Тријада за суштината и енергиите на уметноста

03.03.2025 01:49
Тријада за суштината и енергиите на уметноста

На 17 февруари, во 19 часот, во МКЦ, Скопје се отвори првата заедничка изложба на уметничката група „Три“ под наслов „Зошто не сега…?“ сочинета од м-р Страхил М. Петровски, д-р Лазе Трипков и м-р Ангел Коруновски, трио на веќе етаблирани македонски визуелни и мултимедијални уметници. Според самите уметници иницијатива за заедничко дејствување на македонската ликовна сцена е уметничка „покана за интроспекција, акција и восприемање на сегашноста“. Тројца уметници со троен повик за проникнување што подлабоко во себеси, за дејствено испливување од океанот на своето битие во светот и за созерцателно соочување со секој „сегашен“ миг.

„Зошто не сега…?“ е филозофско-визуелен трактат, активистички манифест и „троичност“ во изразот, а „троединство“ во визијата со кој овие уметници одговараат на реторичкото прашање на насловот на изложбата. Нивниот одговор е дека „нема подобар миг од сега“. Минатото не ни е на дофат, а иднината ни е неизвесна. Единствениот начин минатото и иднината да се „спојат“ е дејството во дадената сегашност. Ова важи за секоја човечка сфера, но особено е точно во уметноста. Создателниот уметнички акт може да се случи само во тековната сегашност каде што сублимираното „минато“ станува постојана сегашност во секој иден миг.

За да го доловат сублимираното минато во „вечно сега“, тројцата уметници го избрале за водечки концепт монохроматскиот израз со контрастот и нагласокот на геометриските форми на сенките и на длабинската перспектива. Важен елемент во творештвото за овој заеднички опус е и она што го нема, очевидното „отсуство“ како рефлексија на „присутното“ во даденото уметничко дело.

Троичната уметничка соработка дава „разликовна“ херменевтика на монохроматското претставено преку специфичниот стил на секој уметник видлив во различните емоции, текстури, тонови, форми и движења на поединечните дела. Истовремено оваа соработка е и троедина особено забележлива на заедничките дела на кои се гледаат издвоените стилови на секој од тројцата автори кои успеваат да ги создадат сите тие различни емоции, текстури, тонови, форми и движења и да ги вклопат во уметност која зборува со еден глас. Симболичното содејствително „три“ во триото потсетува на еден од најважните теолошки есеи напишан од Григориј Ниски кој, објаснувајќи како Бог може да биде три лица во едно битие, го користи примерот на човечката природа за која во сето нејзино множество на поединечни личности со специфични карактеристики, кога се зборува за човечката суштина, секогаш може да се зборува во „збирна еднина“. Така тројцата уметници претставуваат три различни аспекти на еден монохроматски феномен.

Во својот осврт кон „Зошто не сега…?“ зборувајќи за бројката три, проф. Владимир Мартиновски ќе напише, „Речиси нема приказна во која не го среќаваме овој „совршен број“: од .... Светото Тројство ... па се до ... ликовни трилогии, триптиси, тријади ...“ За нас во овој текст особено интересен е зборот „тријада“, заснован врз „совршениот број“ три, кој патем е единствен според тоа што е збир на непосредно претходните броја еден и два. Во четиринаесеттиот век при залезот на Константинопол како последна утврда на Источното Римско Царство, насреде граѓанска војна ќе се развие последната оригинална теолошка дебата во која ќе предничат Тријадите на Григориј Палама. Главната теза на Палама во Тријадите го одразува неговото богословско размислување. Тој ги организира своите текстови во три серии, од кои секоја содржи по три трактати. Ова ја следи традицијата на троичната симболика што е длабоко вкоренета во христијанската теологија. Таа симболика може да се поврзе со: Светата Троица (Отец, Син и Свет Дух), со тројната поделба на духовниот живот (исчистување, просветлување, обожување) и со дидактичкиот пристап во античката и средновековната философија, каде што тројната поделба често се користела за систематизација. Настаната во екот на таканаречените „исихастички“ контроверзии, теологијата на Палама воспоставува догматско разликување меѓу Божјата суштина (οὐσία) и божествените енергиите (ἐνέργειαι). Според ова учење Божјата суштина е недостапна, додека божествените несоздадени енергии го вклучуваат човештвото во Божјиот живот. На еден релевантен, но не и исцрпен начин, слично може да се зборува за уметноста. Нејзината суштина е недоловлива. Со секој обид кој навидум нѐ носи на чекор до разоткривањето на мистичноста на уметноста откриваме дека тоа било фатаморгана која повторно станува недостапна на далечниот хоризонт.

