1011 hPa
66 %

10 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 08:56
Има зачудувачки многу луѓе коишто – без оглед на интелигенцијата, образованието и искуството – уште упорно веруваат дека Империјата е вистинскиот чувар и факелоносец на доблеста, демократијата и човечките права.
Оваа проширена заблуда што умее инаку врвно паметни луѓе маѓепснички да ги претвора во обични будалетинки, и што на волшебен начин ја исполнува сопствената лага за еднаквоста и демократијата изедначувајќи ги најпаметните со најглупавите, денес е извориште на голема возбуда и неспокој кај заблудените верници. Заедницата на измамени поклоници на пропагандната фикција за постоењето на „либералната демократија“ и нејзините доблести, а особено за нејзиното вгнездување токму во седиштето на Империјата, гледаат во паника и констернација како новоизбраниот цезар и неговиот технички прокуратор го демонтираат нивниот „демократски рај“.
Очајните бранители на империјалните „вредности и доблести“ врескаат небаре тие стварно постоеле и се одгледувале во Империјата целото време пред вториот мандат на Трамп. Но нивното исчезнување се случило мноогу порано, во времето кога со Империјата владеаја нејзините демократски икони, судбина што конечно им се случила и на сите претходни империи.
Така што, вистината за „цивилизациските и демократските вредности“ на денешнава Империја е всушност позната од искона, од првиот Рим, кој е воедно и првиот западен империјален урнек врз чиишто темели, инфраструктура и надградба ќе се градат сите западни глобални империи, до денешнава. Можеби најубавиот и најконцизниот опис на својствата на Империјата, особено на лажната претстава за нејзините „вредности“ и за огромната зла моќ со која го изопачува значењето на зборовите кога ги рационализира своите злостори, е запишан од перото на Тацит, во неговата книга за Агрикола, римскиот гувернер на Британија, кој некаде во 83-та година од нашата ера имал задача да ги потчини најсеверните делови од островот, областа Каледонија во денешна Шкотска.
Вокалната брачеда на Македонија
Каледонија е, инаку, вокална брачеда на нашата родна Македонија, зашто во она исчезнато (и веројатно никогаш постоечко) време во седумдесеттите од минатиот век, кога се шетав по Европа како ослободител ѕвецкајќи со имагинарните мамузи, секогаш кога ќе им кажев на тамошните дека сум од Македонија, тие ќе набраа чело повторувајќи погрешно „од Каледонија?“ Се разбира, проблемот беше што првпат во животот беа чуле за нашето славно име, па кога ќе им додадев со аподиктичен тон – Југославија, Тито – сите со препознавање и одобрување климаа со главите. Но, да му се вратиме на Тацит и неговиот запис од одлучувачката битка меѓу Римјаните и конфедерацијата каледониски племиња, која се одиграла на место кое денес никој не знае каде е, а според големиот историчар се викало Монс Гропиус.
Елем, описот на Империјата Тацит му го припишал на Калгакус, водачот на конфедерацијата планински племиња што не сакале да им се потчинат на Римските кохорти, кој ова наводно го има искажано во вдахновениот говор пред своите воини, мигови пред одлучувачката битка. Научниците се убедени дека Тацит е вистинскиот автор и на говорот, зашто немало како да го чуе од Калгакус, или да му биде пренесен во автентична верзија од бојното поле кое по одржаниот говор за неколку саати се претворило во кланица во која биле искасапени безмалку 10.000 каледониски војници.
Како и да е, завршницата од говорот вреди да се прочита и препрочитува: „Вие (воини мои, м.з.) не сте го вкусиле ропството. Веќе нема слободна земја зад нас, а ниту морето не ни е безбедно засолниште кога ни се заканува римската флота… Ние сме последните луѓе на земјата, и последните слободни: досега само оддалеченоста и затскриеноста на нашата земја (за која мислеа дека постои само како непроверена гласина) нè вардеше од освојувачите. (…) Но денес нема веќе луѓе зад нас – сал плими, бранови и карпи, а пред нас се Римјаните, посмртоносни и од сите нив. Потполно се бескорисни обидите со потчинување или со добро поведение да се одбраниме од нивната ароганција. Тие веќе го ограбија целиот свет: (…) Ако нивните непријатели се богати, тие се алчни; доколку се пак сиромашни, тие се славољубиви. Ниту истокот ниту западот не можат да ја заситат нивната глад. Тие се единствените луѓе на светот што се подеднакво стрвни и по богатото и по бедното. Тие ограбуваат, пљачкосуваат, касапат, грабнуваат, силуваат, и сето тоа го нарекуваат ’империја’. Тие создаваат пустелија и ја нарекуваат ’мир’.“
Зборовите на Калгакус во потполност ја отсликуваат суштината и на Римската империја и на сите големи империи до денешнава единствена глобална Империја. Уништувањето на непокорните каледониски племиња од страна на римските кохорти се случувало во средината на периодот на времето кое историчарите милуваат да го нарекуваат „Pax Romana“ односно „римски мир“. Во тие приближно 200 години од „римскиот мир“ (од власта на Август на почетокот на нашата ера, до крајот на владеењето на Марко Аурелие пред завршетокот на вториот век) се воделе стотици војни и оружани конфликти, се пустошеле илјадници села и градови, се уништувале цели општества, но сето тоа се случувало на римскиот „лимес“, отаде далечната граница на империјата. За тоа време центарот на империјата, градот Рим, но и многуте регионални урбани центри на Империјата, културно и цивилизациски цутат до невидени размери.
Дробењето стана вредност
Многу политичари, политички коментатори, автори и геополитички аналитичари последниве 35 години, откога со светот доминира единствената американска Империја, периодов го нарекуваат „Pax Americana“. И објаснуваат здушно како глобалната доминација на САД ја гарантираше безбедноста и планетарниот мир, Пакс американа, што го овозможи и процесот на глобализација како невиден економски просперитет на човештвото. Се разбира, исто како и во случајот со Пакс романа, во величањето на периодот на Пакс американа не се земаат предвид судбините на многубројните нецивилизирани варвари – каледонските, македонските, краишничките, украинските и многуте други племиња, околу далечниот лимес на Империјата, што мораа да бидат скротени и потчинети. Што мораа да ја прифатат римската цивилизација како историски дар што нивниот пораз ќе го претвори во доблест, а нивното дробење во вредност.
Како што пишува Хеџис, денес Америка е потполно развиена клептократија, во која е извршено темелно разбивање на социјалните и политичките структури, процес кој отпочнал долго пред појавата на Трамп, а деновиве го доживува својот климакс. Овој процес го обезбеди огромното збогатување на неколкумина и масовното сиромашење на сите останати, така што не е само богатството на народот ограбено, туку веќе и неговата слобода. Хеџис наведува дека Империјата веќе со децении била однатре владеана од мафијашкиот капитализам кој ги контролирал и двете политички партии (републиканците и демократите, м.з.), процес кој пак неминовно води кон мафијашката држава каква што САД стануваат под власта на Трамп и неговие олигарси. „Во завршните фази од пропаста на сите империи, владеачите, фокусирани исклучиво на личното богатење, удобно сместени во нивните верзии на Версај или на Забранетиот град, ги цедат и последните капки профит од потлаченото и осиромашено население и од уништената природа“.
Армијата разочарани денес како да не е во состојба да сфати дека сите системски предуслови за тоталитаризација на Империјата се одамна остварени, а дека новиот цезар е само последична појава во развојот на Империјата, во време кога таа го одминува зенитот на својата историска моќ и во ужас и неверување погледнува кон својата удолна иднина.
Карикатури: Marian Kamensky
Извор за текстот: Слободен печат