сајтови во светот, заедно со Гугл, Инстаграм, Википедија и Јутјуб.
Изумителот на овој популарен чет-бот, компанијата OpenAI, пријави бројка од над 300 милиони корисници неделно.
За огромниот број корисници, ChatGPT е виртуелна, бесплатна, анонимна и секогаш достапна услуга, парче напреден софтвер чија инфраструктура е далечна и невидлива, па за неа веројатно и не размислуваме премногу.
Но, би требало. Една проценка вели дека ChatGPT веќе троши околу 3 гигават-часови струја дневно – колку што приближно трошат 100 000 домаќинства. Со зголемувањето на бројот корисници овој број несомнено ќе расте во иднина.
Се разбира, приказната е поширока од тоа. Начинот на кој ние, обичните корисници, ги користиме чет-ботовите е само врвот на ледениот брег. Вештачката интелигенција базирана на современи модели на машинско учење е глобална индустрија во фаза на експанзија, своевидна „трка за вооружување“ меѓу водечките технолошки компании во светот.
За потребите на оваа трка, забрзано се развива потребната физичка инфраструктура во форма на џиновски дата-центри, фабрики за чипови, транспортни ланци, енергетски мрежи, складишта...
Со други зборови, револуцијата на вештачката интелигенција можеби изгледа како некаков чисто софтверски феномен од нашата жабја перспектива на обични корисници, но таа всушност бара огромни количини ресурси и нејзиниот физички отпечаток тешко може да се измери. Но, тоа не значи дека не треба да се обидеме.
За потребите на вештачката интелигенција се развива „најголемиот инфраструктурен проект во историјата на човештвото“
Веќе се наѕира основниот проблем во разбирањето на оваа „AI револуција“ – како да ја согледаме и да се обидеме да го разбереме нејзиниот размер?
За да ја доближат темата до пошироката јавност, авторите ширум светот се трудат да ја претстават од перспектива на обичниот корисник, па добиваме споредби како оваа: едно барање до чет-ботот е 10 пати енергетски поинтензивно од истото барање во „класичен“ интернет пребарувач.
Или: за обработка на едно единствено барање, AI чет-ботот троши иста количина струја како една светилка што свети 20 минути.
Од една страна, овие согледувања се корисни. Треба да разбереме дека дури и наједноставната употреба на вештачката интелигенција – на пример, барање до ChatGPT да ви „смисли“ оброк од намирниците што ги имате во фрижидерот – подразбира комплексни пресметки, односно физичка работа на некој далечен чип кој за тоа троши одредена количина енергија.
Но, овие „приближувања“ исто така можат да нè наведат на погрешна претпоставка: дека токму овие, прозаични употреби на чет-ботовите се клучниот дел од приказната. А не се.
Со други зборови, џиновските вложувања во производните ланци и дата-центрите не се прават за да се задоволат потребите на учениците кои ги користат чет-ботовите за пишување домашни задачи. Инвестициите се прават за да се обезбеди водечка позиција во претпоставената иднина во која вештачката интелигенција ќе биде неизбежен дел од глобалниот пазар.
Мајкрософт, еден од најголемите инвеститори во OpenAI, планира да вложува повеќе од 50 милијарди долари годишно во нови дата-центри за да ги задоволи инфраструктурните потреби на револуцијата на вештачката интелигенција. Еден аналитичар тоа го нарече „најголемиот инфраструктурен проект во историјата на човештвото“.
Според проценките на аналитичарите на Голдман Сакс, поради интензивниот раст на бројот на дата-центри неопходни за функционирањето на „вештачката интелигенција“, до 2030-тата година дата-центрите ќе трошат дури 8 проценти од вкупната електрична енергија во САД. Во моментов, нивното учество е околу 3 проценти.
Со секој свој чекор, AI револуцијата врши притисок врз енергетиката – а со тоа и врз емисиите на гасовите со ефект на стаклена градина и последователно врз климатските промени.
Во својот извештај за одржливо работење од 2024-тата година, Мајкрософт забележа пораст на емисиите на стакленичките гасови за 29,1 проценти од 2020-тата година. Најголемиот пораст се случи во 2023-тата година.
Како што се наведува во извештајот, „инфраструктурата и електричната енергија потребна за AI технологиите создаваат нови предизвици за исполнување на целите за одржлив развој во целиот технолошки сектор“.
Слична слика нуди и Гугл, кој во 2023-тата година забележа зголемување на емисиите на стакленичките гасови за 13 проценти во однос на 2022-та, а за дури 48 проценти во споредба со 2019-тата година.
„Тоа е затоа што растот на потрошувачката на струја на нашите дата центри е побрз од нашата способност да реализираме проекти за обновливи извори на енергија“, пишува во извештајот на овој технолошки гигант.
Поради големите енергетски барања, дата центрите на вештачката интелигенција веќе го забавија затворањето на термоелектраните
За разлика од „обичните“ човечки потреби и начинот на кој се троши и контролира енергијата во домаќинствата, дата центрите работат непрекинато и имаат потреба од постојан извор на струја.
Како што наведуваат експертите, правилната употреба на сончевата и ветерната енергија со складирање (батерии) може да обезбеди околу 80 проценти од побарувачката на дата центрите, но „неопходна е некаква дополнителна база за да ги исполни континуираните енергетски барања“.