Ако уметничката суштина постојано бега, тука се уметничките енергии на мистичен начин да нѐ поврзат со неа. Токму ова го постигнува „тријадата“ Петровски-Трипков-Коруновски. Преку сопствените уметнички енергии тие ни го доловуваат „соживотот“ со за нас никогаш недоловливата уметничка суштина. Сето тоа е ставено во рамка на определен број индивидуални и заеднички дела.

Петровски својот придонес кон „Зошто не сега…?“ го прави со голема просторна инсталација со дваесетина дела (слики и објекти, 2016-2025). Фокусот на сликите е врз „сенките во урбаните простори“. Изведбените техники се на платно, филц, дрво, хартија, бетон и други материјали. Инсталацијата има „црна“ и „бела“ колекција триаголно поставена на два ѕида кои се спојуваат под агол. Така сопоставени контрастните црно/бели „енергии“ на Петровски ја „истражува ефемерната убавина на светлосните промени и нивниот ментален ефект.“ Широките потези на Петровски со четката успеваат да „изненадат“ на „најуметнички“ можен начин. Да го воведат умот на набљудувачот во „когнитивна замка“ така што белата колекција го „шокира“ умот нагласувајќи ги „несовршеностите“ на постоењето, на рапавоста на навидум мазната површина, на црните мали „пукнатини“ кои доминираат врз белината распослана низ целото платно. На ист начин црната колекција успева да го „измами“ умот кој добивајќи ја пораката од очите дека гледа во црно се подготвува за искуствено „помрачување“ е „зашеметен“ од блесокот рефлектиран во асфалтот нанесен врз платното. Ова се дела кои потсетуваат на „црната фаза“ на Гоја, но без фигурите на нив. Во отсуство на каков било фигуративен контекст, Петровски не слика како „Сатурн го голта својот син“, туку во контрастите го прикажува парадоксот на постоењето. Ова е особено изразено на единственото платно во „црната колекција“ на кое има портрет. Врз заднината на „црнилото“ се формира лице со широко отворени очи, со блага насмевка и кое не се плаши од темнината. Наспроти сите саѓи напластени врз образите и залепени околу краевите на очите, монохроматскиот портрет на Петровски укажува дека сечиј живот е наменет за да „блеска“ насреде темнината. Овој блесок на „очите на умот“ им ги осветлува темните катчиња на перцепцијата. Така умот не може а да не ги „види“ оние инаку невидливи, но важни нешта за нашето битисување.

Покрај платната, Петровски има и импровизирани „објекти“ во вид на бетонски коцки и на скала. Поставени на двата краја од инсталацијата тие се противтежа еден на друг. Специфичната тежина на бетонот „влече“ надолу, додека скалилата се извишуваат нагоре. Сеедно, во умот на уметникот „нагоре“ и „надолу“ се релативни термини, слично како кога Земјата се гледа од перспектива на галаксијата и на вселената, а не од перспектива на планетарниот поредок во сончевиот систем. И од овој уметнички „потег“ на Петровски може да се исчита во однос на суштината на уметноста дека ништо не може да се постави во апсолутна положба, но тоа може да се направи во однос на енергиите на уметноста.

Наспроти органските интуитивни изрази на Петровски, како и на сатурираните текстурални платна на Коруновски за кого ќе зборуваме подолу, композициите со „строга“ геометрија на Лазе Трипков се заземање храбар став и класично повикување на „златниот пресек“ – на стандардот без кој креативниот израз на каква било уметност и на кој било уметник нема да има свој „ориентир“. Трипков со стриктна прецизност ги пренесува уметничките енергии кои ја изразуваат недоловливата суштина на редот и на симетријата што го прави креативен уметник со математички ум. Водејќи се од прецизно формулирани равенки со бројни симболи кои ги претставуваат невидливите математички закони, Трипков создал геометриски илустрации на јасно исцртани линии, дефинирани дистанци, складни форми и симетрични структури. Сета оваа „природно-математичка“ егзактност не е цел сама за себе. Таа е „стандардот“ кој потоа Трипков интуитивно го толкува во ритамот на пулсирачка енергија. Ако симетричноста кај Трипков е рамномерното ширење и течење на време-просторот, тогаш интуицијата на Трипков е впишувањето на вселенското „петолиние“ ноти во ритамот на џезот. „Златниот пресек“ не е основа за прозаична уметничка репетитивност, туку платформа врз која уметникот ги излева сите свои енергии. Трипков е стриктен, дури и ригиден. Но, целта на оваа ригидност е да биде темел за слободното изразување на авторот. Така рамката, формата, формулата и аксиомот на геометријата не само што не го ограничуваат, туку му даваат слобода спонтано да ја изрази сета своја креативност. Гледајќи ги делата на Трипков во овој опус соочени сме со напнатоста меѓу вградениот поредок на вселената и на сѐ во неа наспроти исконскиот порив и стремеж врз тој ред да се создаде нешто ново така пресоздавајќи се себеси. И кај него, како и кај Петровски и Корунивски „учествуваме“ во неспознајната суштина на уметноста преку спознајните енергии на уметникот.

