1011 hPa
66 %

10 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:12
Пренесено од Дојче веле
Повеќе тони метали, катализатори, пакувања од хартија и картон, масти и масла, железо и челик, троска и метал завршиле во Северна Македонија од земјите на Европската унија, но и од регионот во текот на минатата година. Со постапката за увоз на неопасен материјал во 2024 година, во земјата пристигнале и повеќе тони пластика, катализатори, олово, стакло, алуминиум, бронза, месинг, маст и масло за јадење.
Најголемиот дел од металите се увезени од Бугарија, Косово, Србија и Швајцарија. Од Италија пристигнале 1.500 тони олово, а од Сараево 2.000 тони алуминиум. Македонска компанија од Кина увезла 5.000 тони бакар, бронза и месинг, а од Приштина во земјата влегле 1.000 тони масти и масла. Ова го покажуваат официјалната евиденција на Министерството за животна средина, во чии рамки функционира и посебен оддел за транзит, увоз и извор на неопасен отпад.
Дел од македонските фирми увезувале од земји -членки на ЕУ, но најголемиот дел од увозот сепак е поврзан со земји од соседството, коишто не се дел од Унијата, па според тоа не подлежат ниту на новите зајакнати регулативи, коишто ќе треба да стапат на сила во наредните две години. Со нив треба да се спречи илегален извоз на отпад од земјите членки на ЕУ во трети земји и да се осигура еколошко управување со увезениот отпад.
Повеќе се увезува отколку што се создава ѓубре
Македонија со години наназад увезува многу повеќе отпад отколку што произведува. Само во периодот од 2012 до 2014 година, според пресметките објавени пред неколку години, во земјата биле увезени над осум милиони и 200 илјади тони отпад. Податоците на Државниот завод за статистика, пак, посочуваат дека годишно во земјата се создава комунален отпад од 856.766 тони. Годишното количество создаден комунален отпад по жител во 2022 година изнесува 467 килограми или 1.28 килограм на ден. За споредба, во 2021 година, секое лице кое живее во ЕУ генерирало 36,1 килограм отпад од пластична амбалажа. Обемот на генериран отпад од пластична амбалажа по жител се зголемил за околу 29% помеѓу 2010 и 2021 година.
Во услови на енормна загаденост на воздухот во земјата, стравувањата од тоа што се согорува во индустриските капацитети и дали инспекторите навреме ги детектираат евентуалните прекршувања на законите, во јавноста бурни реакции предизвика информацијата дека Северна Македонија е меѓу 24 земји коишто од Европската комисија побарале да увезуваат отпад од ЕУ, и по стапувањето на новата регулатива, со која се воведуваат построги контроли и правила.
Колку се почитуваат законите?
Увозот, извозот и транзитот на отпад во Република Северна Македонија се врши согласно членовите 92,93,94,95,96,97 од Законот за управување со отпад, како и според Базелската конвенција за контрола на прекуграничното пренесување на опасен отпад и негово складирање.
Праксата за увоз на отпад во земјата не е ништо ново и се одвива со години наназад. Новина се новите регулативи на Европската унија за пратките на отпад од 20 мај 2024 година. Со нив почнувајќи од 21 мај 2027 година, ЕУ воведува построги правила за извоз на неопасен отпад. Имено, извозот на неопасен отпад, или познат како отпад од „зелена листа “, генерално ќе биде забранет во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Исклучок од ова правило би биле земјите, кои иако не се членки на ОЕЦД, имаат капацитети кои ги исполнуваат условите за заштита на животната средина за преработка на овој отпад.
„Целта на новата регулатива е да се зајакне спроведувањето на законодавството во насока на спречување на илегален извоз на отпад од земјите членки на ЕУ и во трети земји, а со цел да се осигура еколошки здраво управување со пратките на отпад во ЕУ и надвор од ЕУ“, објаснуваат за ДВ од Министерството за животна средина.
Сите земји кои сакаат да увезуваат неопасен отпад од ЕУ потребно е да ја известат Европската Комисија за нивната подготвеност и да ја потврдат нивната способност да го управуваат отпадот на еколошки здрав начин согласно правилата на ЕУ законодавството. Иако новата Регулатива стапи на сила на 20 мај 2024 година, повеќето одредби ќе се применуваат од 21 мај 2026 година, а повеќето правила за извоз ќе се применуваат од 21 мај 2027 година.