Потенцијално решение е нуклеарната енергија, која е исклучително стабилен извор на енергија, но тука настанува друг проблем – новите инсталации треба да бидат екстремно брзи, што за нуклеарната енергија е невозможно, па како наводно „чисто“, а брзо решение се предлага гасот.
Анализата на енергетската консултантска куќа Аргус вели дека иднината на енергетската инфраструктура за дата центрите прво ќе ја сочинуваат гасни електрани, кои брзо можат да се оспособат за работа, а потоа нуклеарна енергија по 2030-тата година.
Но, грубо кажано, тоа се идеални услови. Како што може да се види од извештаите на водечките технолошки гиганти, енергетските потреби веќе имаат опиплив ефект врз јаглеродниот отпечаток на AI индустријата, а конкретни примери има сѐ повеќе.
Во Омаха, најголемиот град во американската држава Небраска, во 2023-тата година беше запрено затворањето на термоелектрана стара повеќе од 70 години зашто градот не можеше да си дозволи намалување на инсталираните капацитети. Имено, во градот дојдоа Гугл и Мета, профитабилни клиенти, со барања за големи дата центри.
Сето ова треба да се разгледа во контекст на актуелните политики во САД, земја во која новата администрација го стави забрзаниот развој на вештачката интелигенција во прв план, додека, од друга страна, го запира финансирањето проекти за истражување на климатските промени и развој на нискојаглеродни индустрии.
Во такви услови, прашањето „каква енергетика ќе ги напојува потребите на AI индустријата“ ќе стане прашање на добра волја на приватниот капитал, што, како што нѐ научи историјата, е далеку од идеално решение.
За ладење на хардверот – 10 000 олимписки базени вода годишно
Проблемот не е само во струјата, туку и во водата. Група научници од Универзитетот во Калифорнија се обиде да процени колку вода троши AI индустријата, особено за ладење на дата центрите и серверите.
Според оваа студија, Гугл само за ладење на своите дата центри во 2023-тата година потрошил 23 милијарди литри вода.
За споредба, еден олимписки базен типично содржи околу 2,5 милиони литри вода – што значи дека само Гугл, само за непосредно ладење на своите дата центри, и тоа само во 2023-тата година, потрошил 10 000 олимписки базени вода.
Со други зборови, AI револуцијата не е само „гладна“ – туку и „жедна“. Проценката на студијата од Калифорнија вели дека AI индустријата за неколку години ќе троши вода колку една држава со големина на Данска. И тоа не каква било вода: потребна е чиста вода од слатководни извори, како водата за пиење, за да не се оштети чувствителната опрема при ладењето.
Но, ниту една непозната во оваа равенка не е стабилна. Жедта на AI индустријата ќе се зголемува, а паралелно со неа ќе се зголемува и ризикот од недостиг на вода поради климатските промени.
Решенија има многу. Дата центрите можат да се градат во региони со развиени капацитети за обновливи извори, а нивната потрошувачка може делумно да се контролира – во зависност од тоа каде се изградени и дали се користат околните услови на оптимален начин. Еден таков предлог е AI моделите да се „тренираат“ ноќе, што може да ги намали потребите за ладење.
Но, се разбира, прашањето не е само во постоењето решенија, туку во тоа дали тие ќе бидат искористени. Кога индустријата е во подем, како што неколку години е во подем AI индустријата, капиталот не бара најодржливи, туку најисплатливи решенија.
Еден пример е Феникс, главниот град на американската држава Аризона. Гледано од страна, оваа пустинска метропола со речиси 5 милиони жители во пошироката градска зона, каде сушите сè почесто го загрозуваат водоснабдувањето, не изгледа како „паметно“ место за развој на оваа жедна индустрија.
Но, поради достапноста на земјиштето, релативно стабилната електроенергетска мрежа и постоечките субвенции за инвеститорите, Феникс денес е буквално опкружен со дата центри.
Поради загриженоста за одржливоста на градската инфраструктура, а пред сè за водоснабдувањето, Феникс кон крајот на минатата година усвои први правила во обид да ја ограничи неконтролираната изградба на дата центрите. Дали истото ги очекува и другите градски и локални власти ширум светот?
Предизвик од Кина?
Еден сосема различен, потенцијално оптимистички одговор, неодамна стигна од Кина.
Кинескиот стартап DeepSeek во јануари лансираше свој четбот, кој според перформансите е конкурент на ChatGPT, но за иницијален „тренинг“ на моделот користи драстично помалку ресурси.
Иако се проценува дека DeepSeek четботот за обработка на самите барања троши приближно исто како и ChatGPT, станува збор за таков технолошки шок кој веднаш предизвика распродажба на американската берза. Nvidia, американска компанија која е клучен снабдувач на хардвер за развој и функционирање на AI технологиите, изгуби 465 милијарди долари од својата вредност за еден ден тргување на Вол Стрит – што претставува најголем пад на вредноста некогаш забележан на светските берзи.
Да бидеме јасни – во моментов ништо не се знае со сигурност. И покрај опипливите придобивки денес, вештачката интелигенција сè уште е технологија на иднината, и тоа иднина во која, се претпоставува, некои од сегашните „коњи во трката“ ќе завршат како неверојатно профитабилни победници.
Каква и да е иднината на вештачката интелигенција – ако е можно, не би било лошо во меѓувреме да ѝ ги намалиме апетитите.
Извор: https://klima101.rs/