Уметничкиот јазик на Петровски е нанесен со широка четка, оној на Трипков со стриктна геометрија, додека минималистичкиот стил во црните монохроматски слика на Ангел Коруновски зборува „меѓу редови“. Минимализмот е во улога на медиум со кој помалку се кажува што е можно повеќе. Коруновски ја гледа „празнината“ како кинескиот знак за опасност или за криза кој се состои од терминот „ризик“ и од терминот „можност“. „Отсуството“ во сликите на Коруновски ја нагласува можноста. „Празнината“ е вселенска црна дупка преку која се стигнува во уште подлабоки димензии на постоењето. Минималистичките „букви и слогови“ на четката се кондензиран говор на уметникот. Секој потег е со богата текстура и со бројни тонски градации. Детски „наивната“ линија води низ лавиринтот на битисувањето како „нишката на Аријадне“ и секого од нас кој ја следи го прави херој во победата над нашиот личен „Минотаур“. Нанесени пред сѐ врз чисто бела и црна боја, како и неколку други нијанси авторската линија на Коруновски повикува на длабокоумно истражување на самите себеси. Како да го следи советот на Дедал даден на Тезеј преку Аријадне, Коруновски го советува набљудувачот, низ лавиринтот на неговите дела, да „оди напред и секогаш надолу“ во длабочина. Следењето на овој совет не го иззема набљудувачот од херменевтската битка со Минотаурот. Нема место за летаргија, како што во својата самостојна изложба „Летаргија“ порачува Коруновски. Корумпираните општествени системи се создадени за да го исцрпат секој зрак радост, надеж, а со тоа и на секој отпор од поединецот. Но, светот е прекрасен дар за секое живо човечко суштество. „Нишката“ на Коруновски хармонично се вклопува во тријадата на „Три“ која преку медитативноста на духот и на умот охрабрува да се излезе од духовна хибернација. На дводимензионалноста на овој потфат Коруновски ја надодава тродимензионалноста на скулптурите како дел од изложбата. Тие се алатка која на визуелизацијата ѝ додаваат „тактилност“ за да се „зграпчи мигот“.

Покрај индивидуалните дела уметничката тријада „Три“ има и неколку заеднички дела. На нив секој од уметниците си останува свој според уметничката личносност, а се поистоветува според уметничката сушнсот. Индустриската хартија која им е медиум за заедничките дела ги носи препознатливите белези на секој од тројцата автори и истовремено ги дефинира како „троедин“ автор на едно единствено дело. Свитокот е размотан и на него може да се прочита ракописот на секој од тројцата сликари. Но, кога читателот го чита насликаното како целина јасно му е дека секој ракопис претставува едно и исто писмо.
„Зошто не сега…?“ е тријада која интуитивно ослушнува и набљудува трагајќи по „видливи“ енергии на невидливата суштина на уметноста. Резултатот е повторно тријада на исихастичко духовно искачување или возвишување кон и преку уметноста. „Зошто не сега…?“ е апологија на уметноста да се дејствува тука и сега, онтологија на уметноста да се објави нејзината суштината преку нејзините енергии и мистика на уметноста дејствително да се изрази низ генијот на поединецот обединет во колективната човечка природа.

Со „Зошто не сега…?“ уметничката тријада „Три“ сведочи за „вечната сегашност на уметноста“ така што на сегашната и на секоја идна генерација ѝ порачува дека „сега е времето“ секогаш е „сега“ зашто сегашноста постои само во „фаќањето“ на тој миг кој постојано се претвора во минато и постојано бега во иднината.