Ноќната мора на граѓанската војна

26.02.2025 01:34
Ноќната мора на граѓанската војна

Граѓанската војна во Судан деновиве влезе во нова, потенцијално одлучувачка фаза. Офанзивата на Суданските вооружени сили, која во ограничен обем започна уште минатата есен, последниве недели постигна значајни резултати.

Откако војската кон средината на јануари ги истера паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) од Вад Мадани, административниот центар на централната покраина Џазира, на мета на новата офанзива се најде и самиот судански главен град Картум.

Суданската војска од почетокот на годината го зазеде индустрискиот Северен Картум и поголемиот дел од Омдурман на левиот брег на Нил, со што се доведе во поволна позиција за понатамошни напади кон централните делови на Картум. Картум и Џазира во најголем дел паднаа под контрола на РСФ уште во 2023-тата година, веднаш по избувнувањето на граѓанската војна во оваа стратешки важна африканска земја.

Војната во Судан избувна на 15-ти април 2023-тата година, откако РСФ под команда на Мохамед Хамдан Дагало, наречен Хемети, се обиде да го собори тогашниот шеф на владејачката воена хунта и врховен командант на вооружените сили Абдел Фатах ал-Бурхан. Државниот удар пропадна и брзо се претвори во, навидум, бескрајна војна на исцрпување, во која досега загинаа околу 150 000 луѓе.

Според податоците на УНХЦР од февруари, во последните две години повеќе од 12 милиони Суданци биле принудени да ги напуштат своите домови. Со други зборови, речиси секој четврти жител на Судан денес е прогонет или бегалец. Вреди да се цитира и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој ситуацијата во Судан ја опиша како „ноќна мора на насилство, глад, болести и прогон“.

Се разбира, ниту една војна не се одвива во вакуум, па така ниту граѓанската војна во Судан. Очигледно е дека во позадината на конфликтот стои повеќегодишната борба за превласт помеѓу двете фракции на некогашниот режим на диктаторот Омар ал-Башир, соборен за време на масовните протести во 2019-тата година.

Абдел Фатах ал-Бурхан (лево) и Мохамед Хамдан Дагало (десно)

Двете фракции – воениот естаблишмент на Ал-Бурхан и Хеметиевите РСФ – имаат свои домашни економски и политички бази. Војската има поддршка во долината на Нил во централен Судан, додека РСФ е најсилен во Дарфур, на пустинскиот запад на земјата. РСФ беше формиран во 2013-тата година како амалгам на арапските милиции од Дарфур, кои во раните 2000-ти во таа област извршија геноцид врз локалното неарапско население.

Нивниот водач Хемети е еден од најбогатите Суданци и сопственик на бројни рударски, транспортни и индустриски компании, чија профитабилност во голема мера зависи од неговиот статус и врските во државниот апарат. Затоа не е изненадувачки што сите обиди за потчинување на РСФ под војската помеѓу 2019-тата и 2023-тата година тој ги доживуваше како егзистенцијална закана.

Иако не се одговорни за избувнувањето на војната, надворешните фактори дефинитивно играат голема улога во нејзиниот тек. Режимот на Ал-Бурхан ужива отворена поддршка од Иран и Русија, која во Судан гледа потенцијален стратешки партнер, пред сè во поглед на отворањето поморска база на Црвеното Море. Таа цел на состанокот одржан во Москва на 12-ти февруари ја потврдија и министрите за надворешни работи на Судан и Русија, Али Јусеф и Сергеј Лавров.

РСФ, пак, добива најголема поддршка од Обединетите Арапски Емирати. Соработката меѓу ОАЕ и РСФ не е новост: РСФ своевремено испрати неколку десетици илјади борци во Јемен, како помош во саудиско-емирaтската интервенција против јеменските хутии. Но, додека Саудиска Арабија денес во Судан се обидува да игра улога на посредник, ОАЕ цврсто застана на страната на една од завојуваните страни. Затоа најновите повици на емиратските дипломати за склучување рамазанско примирје треба да се гледаат во контекст на неодамнешните тешки загуби на РСФ на бојното поле.

Но, малкумина во Судан се заинтересирани за мирно решавање на конфликтот. Војската во моментов има иницијатива и одбива какви било преговори, додека РСФ би го искористил примирјето единствено за да ги залечи раните. Една работа е сепак сигурна – главен губитник повторно ќе биде суданскиот народ, кој по будењето од демократските соништа во 2019-тата година, западна во ноќната мора на нова граѓанска војна.

Извор: https://www.portalnovosti.com/