Согласно регулативата почнувајќи од 21 ноември 2026 година, ќе има целосна забрана за извоз на отпад од пластика до 21 мај 2029 година, вклучувајќи го и неопасниот отпад од пластика (B3011). B3011 е специфичен код за отпад според Базелската конвенција што класифицира одредени видови na отпадна пластика за рециклирање, велат од министерството.
Како што веќе објави ДВ, од земјите од регионот, коишто не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), заинтересирани за увоз на неопасен отпад од ЕУ се само Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.
Македонија бара да увезува осумнаесет типови на отпад, деклариран на листата на неопасен отпад од земји од Европската Унија. Станува збор за метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло. Целосната листа неодамна ја објави Министерството за животна средина, информирајќи дека таа ќе биде доставена до Европската комисија. Во следната фаза, Европската комисија е таа којашто ќе треба да одлучи дали земјата има капацитет да управува со овој отпад на еколошки здрав начин согласно правилата на ЕУ законодавството. Од тоа зависи дали земјата ќе се најде на листата на земји кои ќе можат да вршат увоз на отпад од ЕУ.
Каде се катализаторите и пластиката?
Но, Татјана Чакулев од О2 Иницијатива за ДВ вели дека листата на неопасен отпад која МЖСПП ја достави до Европската комисија за да продолжи да увезува за преработка во земјава, не ги вклучува потрошените катализатори и пластиката кои се увезуваат од Косово и Албанија.
„Според дозволите за увоз на неопасен отпад во 2024 година, металот е најзастапен со 1.502.750 тони, од кои на Макстил отпаѓа 1.378.000 тони. Увезуван е главно од Бугарија, Швајцарија, но и од Косово, Србија, Црна Гора, Грција, Босна и Херцеговина, Албанија, Италија, Кина. Увезено е пакување од хартија и картон 11.500 тони од Косово и Финска, потрошени катализатори 3.000 тони од Косово, масло и маст за јадење 2.000 тони од Косово, стакло 2.000 тони од Косово, пакување од пластика 1.500 тони од Косово и Албанија“, вели таа.
Чакулев предупредува дека во Македонија се увезува и опасен отпад од БиХ, Албанија и Косово. Станува збор за оловни акумулатори (шифра 16 06 01*) што се преработуваат за производство на батерии и акумулатори.
„Овој отпад не беше на листата што Министерството за животна средина ја достави до ЕК, зошто се увезува од земји кои не се членки на ЕУ. Проблемот со преработка на отпад е што кај нас не се почитуваат законите и еколошките стандарди на ЕУ. Имаме бројни непочитувања за што беше алармирано во минатото“, вели таа, посетувајќи на случајот со депонираната оловна згура во с. Орман, за што минатата година реагираше и Државниот инспекторат за животна средина. Стануваше збор за околу 500 до 600 тони згура од преработка на акумулаторски батерии, која место да се извезе е складирана на земјиште во селото Орман во општина Ѓорче Петров.
„Вакви примери се бројни кај нас и од тие причини преработка на опасен отпад кај нас не треба да е дозволена, а преработката на другиот вид на неопасен отпад треба да се утврди дали ги задоволува сите ЕУ стандарди со независна ревизија, по можност од ЕУ“, вели Чакулев.
Како ќе одговори ЕК?
Македонија го испратила барањето за да увезува отпад од ЕУ во законскиот рок до 21 февруари годинава. Врз основа на ова барање Европската комисија ќе одлучи дали Македонија ги исполнува условите за управување со отпад и во зависност од тоа ќе одлучи дали земјата ќе може да го увезува побараниот отпад од ЕУ.
„Еден од условите е дали капацитетите кои го примаат нивниот отпад имаат независна ревизија. Дали кај нас навистина има независна ревизија на ваквите капацитети е посебно прашање“, посочуваат еко-активистите.
Тие со години наназад апелираат за воведување построги контроли и лабораториски анализи при увозот, поради опасноста во земјата да заврши и опасен отпад. Тие бараа засилена контрола на отпадот на граничните премини и на царина, но и да не се дозволува увоз на отпад што може да се користи како извор на енергија.
„Тешките метали што индустријата, нафтата и мазутот ги испуштаат, се канцерогени. Има разлика дали повеќе тешки метали ќе се вдишат и дали ќе се вдишат многу канцерогените диоксини и фурани кои се ослободуваат од горење на отпад“, предупредува Чакулев.
Фотографии: Stéphan Gladieu - Homo Détritus (2022)