Тотален хит

07.03.2025 10:36
Тотален хит

 

ТОТАЛЕН ХИТ

Градам ѕид од антидепресиви

голем колку Шара ‒ за никој да не ме замара.

Градам ѕид, тотален хит, заштитник од човечкиот вид.

Независно од пол и раса, од висока ил ниска класа,

од тоа кој за кого гласал ‒ голем ѕид, за сите непробоен!

Антидепресивен ѕид ме чува од ѓубрето што светот го фрла.

Ѕидот е штит во таа борба кога се враќам со празна торба,

кога сметките доаѓаат од пошта ‒ ах колку многу сè кошта!

А тоа што може да биде џабе, политички лопов ни го краде.

Градам ѕид, тотален хит, последен крик на мода

во ова време без воздух, кога во очите немаме вода.


 

МОЌНИК

Таа ме возбудува, таа ме полудува,

и кога е ден и кога е ноќ јас посакувам моќ!

Сè ќе дадам, сè ќе искрадам, сè ќе продадам,

и кога е ден и кога е ноќ ах колку сакам моќ!

Немам образ и срам, парите никогаш не ми се таман,

уживам да навредувам, недолжни да повредувам,

само на тој начин овде можам да напредувам.

Другите нека страдаат штом не можат да ме совладаат!

За мене само богатиот вреди, за другите камшик следи!

Лице да ми светка додека ми се множат пари на сметка.

И кога е ден и кога е ноќ најмногу од сè сакам моќ.

 

БУЛИ

Се перчиш дека си главен во период страотен,

твојата вулгарност е глупава авторитарност,

училиштетото го претвори во мачилиште!

На немоќните си им непријател број еден,

твојот простаклук е толку очигледен!

Мислиш дека си популарен, а само си банален!

Навредуваш, понижуваш, искреност имитираш,

себе не се филтрираш, зло емитираш!

Слабите ги множиш со нули, на моќните им ветуваш кули,

дејствувањата ти се трули оти си само еден обичен Були!


 

ЕДЕН СТАРЕЦ

Ти старецу, инаетлив магарецу!

Доста го стискаш џебот, и тебе ќе ти дојде редот,

ќе дојде час кога ќе бараш спас:

џебовите ќе ти се отворат, но тоа нема да биде потпора,

парите ветрот ќе ги разнесе, а тебе смртта ќе те растресе,

ах старецу, инаетлив магарецу!

Ти што го стискаш џебот, што не сакаш да го споделиш лебот,

не умееш да даваш и љубиш, цел живот да грабаш се трудиш.

На крајот сè што си натрупал, друг ќе го затрупа,

во судниот час ќе се чудиш: сè што имаш ‒ ќе изгубиш!

 

ЅВЕЗДАТА СЈАЕ, НИЕ ПАЃАМЕ

Просветли нè, ѕвездо, на небото темно,

што сјаеш и приказни ткаеш:

освести нè, оти нашите пакости ги знаеш.

Ветрот неправди ни носи, голи сме и боси,

удавена во инфлација е нашата нација,

за лудила и нервози постојана инспирација,

кичми паѓаат, стадото блее, злобата тлее,

лудиот на брашно се смее!

Замисли желба, ѕвездо, оти одиме надоле,

народов полуде, народов се разболе.



 

Слики: Angela Dalinger 

За сликарката

Sandra Angela Wichmann работи под името Ангела Далингер (Angela Dalinger). Родена е 1984 година во Германија. Студирала илустрација на Универзитетот за применета уметност во Хамбург од 2008 до 2012 година.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото