1010 hPa
45 %

18 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:59
На единствениот начин на кој научникот но и секој разумен човек го осознава светот, односно на самиот акт на откривањето, секавично му следи рационализација и когнитивна конструкција на откриеното. На ова, пак, речиси во истиот мисловен миг, ѝ следи и класификацијата, категоризацијата и именувањето на појавата. Најчесто дури, вториве му претходат на откритието, зашто сите луѓе воопшто, а не само научните систематизатори, инстинктивно целат да им лепат имиња и етикети на сите работи што ги осознаваат и буквално на сите нешта во нивниот свет уште и пред чинот на откритието, во фазата на неговото замислување. Овој инстинкт, оваа длабока психолошка и когнитивна потреба за класифицирањето и категоризирањето на целиот космос, произлегува веројатно од човековата желба на светот да му даде значење и да внесе поредок во безмерниот хаос што го опкружува. Од суштинско значење е да се сфати дека формалните категории во кои човекот ги вбројува појавите и нештата се сепак само интелектуални конструкции, односно инвенции, кои самите како такви не постојат во објективната стварност. Во оваа категорија – на чисти конструкции – секако дека спаѓаат и погрдните поими за „дивиот Балкан“ и „балканизацијата“, што, за жал, веќе век и половина се општоприфатени во „развиениот свет“, во Западна Европа и Америка, а кои во меѓувреме изгледа дека ги прифативме и ние – жителите на измислениот Балкански полуостров.
Во 19 век, златната доба на западноевропските империи, кога индустриското исцрпување на ресурсите од колонијалите поседи го досегна својот врв, Европејците лицемерно својот грабеж го нарекоа извоз на „цивилизација“ во дивјачкиот, „нецивилизиран“ свет. Оваа империјалистичка надменост стана тогаш толку одомаќена во академската и политичката фела, што не ѝ одбегнаа ниту моите омилени автори Маркс и Енгелс. Во „Комунистичкиот манифест“ пишува дека „исто како што буржоазијата го претвори селото зависно од градот, така и варварските и полуварварските земји ги стори зависни од цивилизираните, Истокот од Западот“. Се подразбира дека под „варварските и полуварварските земји“ авторите ги сметаат сите земји источно и југоисточно од „цивилизираната“ Европа, а нас балканските народи како први на списокот. Погрдното значење на сè што е „балканско“ особено се зацврсти за време на Балканските војни, кои Западот ги доживуваше како несфатливи дивјаштва што не заслужуваат ништо освен морално гадење од страна на „цивилизираните“.
Во тоа време еден британски автор, очигледно заборавајќи ги масовните злостори на Британската Империја во Индија, Јужна Африка и Ирска, во кои империјата предизвика смрт на милиони цивили, со гадење ги опишува „расите“ што живеат на Балканот: „Во земји во кои селанинот ора носејќи пушка на грбот, каде што владејачите остануваат на власт само доколку се способни и да убиваат, каде што е нормално христијанските великодостојници да организираат политички убиства, животот има релативна вредност (…). По крволочноста расите на Балкан меѓусебно не се разликуваат многу – сите тие се производ на вековната азијатска власт“. Оваа карикатурална предрасуда што се претвори буквално во сеприсутен и неизбежен, но длабоко малициозен стереотип за Балканот како „буре барут“, за чудо опстана и по Првата светска војна. На „цивилизираните“ европски империи што во Големата војна ги починија најголемите и најдивјачки колежи и масовни убиства во дотогашната историја, а зад чија единствена мотивација беше нивната империјална надменост, алчност и глупост, ова искуство како воопшто да не им попречи со морална надменост на високоцивилизирани арбитри да им судат за „нецивилизираноста и дивјаштвото“ на Балканците. И тоа сосем без оглед што споредено со глобалниот колеж и апокалиптичното дивјаштво на „цивилизираните“ империи на Западот, Балканските војни изгледаа како мала селска свадбарска кавга што тргнала по лошо, кога поднапиените сватови ќе изваделе по некој нож или кубура.
Стереотипот за „дивите Балканци“ толку ѝ импонираше на западната надменост што меѓу двете светски војни таа остана општо место секојдневно и нашироко употребувано за нашиов темен вилает. Овој стереотип ја инспирирал и Агата Кристи да напише крими-романче во кое романтичната приказна се случува во околина во која крволочните балкански народи во измислените кнежевства едвај чекаат да потегнат чакија и да преколат некого. Во романчето еден Англичанец шокирано коментира: „Крајно нецивилизиран свет. Народ на ајдуци… Тоа е една држава на Балканот… Најголемите реки се непознати. Најголемите планини исто така непознати, но многубројни. Главен град Екурешт (на измислената земја Херцословачка, м.з.). Жителите се главно ајдуци. Главно хоби им е убивањето кралеви и дигањето револуции“. Врв на оваа одвратна но шармантна конструкција за Дивиот Балкан е книгата на Кајзерлинг од 1928 година во која ечи и одекува неговата славна констатација дека: „(…) општоприфатено е тврдењето дека Балкан е европското буре барут, (како и) постоењето на необично длабока, исконска и непомирлива расна омраза помеѓу многуте народи на полуостровот“.
