Најголемиот авион на светот ќе транспортира ветерници од следната генерација

26.02.2025 14:20
Најголемиот авион на светот ќе транспортира ветерници од следната генерација

Зад изградбата на еден ветерен парк стои цела комплексна логистика за испорака на сите компоненти до локацијата. Денес ова најчесто се одвива со железнички превоз или со специјални камиони, што може да доведе до затворање патишта, преминување преку ниви и потреба од полициска придружба поради големите товарни возила.

Сепак, овој веќе сложен процес дополнително ќе се искомплицира со очекуваниот „подем“ на ветерниците: од сегашниот просек од околу 70 метри, лопатките на турбините во иднина би можеле да достигнат должина од над 100 метри.

Најефикасните ветерници се токму најголемите, бидејќи произведуваат најмногу енергија и ги намалуваат трошоците. Но, истовремено тие се и најтешки за испорака и поставување, а турбините од следната генерација ќе бидат уште потешки.

Во компанијата Radia ги согледале овие предизвици и пронашле потенцијално решение: дизајнирале најголем товарен авион на светот, наречен WindRunner.

Конструкцијата на ова џиновско летало, кое ќе може да транспортира лопатки со должина до 105 метри, и тоа речиси насекаде, е во тек.

Иако веќе се направени обемни тестирања во аеротунели, каде што се симулира движењето на воздухот, комерцијалните операции се очекуваат до крајот на 2027 година.

Авионот WindRunner е долг 108 метри, со распон на крилја од 80 метри. Во споредба со него, дури ни Боинг 747 – со должина од 76 метри – повеќе не изгледа толку импресивно.

WindRunner ќе го надмине најдолгиот досега произведен воздухоплов на светот, советскиот Antonov AN-225 Mriya од 1985 година (84 м), кој беше уништен за време на нападот на Русија врз Украина пред три години.

Неговиот товарен простор, со должина од 105 метри и ширина од 7,3 метри, може да собере огромни лопатки на турбини.

Но, WindRunner не е дизајниран само во контекст на капацитетот, туку и да овозможи лесен пристап до локациите на ветерните паркови. Авионот има специјален систем за товарање и истоварање, што го намалува времето поминато во ветерните паркови.

Товарниот авион ќе овозможи проектите за ветерна енергија да се развиваат и на оддалечени, непристапни места, бидејќи е опремен со напредни системи за полетување, слетување и навигација. Поради тоа, ова летало може да слета на полуподготвени писти со должина од само 1 800 метри, нешто што не може да го направи ниту еден комерцијален авион.

За споредба, вообичаените писти се долги меѓу 2 400 и речиси 4 000 метри.

WindRunner ќе може да достигне брзина до 740 км/ч, а сето тоа додека носи товар до 72 575 килограми. Покрај тоа, ќе може да помине растојание до 2 000 километри.

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото