1010 hPa
49 %

20 °C
Скопје - Пон, 21.04.2025 19:59
Западот се подготвува за војна. Германската влада развива апликација што им помага на луѓето да го најдат најблиското засолниште. Во Шведска е објавена брошура од 32 страници со наслов Ако настапи криза или војна, додека во Финска сличен водич е преземен од интернет безброј пати. Угледни медиуми објавуваат симулации на воени сценарија во кои Русија, со поддршка на Кина, ги напаѓа арктичките острови на Норвешка.
Во Европската Унија водечките функционери тврдат дека клучот за надминување на хронично ниското ниво на инвестиции во Европа е токму воената индустрија. Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп лежерно ја разгледува можноста за преземање на Гренланд и Панамскиот канал. Облаците се згуснуваат и над Тајван, Филипините и Јужното Кинеско Море.
Трамп и неговите политички противници не се согласуваат речиси за ништо – освен за едно: дека Америка е заробена во она што професорот од Харвард, Греам Алисoн, го нарекува Тукидидова замка – судбината на хегемонот кој се соочува со надоаѓачката сила, Кина. Истовремено, Западот ризикува да падне во Едиповата замка: несвесно да ја влоши кризата обидувајќи се да ја спречи – исто како што Едип го убил татка си Лај, бидејќи Лај се обидел да го спречи исполнувањето на пророштвото дека неговиот син ќе го убие. Секоја од овие замки би можела да доведе до катастрофална војна.
Во меѓувреме, сè повеќе сме под влијание на капиталот во облак – нов облик на капитал што се состои од мрежно поврзани машини кои функционираат според специјални алгоритми. Овие алгоритми се обучени толку добро да нè запознаат што влијаат на она што го посакуваме, за потоа тоа да ни го продадат надвор од традиционалните пазарни рамки. За разлика од класичните средства за производство – дизел моторите и индустриските роботи, капиталот во облак поседува исклучителна моќ да го обликува нашето однесување, давајќи им невидена контрола на неговите сопственици – нашите техно-феудални господари. Така дополнително се продлабочуваат Тукидидовата и Едиповата замка на четири клучни начини.
Прво, капиталот во облак – особено кога е надополнет со вештачка интелигенција – го намалува прагот за употреба на оружје за масовно, иако прецизно насочено, уништување. Многу е поевтино да се испрати јато микро-дронови, опремени со систем на вештачка интелигенција за препознавање лица, во урбани области за автономно елиминирање однапред одредени цели, отколку да се користат тешки бомбардери. Исто така, на државните лидери им е полесно морално да ги оправдаат таквите наредби. Поради ова, пазарната вредност на компанијата заснована на капитал во облак, како Palantir, ја надмина вредноста на стариот индустриски гигант Lockheed Martin.
Второ, за да генерира што поголем приход, капиталот во облак што ги покренува нашите социјални мрежи е оптимизиран да го зголеми корисничкиот ангажман – цел што најлесно се постигнува со предизвикување бес и меѓусебни конфликти. Овој бизнис-модел го труе јавниот дискурс и ги поткопува демократските институции што некогаш имаа моќ да ги зауздаат нашите поагресивни политичари и генерали.
Трето, капиталот во облак ја ослабна Европа до таа мера што таа ја загуби својата улога на посредник што ја имаше за време на Студената војна, бидејќи поголемиот дел од капиталот во облак е концентриран во САД и Кина. Бидејќи високата концентрација на овој вид капитал стана клучен предуслов за економска и политичка моќ, Европа се лизна на релативна маргина.
Четврто, во Кина, капиталот во облак создаде вистински конкурент на речиси монополската позиција на САД во глобалниот платежен систем, кој досега ѝ овозможуваше на Америка да санкционира која било земја или поединец по свој избор. Ова е далеку поважно од внатрешните поделби во Америка што ги предизвика развојот на компанијата DeepSeek – кинеска компанија за вештачка интелигенција чиј најнов производ доведе до загуби од милијарда долари на американските берзи.
Главниот предизвик со кој се соочува Кина произлегува од длабоката асиметрија во однос на САД, која нема врска со технологијата: Волстрит ја гледа Силиконската долина како потенцијален узурпатор на своите финансиски приходи и во таа борба може да смета на поддршката на Федералните резерви. Наспроти тоа, кинескиот финансиски сектор, централната банка и најголемите технолошки компании работат во целосна синергија, создавајќи бесплатен, приватно-јавен дигитален систем на плаќање на кој не може да му конкурира Западот.
Иако во моментов изгледа како широк, празен автопат по кој ретко кој надвор од Кина се движи, кинескиот платежен систем претставува сериозна долгорочна закана за глобалната доминација на доларскиот систем, што кинеската влада и нејзините сојузници ги прави имуни на американските санкции. Во бесконечен циклус на негативна повратна спрега, оваа новостекната кинеска самодоверба дополнително ја поттикнува американската агресивна политика кон Кина.
Во последно време во воздухот повеќе се чувствува војната отколку мирот. Тоа не е само одраз на добро познатите стратешки замки, туку и на брзиот подем на капиталот во облак, кој го насочува светот токму кон нив.
Карикатури: Anne Derenne
Извор: https://www.project-syndicate.org/