1010 hPa
45 %

18 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:59
Историска фотографија од споменикот на жртвите на нацистичкиот логор на смртта Треблинка
Пренесено од: Дојче Веле
Никој не се сеќава какви биле 10-ти или 11-ти март 1943 година - топли и сончеви како денес, облачни или постудени. Ги паметат само по ужасните настани. Го паметат 10-ти март како ден во кој за последен пат македонските Евреи прошетале по калдрмите на локалните чаршии, пазарувале или разговарале со соседите, без да наслутат дека дека за неколку часа се ќе биде поинаку за нив и нивните деца.
Пред 82 години, ноќта кон 11-ти март, собирани од куќа до куќа од бугарските окупаторски власти по барање на германските нацистички сили, 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип биле донесени до зградата на Монополот во Скопје, каде останале затворени до големиот транспрот. Потоа во три железнички транспорти, биле депортирани во нацистичкиот логор Треблинка, во окупирана Полска. По шест дена патување во мрачните вагони, стигнале во логорот од кој никогаш не вратиле. И повеќе од една година никој не знаел ништо за нивната судбина.
Доказ за депортацијата на македонските Евреи од Скопје на документ на бугарскиот државен архив
Историјата не е само спомен, таа е и лекција
Ниеден од македонските Евреи не ги преживеал ужасите на гасните комори во Треблинка. Давид, Јаков, Пепо, Жоли, Дора, Мари, Ештер - различни се само имињата, но трагедииите подеднакво ужасни и болни. Вкупно, 98 отсто од македонските Еври биле убиени за време на Втората светска војна.
Скулптура составена од 7.144 нишки од монистри, по една секоја жртва, секој ден испраќа порака од Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија - да не се повтори и да не се зборави.
„’Никогаш повеќе’ не е само фраза, тоа е залог. Да не дозволиме минатото да се повтори. Нека споменот на жртвите биде вечен“, порача таму премиерот Христијан Мицкоски, на вчерашната комеморација на депортацијата на македонските Евреи.
„Денес стоиме со почит, тага и надеж, сеќавајќи се на жртвите од Втората светска војна и трагедијата на Холокаустот, која не ја одмина ниту Македонија. Над 7.000 македонски Евреи беа депортирани во логорот Треблинка, а нивниот живот, историја и култура беа насилно прекинати. Но, историјата не е само спомен, таа е лекција. Нашата обврска е да ја зачуваме вистината, да се спротивставиме на заборавот и да градиме општество засновано на толеранција, правда и меѓусебно почитување“, ја објави премиерот неговата порака на Фејсбук.
Пат до смртта: Оваа пруга водела директно до германскиот концентрационен логор Треблинка
Мирот и соживотот немаат цена
И во Битола со неколку настани беше одбележана 82-годишнината од депортацијата на битолските Евреи, во организација на Еврејската заедница на Република Македонија, со поддршка на Оопштина Битола. По посетата не Еврејските гробишта и комеморативната програма во Советот на општина Битола, бројни делегации меѓу кои и од Владата и Собранието, положија цвеќе пред Споменикот на жртвите на холокаустот од Битола и пред споменикот на Естреја Овадија-Мара. Одбележувањето заврши на железничката станица во Битола, местото од каде што пред 82 години, 3.351 припадник на битолските Евреи, биле депортирани во логорите на смрттa.
„Одговорноста на сите нас, како поединци и како општество во целина, е да не дозволиме страдалните приказни од минатото да се повторат, да се бориме против неправдите, омразата и дискриминацијата“, рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. „Битола оддава почит 82-ра година по ред од холокалустот, однoсно од депортацијата на над 3.300 наши сограѓани, еснафи, млекари, занаетчии, сите оние кои ги споделувале битолските улици со жителите на градот. На тие мрачни моменти се потсетуваме денес и ова е незаборав за се она што било заедничко живеење во овој град, град на мултикултурата. Ова е уште една опомена до сите нас, дека соживотот нема цена, дека пријателството, заедништвото, мирот и соработката се атрибутите кои треба да ги почитуваме секојдневно“, порача градоначалникот на Битола пред пристутните, меѓу кои и претставници на еврејски здруженија од Израел.
Делегации денеска ќе положат цвеќе и пред Споменикот на депортираните Евреи од Штип, а утре и во Скопје пред Споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи и на Еврејските гробишта.
Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи во Скопје
Спасени 50.000, ама депортирани и убиени над 11.000
На депортацијата на македонските Евреи вчера се осврна и Александар Оскар, претседател на „Шалом“ - Организација на Евреите во Бугарија. По маршот во Софија насловен „Ние се сеќаваме“, на кој биле одбележани 82 години од спасувањето на бугарски Евреи и искажана почит кон Евреите што беа убиени во нацистичките логори, Оскар порачал дека овој ден е лекција за сите - како треба да се однесуваат во тешки моменти.
„Пред 82 години, бугарскиот народ, водачите на Бугарската православна црква, одржаа лекција за хуманост, која треба да ја паметиме и да ја пренесеме на секоја генерација. Исто така, не треба да забораваме дека злото секогаш чекори зад доброто. Така, кога се потсетуваме за 50.000 спасени бугарски Евреи, не треба да ја заборавиме судбината на оние 11.300 Евреи од Северна Грција и Северна Македонија кои беа депортирани и, за жал, безмилосно убиени во логорот Треблинка“, ја пренесоа изјавата на Оскар бугарски медиуми.