Неподносливата мекост на диктатурата

14.03.2011 14:26
Неподносливата мекост на диктатурата

„Тоа што Русија го има денес не е демократија туку мек, либерален авторитаризам“ напиша познатиот полски дисидент Адам Михник по средбата со Путин.

Дали авторитаризмот на Мубарак, Гадафи или другите диктатори надвор од Полска може да се окарактеризира како мек? Секако дека може. Туѓиот авторитаризам секогаш е мек, а демократијата, кога е своја, често знае да биде многу тврда. Туѓите плускавци се помеки од твоите младежи.

А, колку за споредба, требаше да се побара и некој тврд авторитаризам. И Михник го најде: „Денешна Москва не може да се спореди со Москва од 1937 г.“, пишува тој.

Да не ја започнеше војната Хитлер, неговиот режим исто така би поминал како „мек, либерален авторитаризам“. Патем, со цел да се најде оправдување за Минхенскиот договор, во Европа на тој режим му се даваше токму оваа карактеристика. Хитлеровата мека автократија беше сметана за нешто што може да се прости, па дури и како нешто корисно, што би можело да се искористи против тврдата автократија на Сталин. Исто така се смета дека мекото самовластие на групата од Лубјанка е корисно средство за спречување на руското варварство.

Тврдоста на каменот се мери со отпорот на дијамантот. А на нормалниот живот на луѓето се спротивставува злосторството на секоја диктатура без оглед на степенот на нејзината тврдост, и разговорите за некакви си неверојатни опасности не се ништо друго освен обична демагогија. Диктатурите стануваат меки кога со своето делување почнуваат да ги уништуваат нормите. И не е тоа мекост на беззабо момче. Тоа е мекост на сит човекојадец. Ако Хитлер, наместо да ја започне војната, полека, со текот на годините, до 1945 г. успееше да ги истреби сите Евреи и комунисти, како што веќе ги истреби сите комунисти-Евреи, неговата диктатура би станала и останала мека. Деспотизмот е како англиски тревник: на почетокот се потребни груби и валкани дела за чистење на разниот природен коров и треви, а потоа останува само редовното кратење и мекото израмнување.

Мекиот кремлински авторитаризам од 2000-те е само израмнување на она што веќе е засадено во 1990-те. Се разбира, за некој 1990-те беа години на зло богатење, но за стотиците илјади убиени (и нивните блиски) жители на Русија тоа беа години на војна, вистинска војна во Чеченија, вистински огнени истрели во вистинскиот Бел дом и вистински убиства на вистински новинари.

Излегува дека е доволно да се причека малку, или поточно, само да се преживее и уште малку да се поживее. Доволни се година-две да се објавуваат потресни спомени и тажни помени во весниците за тоа дека нивниот новинар маченички го убила нашата сопствена војска, а потоа, дури и ракувањето со убиецот повеќе не претставува некој посебен проблем. Таа постапка се нарекува – „омекнување“. Но дали авторитаризмот омекна? Не би рекол. Совеста е онаа што омекна, а не авторитаризмот.

„Мекиот авторитаризам“ не убива со железо. Тој веќе го поминал тој стадиум. Лишувајќи ги луѓето од можноста вистински, а не потемкиновски, да зборуваат и делуваат, секојдневно, меко и систематски ги убива. „Меко“ на англиски значи soft. Зборот soft често се користи за изразот soft porno – мека порнографија. Овој израз поради нејасни причини на руски се преведува како „мека еротика“, иако еротиката во суштина и е мека порнографија. Како што суштината на судскиот процес против Ходорковски е порнографија и со покривач и без него, така и суштината на мекиот авторитаризам на Путин е еднаква и со дозволените протестни митинзи за заштита на Ходорковски и без нив. Праведноста е силувана, човекот е лишен од слобода, а човечноста јавно е подложена на потсмев.

Но она што е најстрашно во текстот на Михник е повикувањето на Москва од 1937 г. За Русија „1937 година“ е истото што е Аушвиц за Германија и остатокот од светот.

