Фортинбрасовата елегија

28.02.2025 13:56

На Ч. М.

Сега кога останавме сами принцу можеме да поразговараме како луѓе
иако лежиш на скалите и гледаш колку мртва мравка
тоа значи црно сонце со скршени зраци
Никогаш не можев да помислам без насмевка на твоите раце
и сега кога лежат на каменот како паднати гнезда
немоќни се како и порано Тоа е баш крај
Рацете лежат секоја посебно Сабјата башка Главата башка
и витешките стапала во меки папучи

Ќе имаш војнички погреб иако војник не беше
тоа е единствениот обред во кој барем малку се разбирам
Нема да има свеќи и пеење, ќе има фитили и татнеж
црното платно ќе се влече по калдрмата шлемови потковани чизми
артилериски коњи тапани тапани знам ништо убаво
тоа ќе биде мојот маневар пред да ја преземам власта
треба градот да се фати за гуша и малку да се протресе

Вака или онака мораше да загинеш Хамлет не беше за живот
веруваше во кристални поими а не во човечката глина
живееше во постојан грч како во сон ловеше химери
алчно гризеше воздух и веднаш повраќаше
ништо не умееше човечки дури ни да дишеш

Сега имаш мир Хамлет го направи своето
и имаш мир Другото не е молчење ама ми останува мене
ти го избра полесниот дел ефектниот замав
но што е херојската смрт наспроти вечното бдение
со студено јаболко во дланка на висока столица
со поглед кон мравјалникот и бројчаникот на часовникот

Збогум принцу ме чека проектот за канализација
и декретот за проститутки и просјаци
морам исто така да смислам подобар затворски систем
оти како што добро забележа Данска е затвор
си терам работа Ноќва ќе се роди
ѕвездата Хамлет Никогаш нема да се сретнеме
она што ќе остане по мене нема да биде предмет на трагедија

Не ни е дадено да се поздравиме и збогуваме на архипелази живееме
а оваа вода овие зборови што тие можат што можат принцу

Превод: П. В.

 

Слични содржини

нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото