1012 hPa
59 %

17 °C
Скопје - Пон, 21.04.2025 23:01
Нама Риба на 19-ти февруари во Харец пишува дека во Шарлотенбург во Берлин шетала по улицата на чиј тротоар се вградени златни камења на сопнување (Stolpersteine) во знак на сеќавање на убиените Евреи кои живееле таму. Правото на постоење на Израел, вели Риба, произлегува токму од нив. Во населбата Римал во Газа нема тротоари, туку само урнатини од болницата Шифа, станбени згради, училишта и хотели. Во Римал нема камења на сопнување кои би потсетувале на Палестинците убиени во оваа војна и борбата на нивниот народ за право на држава што ќе ги штити.
Но, Риба не ги гледа урнатините во Римал и Газа. Таа го гледа односот на Палестинците кон нивната ЛГБТК+ заедница. Во својот напис таа напаѓа и тројца колумнисти на Харец – Ханин Маџадла, Михаел Сфард и мене – зашто го доведуваме во прашање правото на постоење на Израел, чија егзистенција, според неа, ја гарантираат камењата на сопнување.
Никогаш не сум се сомневал во оправданоста на создавањето на државата Израел. Она во што се сомневам е правото на Израел да се однесува вака како што се однесува и да го прави тоа што го прави. Таквото однесување го доведува во прашање неговото право на постоење. Палестинците веќе сто години живеат под постојано малтретирање, одземање имот, убиства и уништување, и никакво убиство на нејзиниот прадедо, кој на пат кон синагогата во Хаифа бил убиен од Арапите, тоа не го оправдува.
Таа се прашува дали ние оправдуваме такви убиства. Моите родители, против своја волја, биле емигранти. Таа како девојче дошла во Израел со организацијата „Алијат Ноар“, а мојот татко со брод по шест долги месеци пловење. Ниту едно убиство не е оправдано, но начинот на кој ционистите ја преземале земјата што ја населувале други луѓе, од перспектива на Палестинците, го оправдува нивниот насилен отпор кон нешто што тие го доживуваат како инвазија на нивната територија.
За народот што живее тука со векови никакво божјо ветување ниту Шоа не се доволно силни аргументи за да се откажат од својата земја. Ако сега нè заплисне бран бегалци поради африканските воени конфликти, дали Израелците би се откажале од својата земја? Така тоа, сосема исправно, го гледаат Палестинците. Фактот дека Евреите со генерации ја мрмореа мантрата „Идната година во Ерусалим“ не е доволен за Палестинците да се откажат. Ционизмот не дојде за да биде на нивна страна, туку за да ги развласти. Од јудеизацијата на Галилеја, преку населувањето на териториите, па до воодушевувањето од идејата за трансфер на населението на Газа – сè сведочи за тоа дека ционизмот се одлучил за експропријација, а не за заеднички живот.
Риба и нејзините истомисленици од просветлениот, либерален блок сакаат „раздвојување“. Ние овде, тие таму – иако не е јасно каде точно. Од кои територии да се откажат? Кога Израел им понуди на Палестинците праведен дел еднаков на оној што ционизмот го презеде со сила? А тука е и придружниот расизам и потценувањето: нивната асимилација во демократска еврејска држава ќе ги врати Израелците наназад. Примитивниот Мухамед ќе го повлече надолу возвишениот Итамар Бен Гвир. Џунглата на Блискиот Исток ќе ја проголта нашата отмена вила.
Палестинци, не се однесувавте како што очекуваше Риба: „Палестинското население не направи многу за да се унапреди како нација.“ Тоа навистина не е убаво и затоа не заслужувате никаков подарок. Дотерајте се, па можеби ќе ви биде фрлена некоја коска, некое парче Бантустан меѓу еврејските населби Итамар и Јицхар. Разоружан Бантустан, секако, бидејќи само Евреите имаат право да се бранат.
Поради камењата на сопнување во Шарлотенбург, нам ни е дозволено сè, но буквално сè, вклучително и етничко чистење – кое Риба, се разбира, го става во наводници – и геноцид. На крајот на краиштата, сепак, прадедо ѝ го убиле Арапи.
Извор: https://www.haaretz.co.il/