1010 hPa
45 %

18 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:59
Движејќи се по патот на уметноста, Решат Амети се најде пред прагот на еден значаен јубилеј – 35 години творештво. Јубилејот ќе го одбележи со изложбата „Мојот пат во уметноста“, која на 11 март, во 20 часот, ќе биде отворена во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Изложбата ќе трае до 22 март.
Одбележувањето на јубилејот Амети го почна на 30 декември 2024 година со репрезентативна изложба во Дипломатскиот клуб на Министерството за надворешни работи на СР Германија во Берлин. На 27 февруари оваа година Решат Амети ја отвори својата втора изложба во рамки на овој јубилеј во галеријата „Урсулаштрос“ во Грац, Австрија.
Изложбата во МКЦ е трета по ред во рамки на јубилејот, но никако не смее да се сфати како помалку важна, бидејќи има за цел да ги поттикне младите да истражуваат и да го најдат својот индивидуален стил во уметноста. Професорот Решат Амети во текот на изложбата ќе одржи свое предавање со кое како педагог ќе им ја продлабочи љубовта кон уметноста. МКЦ отсекогаш бил расадник на млади таленти и изложбата е во рамки на оваа програмска определба.
Решат Амети е редовен професор на Државниот факултет во Тетово. Тој е уметник со меѓународно реноме, а за својата педагошка работа, за претставувањето на нашата уметност во странство и за своето сликарство е добитник на највисоката државна награда „11 Октомври“.
– За сликарството на Решат Амети можеме слободно да кажеме дека тоа не е одраз на надворешната реалност, туку тоа претставува внатрешна слика на душата. Тој со своето дело целосно е предаден на модерната уметност, при што сака да нѐ потсети дека ништо не е апстрактно, дека сѐ има свој корен и развиток. Од неговите слики зрачи традицијата на еден чуден и нему својствен начин. Пред нас се апстрактни слики полни со боја и светлина кои нѐ потсетуваат на рачно ткаените килимчиња излезени од рацете на нашите баби, во кои конците тежнеат да направат килимче со идеална убавина за да ја наполнат нашата душа, затоа што и основна цел на уметникот е да создава убавина. Не случајно еден голем дел од неговиот циклус на слики има наслов „Од традицијата“.
Неговите слики, всушност, претставуваат претопување на традицијата со модерното, при што не можеме да поставиме јасна граница каде почнува едното, а каде завршува другото. Кога ќе го погледнеме, пак, другиот циклус на слики именувани како „Енигма“ или слободно можеме да ги именуваме како магија, слики на темата геометриска апстракција која авторот ја нарекува „лирска апстракција“ со што јасно нѐ упатува во светот на психичката реалност и поетиката во неговите слики.
Нема сомнение дека Решат Амети е сликар на тајната, на магијата, која на своите платна ни ја разоткрива преку намазот на бојата и светлината. Затоа за неговото сликарство можеме да речеме дека претставува внатрешна слика на душата. Неговите имагинарни предели на душата тежнеат кон убавина, која гледачот треба да ја впие во себе, за да може да го почувствува величествениот момент на светлината. Затоа што, само преку нејзе можеме да го осознаеме светот кој нѐ опкружува, но и духовниот свет кој ги осветлува нашите души, на кој целосно му е посветено сликарството на Решат Амети – напиша рецензентот Климе Коробар.