Особено интересно е што употребата на пејоративниот стереотип за „дивиот Балкан“ и за „балканизацијата“ речиси потполно да исчезна од употреба по Втората светска војна. Сјајот и блесокот на епската победа на Титовите партизани против наци-фашистичкиот демон што го зацрни векот, се чини дека ги избриша од сеќавање вообичаените стереотипи со кои „цивилизираната“ Европа ги опишуваше балканските премрежиња. Антифашистичката и народноослободителната војна што југословенските народи ја водеа во текот на војната, како и воената и моралната победа што маршалот Тито, неговите комунистички комесари и пролетерските бригади ја извојуваа, како да извршија инверзија на вредносните категории и моралните судови: Балканот излезе како неприкосновен победник – воен, цивилизациски и морален – над фашистичката Европа, која штотуку го беше дофатила своето историско и морално дно.
Во целиот период на своето постоење Втората Југославија обезбеди погрдното спомнување на Балканите да биде речиси потполно заборавено, и во научниот, но и во политичкиот дискурс. Неверојатните општествено-политички и цивилизациски дострели на Титова Југославија – првин самото социјалистичко општество со највисок степен на социјална еднаквост и правда, па економското чудо што се постигна со иновативното работничко самоуправување, заедно со реално остварените слободи, братството и единството што цутеа на целата територија на некогашните „нецивилизирани и крволочни балкански племиња кои живеат во меѓусебна вечна расна омраза“, и на крајот се разбира, со супериорната меѓународна позиција како лидер на вонблоковското движење на неврзаните земји, ја претворија Југославија во цивилизациски врв што балканскиот крш го беше претворил во „реализирана утопија“. За оваа супериорна морална позиција бевме свесни и ние – обичните жители на Југославија – зашто сосем спонтано и неизнасилено, шетавме по светот како ослободители и бевме почитувани и добредојдени буквално на целата планета. За тој период Лордан Зафрановиќ, големиот хрватски режисер, изјави дека „Титова Југославија беше цивилизацискиот врв на сите тие несреќни народи (југословенски, м.з.) и сметам дека никогаш повеќе во својата историја нема да го досегнат тоа ниво, со тој углед, со таквата моќ, со тие социјални ситуации, во кои постоеше бесплатно школување, болници, летувалишта, и кога цутеа културата и уметноста…“
И, како што тоа обично бива, утопиите – особено кога се реализирани – траат кратко и исчезнуваат во недогледот на историјата, претворајќи се во мит, во својата потполна негација, или во она најлошото – во празното непостоење и ништожност како и да не биле… И, да, како и во приказните, со исчезнувањето на Југославија и на денес веќе незамисливото југословенско искуство, стереотипот на „балканското буре барут“, како и на „балканизацијата“ како процес на распаѓање и општ цивилизациски регрес, на голема врата се врати во политичката и медиумската употреба.
Народите и националните држави што го чинат Балканот, овој пат прават сè себеси да се исклучат од стереотипот, а тоа го прават на смешен начин поместувајќи ја границата на Балканот до апсурдност, како во вицот што го раскажува Жижек веќе три децении: „Словенците ќе ви кажат дека Балкан почнува од границата со Хрватска, Хрватите ќе тврдат дека се тие Средна Европа и католици, а дека Балканот почнува со Србија и со православните регии. Србите ќе ви кажат дека вистинскиот Балкан е во Сараево, Косово и некаде долу, но иронијата е што ако продолжите долу, на југоисток, Балкан наеднаш доаѓа некаде горе, северно и западно од Грција, зашто Грците се сметаат за центарот на Европа, сосема различен од планинскиот и дивиот Балкан, на север и на запад од нив“. Големиот забавувач и раскажувач на вицеви Жижек, ја доведува приказната до урнебес, ширејќи ја употребата на пејоративот на целиот европски континент: „Ако го прашате Австриецот каде е Балкан, тој ќе ви каже: па тоа е примитивна Словенија, Германецот ќе ви рече: тоа е Австрија, Французинот ќе рече дека Балканот почнува веќе од мрачна Германија, за на крајот Британецот да рече дека целата Европа е денес еден голем Балкан…“ На ова не му е потребен ни коментар, а ниту, пак, некаков заклучок, нели?
Паја Јовановиќ (1859-1957)
Извор за текстот: Слободен печат