Американски образец

01.03.2025 21:33
Американски образец

Глобалното усогласување околу војната во Украина продолжи во петокот – со ненадејно прекинување на разговорите. Се разбира, станува збор за состанокот на Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Вашингтон, каде веројатно требаше прецизно да се утврдат размерите на идната американска експлоатација на украинските минерални богатства во замена за одредени „безбедносни гаранции“ со кои Украина би можела да смета на прекин на ужасните руски напади и каков-таков мир.

Сепак, она што го забележаа камерите на средбата триумфално ги надминува сите досега снимени меѓународно-политички гадости. Американскиот домаќин изврши демонстративно јавно вербално изживување врз украинскиот „партнер“, како шокантен пример за сите што не беа сигурни како се работи во центарот на светската моќ. Вакви ситуации, слични на оваа во Вашингтон, постојано се случуваат низ историјата, па и во оваа современата, но сега станува збор за чин на политичко насилништво и изнудување ултимативна вазална потчинетост, намерно емитувана во медиумите.

Затоа барем да го искористиме ова повлекување на тепихот под нозете на западната публика, со непријатноста на сведочењето на посуровата страна на реалдипломатијата, од која досега бевме поштедени. Наместо импресионираноста од божемниот дисконтинуитет на американската политика и понатамошната препуштеност на афектот околу Украина, кој во Европа предолго функционираше само како одраз на комоција, да обрнеме внимание на клучниот континуитет во истиот контекст.

За почеток, да не го занемаруваме фактот дека Америка три децении активно ја туркаше Украина во разни форми на заострување на односите со Русија, решително истакнувајќи го помалиот натпреварувач како своја тактичка предстража на европскиот исток.

За тоа пред десетина дена во Европскиот парламент зборуваше американскиот економист Џефри Сакс, одамна познат по потенцирањето на оваа непопуларна тема. Додуша, повторно ја прескокна сопствената улога како долгогодишен водечки економско-политички советник на повеќе постсоцијалистички држави во Европа, кои ослабеа со негова помош – преку ненадејно изложување на отворениот пазар пред каква било подготовка за такви промени. Зашто, токму така се работи, како што им одговара на светските жаришта на капиталот, пред да се посегне по воено продолжување на истата политика.

Сепак, тој веродостојно потсетува на евидентниот образец кој постојано се повторува во американската надворешнополитичка практика и ја илустрира нејзината концепција. Во тој поглед, ќе послужи прочуената формулација на Хенри Кисинџер, несомнено најозлогласениот американски државен секретар и советник за национална безбедност, кој го цитира Сакс: „Да се биде непријател на Соединетите Држави е опасно, но да се биде пријател е погубно.“ Некому ова може да му изгледа карикатурално, но не е на одмет, малку пошироко од забелешките на Сакс, да се потсетиме како една од најдобрите американски сојузнички, Велика Британија, беше третирана пред влегувањето на Америка во Втората светска војна. Френклин Д. Рузвелт тогаш цели две години го уценуваше Винстон Черчил, условувајќи ја американската воена помош со британско напуштање на колониите. Нема потреба посебно да се објаснува дека таа цел не беше одредена од никакви „хуманистички принципи“, туку од американското преземање на новите пазари што следеа по војната.

Во таа смисла станува појасно дека стратегискиот пресврт на Трамп во американската политика кон Украина и Русија не е само обично самоволие во функција на деловниот интерес на новата вашингтонска таканаречена администрација. За жал, станува збор за доследно продолжување на американската перманентна експлоатација на сопствените соработници, особено на оние кои полесно ќе се доведат во позиција на зависност од долго предизвикуваните кризи во однос на посилните соседи.

Во таа состојба денес сè повеќе се наоѓа и посилниот дел од Европа, кој сè уште се валка во моралистички слуз и милитаристичко самозастрашување со заканата од Русија, која, како што досега се покажа, не може лесно да освои ни еден Покровск, а камоли да продолжи со својот продор понатаму по континентот. Токму тоа е целта на морничавото вашингтонско малтретирање на Украина, чија цена за голото преживување ја одредува Трамп со очигледно намерно форсирано претерување.

Невозможно е да се избегне згрозувањето од таквото постапување, но не смее повторно да се превиди сè што претходеше од таа страна. Затоа, финалното јавно дисциплинирање на вазалот не се однесува ниту единствено ниту првенствено на непосредните украински жртви, туку на сите оние кои влегоа во истиот круг додека сè уште можеше да се размислува за подобри можности за зачувување на мирот.

Карикатури: Gezienus

Извор: https://www.portalnovosti.com/