Во што е смислата на Аушвиц? Зошто се вели дека „теологијата после Аушвиц“ станува невозможна, дека „филозофијата после Аушвиц“ на многумина им се чини бесмислена? Дали Аушвиц нè научи на тоа дека шест милиони убиени луѓе е квантитативната граница преку која може да се каже дека авторитаризмот е цврст? Значи, со шест милиони убиени авторитаризмот е цврст, а со неколку стотици илјади загинати Чеченци (и не само Чеченци) авторитаризмот е мек?

Не. Лекцијата од Аушвиц ни го вели токму спротивното. Не треба да чекаме да се појави втората жртва, бидејќи временското растојание меѓу втората и шестмилионската е толку кратко колку што може да биде плачот на човечката душа. Подеднакво е скапоцен животот на остарениот, паметен и денес уважуван и добро обезбеден Полјак Михник и голобрадиот, необразован и сиромашен Чеченец кого го убија по наредба од Кремљ додека берел плодови. И не е важно кој го истрелал куршумот, Русин или Чеченец. Прстот кој го повлекува чкрапалото нема националност.

Срамно е да се мери мекоста на беззаконието преку бројот на луѓе испратени во затвор. Секој човек има право да го нарекува „мек џелат“ или „либерален џелат“ само својот личен џелат. Туѓиот џелат е недозволиво да се нарече така.

Зборот „либерален“ во текстот на Михник за жал го означува истото што во современиот руски јавен говор го означува зборот „евтин“. „Демократски цени“, „либерални цени“, „евтино“, т.е. „со лош квалитет“, се зборови кои значат дека оделото што го носиме брзо „станува износено“. Зарем Михник навистина мисли дека рускиот либерализам е безвреден или, во најдобар случај, вреди колку една обична крпа? Не верувам, зашто едно е сигурно: Михник не е глупав. Во Русија никогаш немало никаков либерализам, и да се оценуваат неговите квалитети денес е невозможно. Разните имитации – да. Нив ги имало и сè уште ги има. Но според фалсификатите не може да се суди за оригиналот.

„Либерален авторитаризам“ е авторитаризам до кој евтино се дојде и затоа тој многу брзо, како износен, ќе заврши онаму каде што му е местото – на историското ѓубриште. Ете што имал Михник предвид, а јас не можам да му се спротивставам на тоа. Современиот руски авторитаризам многу скапо ги чинеше неговите творци. За да го создадат, многу луѓе мораа да бидат убиени, осакатени и морално унаказени, и тоа е, всушност, неговата вистинска цена. Но да се надеваш дека овој авторитаризам набрзо ќе се потроши е исто како да се надеваш дека бледиот челичен ланец ќе се скине побрзо од некој скап блескав златен ланец.

Михник се нарекува себе си антисоветски русофил. „Антисоветски“ – да, и за тоа му благодарам од сесрце. Бидејќи и нема многу луѓе од негов формат кои се подготвени да го наречат рускиот авторитаризам со вистинското име – авторитаризам, а патем да не заборават да ги забележат неговите роднински врски со советскиот авторитаризам. А „русофил“... Да се сакаат Русите и Русија не значи да се сака деспотизмот во меко руво и дотераните дворски либерали, произведени во кремлинската политичка лабораторија за да му се угоди на Михник и сличните на него. Да се сака Русија значи да се сака слободата. Ако има слобода – ќе ја има и Русија. Ако има авторитаризам, макар бил мек и како облак – нема да ја има Русија. Неа, всушност, ја нема и сега, и затоа не треба со меките приспивни песни да се спречуваат оние кои со сите сили се трудат, на крајот на краиштата, и да ја создадат.

Извор: Грани.ру

Слики: Џеремаја Хамфрис

Леле пак диктатура, тровање

Леле пак диктатура, тровање

Е ова е текст. Интелектуалци

Е ова е текст. Интелектуалци учете. Свештеници гледајте.

ОкоБоли главаВицФото